за

Новиот Seat Leon стартува од 19.500 евра

Seat Leon има една од највпечатливите појави во компакт класата, а нашата блискост со шпанскиот темперамент во овие автомобили направи моделот да постигне одличен успех во сите генерации досега. Сега е ред на генерацијата со фамозната MQB evo платформа.

Новиот Seat Leon стартува од 19.500 евра

Шпанскиот компакт го комплетира триото модели на концернот Volkswagen. По новодојденецот во компакт класата, Skoda Scala, и по кралот на компактите, VW Golf, сега и Seat Leon стартува со продажба на македонскиот пазар. Се чека уште премиум-компактот, Audi A3. Кус преглед на моделските изведби, моторите, цените и опремата.

Seat Leon важи како македонски феномен, уште откако првата генерација на моделот врз платформата од тогашниот Golf IV стартуваше со продажба на самиот крај на минатиот милениум. Уделот што шпанскиот компакт со текот на годините го постигнуваше во продажбата на нашиот пазар беше далеку над уделот во соседните земји, но и над уделот на најголемите пазари во Европа. Модел чиешто пристигање во новата моделска генерација секако дека привлекува големо внимание на сцената.

Чисто во основните бројки, моделот од четвртата генерација во должина порасна за 86 mm (сега 4.368 mm), додека плусот во меѓуоскиното растојание изнесува 50 mm (2.686 mm). Стандадната зафатнина на багажникот не се промени, со 380 литри, но порасна просторот по соборувањето на задната клупа (1301 литри наспроти 1210 литри). Во изведбата со 1,0-литарски TSI со 115/110 КС и во ниво на опрема Style, тежината на шпанскиот компакт се зголеми за околу 70 килограми. Главната промена сепак е во преоѓањето на платформата MQB evo од актуелниот Golf. Повеќе за Leon со фабрички код KL може да се прочита во нашата објава за премиерата на моделот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Бројките“ за Seat Leon сега се комплетни со објавувањето на ценовникот за македонскиот пазар. Понудата на Порше Македонија започнува со Seat Leon 1.0 TSI со 90 КС, со 5-степен мануелен менувач и со ниво Style. Цената за основната моделска изведба е 19.536 евра. Следен мотор е 1.0 TSI во изведба со 110 КС и со 6-степен мануелен менувач, со цена од 20.281 евра. Добар потег е тоа што Seat остава простор да се „игра“ со повеќе опрема или со помоќен мотор. Турбо-бензинецот со 110 КС може да асе комбинира и со врвните две нивоа на опрема, Xcellence и FR. Во тој случај, цената на Leon со овој мотор изнесува 21.769 евра, за двете нивоа – разликата е во тоа што едното ниво става повеќе нагласок на комфорот и елеганцијата, додека FR традиционално оди на спорт и на шпански темперамент. Разликата во цената меѓу нивоата FR/Excellence и Style изнесува сосем разумни 1.488 евра. Тоа дополнително ќе ги задржи потенцијалните купувачи во Seat.

За посилен бензинец и менувач DSG, сепак мора да се избере FR, кој единствено е достапен со 1.5 TSI со 150 КС, со цена од 23.234 евра. За 7-степениот менувач со двојна спојка се доплаќа 2.960 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Понудата од дизели се сведува на 2.0 TDI, во верзија со 115 КС (23.041 евра во ниво Style) или со 150 КС. Исто како кај бензинците, моторот со 150 КС се нуди единствено во нивото FR. Со 6-степен мануелен менувач, Seat Leon во оваа погонска конфигурација чини 24.596 евра.

Радува мошне богатото ниво на опрема уште во Style, што воедно е традиционална доблест на шпанската марка. Секој нов Seat Leon на македонскиот пазар ќе вози со алу-бандажи од најмалку 16 инчи, со двозонски клима уред, електрична паркирна сопирачка, пристап и старт без клуч, диодни предни светла и магленки, инфо-забавен систем со дисплеј од 8,25 инчи, темпомат, повеќефункциски волан обложен со кожа, потпирач за рака напред и уште бројни други ставки.

Во топ-нивоата Xcellence/FR следат уште бандажи од 17 инчи, хромирани рамки на прозорците и дополнително затемнети стакла, дигитални инструменти, собирање на ретровизори, диодни задни светла, паркинг сензори назад, алу-плочки на праговите и др.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Готови пакети опрема, со ценовна предност наспроти одделно нарачување ставки, се нудат во сите три нивоа на опрема – пакетот за Style се состои од паркинг сензори напред и асистенција при паркирање, собирање на ретровизори, комплетно диодна техника за сите светла, бандажи од 17 инчи и затемнети стакла за 1.062 евра. Тоа е заштеда од 1.320 евра, затоа што одделното нарачување на овие ставки би чинело вкупно 2.382 евра. Истото важи и за двете топ-нивоа, со тоа што кај нив следат повеќе ставки.

Новина во гамата е изведбата со приклучен хибриден погон Seat Leon 1.4 e-Hybrid со системски 204 КС, којашто шпанската марка ќе ја комерцијализира во текот на летово. Во понуда се наоѓа и верзија со благ хибриден погон, со 48-волтен стартер-генератор, со 1,5 TSI. Секако дека најспортските модели сега се водат под марката Cupra, каде што на располагање стојат верзија со 245 КС (приклучен хибрид), со 300 КС или 310 КС (само со комби изведбата SportsTourer).

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Камион за собирање отпад во чекор го следи комуналниот работник

Камион за собирање отпад во чекор го следи комуналниот работник

Skoda Octavia се произведуваше во Чиле пред 50 години

Непозната историја: Skoda Octavia се произведуваше во Чиле пред 50 години