Вообичаено за концернот од Волфсбург, новиот Seat Leon следи кусо по премиерата на VW Golf. Шпанскиот компакт ќе се појави во продажните салони на Seat во април, пораснат за близу десет сантиметри, достапен и во изведба со хибриден погон, но и со метан.
Позициите во квартетот компакти на концернот Volkswagen се променија, откако паралелно со нив почна да се оформува и група електрични компакти. Факт е дека Golf 8 се разви во техно-презентер, за да му парира на електричниот ID.3, во исто време пристигна Skoda Scala како чесен компакт и ја притисна Octavia да биде поверодостоен модел од средната класа, додека улогата што ќе ја добие Seat Leon со последните стратешки преместувања штотуку почнува да се наѕира, по премиерата на неговата четврта генерација.
Во изгледот се сменија многу работи. Носот сега го прикажува препознатливиот стил на Tarraco, со ниска маска и светла што се извлечени наназад. Диодните светла се вградуваат стандардно, со доплата следи диодна техника за сите функции на светлата.
Светлечка лента по целата ширина на опашот, но само со доплата
Најубавата страна на новиот Seat Leon е на крај. Како што е тековниот тренд, назад има светлечка лента по целата ширина, вклучувајќи динамични трепкачи и малку драматика при отклучувањето, но овие ефекти следуваат само со доплата. Во основната изведба има обичен рефлектор меѓу двете задни светла, исто како кај Tarraco.
https://photos.app.goo.gl/ReEiLEWMufjv23V16
https://photos.app.goo.gl/Y4daQxMbj6ths6xH7
Во споредба со претходникот што го имаше своето деби пред осум години и се продаде во повеќе од еден милион примероци, новакот има сменети пропорции. Предните столбови се повлечени наназад, а носот е продолжен. Должината сега изнесува 4,37 метри, односно близу девет сантиметри повеќе од порано, додека комбито порасна на 4,64 метри. Голем дел од овој пораст отпаѓа на меѓусокиното растојание, коешто е продолжено за 50 милиметри и сега изнесува 2,69 метри. Истата вредност ја има и новата Octavia, чијашто основа исто така ја сочинува платформата MQB-evo. Golf 8 останува на 2,64 метри. Ширината е смалена за 17 милиметри, но тоа и не се забележува.
Шпанците биле уште похрабри во отстранувањето на копчињата во кокпитот
Кокпитот е изведен минималистички, речиси сите копчиња се отстранети. Во споредба со Golf 8 се изоставени дури и копчињата за брз пристап до главните функции покрај прекинувачот за безбедносни трепкачи. Средишниот дисплеј е поставен повисоко и подобро е видлив. Уште еден заеднички детал со Golf 8 е малечката рачка на DSG-менувачот.
https://photos.app.goo.gl/fcsVzWhkJiFUZFbG8
Патниците на задната клупа ќе седнуваат и стануваат полесно, а воедно добиваат и повеќе простор. Тоа е заслуга главно на петте сантиметри што Leon ги има како плус во меѓускиното растојание во споредба со Golf 8.
Багажникот со своите 380 литри нуди иста зафатнина како Golf, но затоа Leon има предност кога ќе се соборат задните седишта и се добиваат 1.300 литри. Комби изведбата Leon ST е шампион во тој поглед и со 617 литри нуди дури и 30 литри повеќе од претходникот.
Основната изведба на Seat Leon уште се испорачува со класични инструменти, на радост на традиционалистите
Leon е првиот модел на Шпанците со целосно вмрежување. Таблата со инструменти е дигитална со пречник од 10,25 инчи и со приказот на неа се ракува преку десните копчиња на воланот. За разлика од Golf, основната изведба поседува аналогни инструменти.
https://photos.app.goo.gl/KBD9hSekefZQpFwE6
Средишниот дисплеј во основната изведба има пречник од 8,25 инчи. Со доплата, на негово место доаѓа дисплеј од 10 инчи, со навигација, Android Auto и безжичен Apple Carplay. Системот е развиен засебно во Seat. Преку говорни команди може да се ракува и со климатизацијата. Во стил на „Еј, Мерцедес“ кај MBUX, тука системот се активира преку „хола, хола“. Од средината на јуни ќе се нуди и Amazon Alexa. Сензорските копчиња за светлата, лево под воланот, идентични се со Golf 8. Тоа што во Leon не може да се добие ниту со доплата е проекциски дисплеј.
Електрификацијата доаѓа масовно во новите генерации модели, од благ хибрид до плагин со досег од 60 km
Понудата од мотори е најразновидна, од TSI, TDI и TGI на метан, преку благи хибриди, до плагин хибрид, што е првпат во шпанската марка. Понудата стартува со трицилиндарски 1.0 TSI со 90 или 110 КС, над него следи 1,5 TSI со 130 или 150 КС. Најмногу моќ испорачува 2.0 TSI, со 190 КС. Врвот секако ќе му припаѓа на Cupra Leon, чијшто детали ќе бидат објавени посебно.
https://photos.app.goo.gl/fcsVzWhkJiFUZFbG8
Дволитарскиот TDI се нуди во три верзии на силина, сите со издувна норма Euro 6d. Верзијата со погон на метан постигнува 130 КС и со полн резервоар со пририден гас под притисок вози до 440 километри. Комплетно се нови двата благи хибриди, со 1.0 TSI со 110 и 1.5 TSI со 150 КС, во комбинација со DSG. Стартер-генераторот и батеријата работат под напон од 48 волти. Плагин-хибридот е изведен исто како кај Golf 8, со 1.4 TSI, со системска моќност од 204 КС и со досег на струја до 60 километри.
Како е позициониран новиот Leon во четворката компакти на конфернот од Волфсбург ќе се покаже по објавувањето на цените. Се очекува шпанскиот компакт да биде за нијанса подостапен од Golf 8.
https://photos.app.goo.gl/Ao1UXjeD3emrNLR19
https://photos.app.goo.gl/Fm5oQx48yf9nywoh7
https://photos.app.goo.gl/f8b9MhELatQjk7ZKA
https://photos.app.goo.gl/dgMH8yhqsfNnyCpm9
https://www.instagram.com/p/B73-XfZKOvF/
















