Фабриката на General Motors во Детроит доби инвестиција од 2,2 милијарди долари како чекор што ќе води кон тоа овие погони да станат први во рамките на концернот што ќе бидат целосно посветени во производството на електрични автомобили.
General Motors повеќепати имаше обиди за целосна пресвртница во автомбоилската бранша, со прочуениот GM EV1, a потоа и со првиот Chevrolet Volt, со вистинска мистерија околу одолговлекувањето на неговиот пазарен старт. Овојпат нема назад. Американскиот џин инвестира 2,2 милијарди долари во фабриката во Хамтрамк, Детроит, во производство на цела гама пикапи и СУВ-модели со погон на струја.
Како што објавивме неодамна, првиот електричен пикап на GM ќе биде во стилот на култниот Hummer и веројатно ќе се води како подмарка на GMC. Тоа се очекува да биде соопштено за време на „супербоулот“ кој почнува во следната недела. Од компанијата засега се потврдува единствено дека станува збор за пикап со погон на струја, чиешто производство ќе стартува кон крајот на 2021 година.
Кусо по пикапот на батерија ќе следи и Cruise Origin, целосно автономно возило со погон на струја, меѓу другото наменето и како роботско такси, коешто беше претставено во минатата седмица во Сан Франциско. Детроит-Хамтрамк ќе биде првата фабрика на GM во којашто ќе се произведуваат единствено електрични возила.
Кога ќе заврши пренамената на фабриката, инвестицијата ќе создаде повеќе од 2.200 работни места во добро платената автомобилска индустрија во земјата. Дополнителни 800 милиони долари ќе се вложат во погоните на добавувачите и во други проекти.
Батериите ќе пристигаат од фабриката на партнерот LG Chem во Охајо
Батериите за електричните возила на GM ќе пристигаат од партнерскиот LG Chem, кој инвестира 2,3 милијарди долари во производство на батериски ќелии во Лордстаун, Охајо. Голема поддршка за производството во Хамтрамк пристига и од сојузната држава Мичиген, со цел таа да остане еден од главните светски центри на автомобилизмот.
Во Хамтрамк моментно во една смена се произведуваат Cadillac CT6 и Chevrolet Impala. Фабриката ќе мирува неколку месеци додека се врши трансформацијата. Од отворањето во 1985 година тука се произведено повеќе од 4 милиони возила.
https://www.instagram.com/p/B1oYqnlnqA0/
https://www.instagram.com/p/B56QNX3FHxT/