Големите производители на автомобили го шират бизнисот. Тие мораат да инвестираат во нови услуги, затоа што трендовите во мобилноста ќе се менуваат драстично во следните години. Гиганти од други бизнис подрачја се повеќе сé вмешуваат. Зад кулисите се води и жестока борба за обезбедување непроценливо вредни податоци од корисниците.
Најголемиот производител на автомобили во светот, за неколку месеци ќе стартува со сопствена компанија за јавен превоз. Жителите и посетителите во германскиот пристанишен град Хамбург, од април ќе можат да ги користат услугите на Moia, компанија на концернот Volkswagen, специјализирана за новиот вид на услуги на превоз. Во почетокот во градот ќе сообраќаат стотина патнички комбиња со електричен погон и шест седишта, кои ќе се повикуваат преку мобилна апликација. Само неколку месеци подоцна, во Берлин треба да започне услугата „We share“, со возен парк составен од 1.500 примероци од електричниот VW e-Golf, кои ќе може да се користат и на само неколку минути, и потоа да се остават на кое било јавно паркиралиште во близина.
Тренд во светските метрополи е жителите да не го користат сопственото возило, туку да изнајмуваат возило само кога тоа ќе им биде потребно. Во основа постојат два вида услуги: Carsharing, односно користење на јавно достапен возен парк, кога корисникот вози сам, и Ridesharing, кога повеќе лица патуваат заедно до одредиштето или до одредена локација во тој правец. Двете услуги се базираат врз посебни мобилни апликации. Предноста е во тоа што не мора да се бара паркиралиште (и да се плаќа за паркинг), потоа возилото не се малтрерира во градскиот метеж, а на крајот, иако тоа не е најмалку важно, цената честопати е пониска отколку користењето класично такси.
Новите услуги на мобилност, како Uber и слично, водат кон намалување на продажбата на возила; Поради тоа, моќните концерни мораат сами да се вклучат во промените, и тоа им успева добро
Тоа не е добра вест за производителите на автомобили, затоа што на тој начин се намалува продажбата. Од таа причина, големите концерни сами се впуштаат во вредниот и надежен бизнис. Пазарните аналитичари ценат дека светскиот бизнис со автомобили во 2030 година ќе вреди 6,6 билиони евра. Една четвртина од растот ќе доаѓа од новите услуги за мобилност, од електричниот погон и од роботските автомобили.
Европа уште доцни зад светот. Кинеската компанија Didi Chuxing организира 7,5 милијарди возења на годишно ниво, познатиот Uber постигнува околу 4 милијарди, додека Grab, компанија активна во југоисточна Азија, посредува за 2,2 милијарди возења годишно. Сите овие компании се нови, но многу моќни „играчи“ во светски рамки. Toyota лани инвестираше една милијарда долари во Grab и половина милијарда во Uber. Но, конкуренцијата на јапонскиот гигант повеќе сака да го има бизнисот во свои раце.
Производителите на автомобили не сакаат да им го препуштат вредниот бизнис со податоци на новоформирани компании
Автомобилските концерни моментно водат жестока борба со интернет-концерните, од рангот на Google, којашто има за цел да се обезбеди сопственост над кориснички податоци од непроценлива вредност.
Но, зошто овие податоци кои ги оставаат корисниците им се важни на компаниите? Кинеската платформа за мобилност Didi Chuxing има половина милијарда регистрирани корисници. Податоците што ги оставаат овие корисници, понатаму може да се користат за осмислување на нови или подобрени услуги за мобилност, кои уште повеќе ќе одговараат на потребите и желбите на корисниците. Тоа се основните начела во дигиталниот свет.
Конкурентите Daimler и BMW ги здружија своите платформи за „carsharing“
За да располагаат со уште поголема база од корисници, жестоките конкуренти Mercedes и BMW неодамна ги здружија своите платформи за користење јавен возен парк Car2go и DriveNow. Заедничката мобилна апликација на двете компании моментно им стои на располагање на повеќе од 4 милиони корисници, кои добиваат пристап до 20.000 возила во 30 градови ширум светот. Истата ќе нуди и можност за резервирање паркинг, барање полнач за струја, carsharing, ridesharing…
Но, вистинската револуција ќе се случи дури откако роботските автомобили ќе почнат да се движат по улиците. Тие се одлични за компаниите, затоа што отпаѓа најголемиот трошок, а тоа е ангажирањето возач. Според Uber, шест до седум десетини од трошоците отпаѓаат на плати за возачите. Уште е голема неизвесност, кога тоа ќе се случи.
Гигантот Google, односно сестринската компанија Waymo, најави дека во 2021 година ќе започне со производство на роботски автомобили во американската сојузна држава Мичиген. Во фабриката ќе се вршат преправки на ванот Chrysler Pacifica, односно на електричниот Jaguar I-Pace. Тоа ќе опфати околу десетина илјади возила. Во првиот чекор.
https://www.instagram.com/p/BtdpbI2BCZQ/
https://www.instagram.com/p/Bt3OMPQl3Xq/
Програмерите ќе одговараат за незгодите на роботските автомобили?
Volvo сака роботските автомобили да ги заменат авионите
Ford испорачува храна со роботски автомобили во Мајами
Како полицијата ќе ги запира роботските автомобили?