
Продолжува растот во продажбата на нови возила на македонскиот пазар, дури и во време кога веќе се исцрпени залихите од нарачки што се натрупуваа во чип-кризата, кога и по една година се чекаше на испорака на нов автомобил.
Во услови кога статистиката веќе со години наназад е во постојани почетнички обиди да ја следи продажбата на нови автомобили на македонскиот пазар, неоспорно е дека продажбата на нови возила напредува. Според неофицијални податоци, на коишто државата нема ставено печат, во јули во Македонија се продадени 647 патнички автомобили и уште 117 доставни возила, односно вкупно 764 нови возила.
Во споредба со истиот месец лани, кога биле продадени 438 нови патнички автомобили и 50 доставни возила, јулската продажба годинава пораснала за 47,7 проценти кај првите, и за дури 134 проценти кај вториве. Во стандардното пазарно следење, зголемувањето во продажбата на доставните возила обично се поврзува и со напредување во економијата, затоа што фирмите се тие што имаат потреба од нови или дополнителни возила во својот возен парк.
Домашниот автомобилски пазар е мошне мал и отстапувањата од месец во месец може да достигнат големи екстреми. Затоа, вистинската насока во којашто се движи пазарот се согледува ако се земе продажбата во првите седум месеци. Според тоа, од јануари до јули, во Македонија се продадени 3.888 нови патнички автомобили и 634 нови доставни возила. Во споредба со истиот месец лани, тоа е напредок од 38,4 проценти кај автомобилите и 55,4 проценти кај фургоните.
Вкупно во првите седум месеци од 2024 година се продадени 4.522 нови патнички и доставни возила, за 40,5 проценти повеќе од истиот период лани. Доколку продолжи сегашната динамика, годинава би можела да заврши со близу 7.800 нови возила.
Неофицијалната статистика за јули ги наведува следните податоци.
Најпродавани марки патнички автомобили
Шкода: 95 возила
Пежо: 72 возила
Хјундаи: 50 возила
Опел: 46 возила
Тојота: 44 возила
Киа: 43 возила
Најпродавани марки доставни возила
Фиат: 29 возила
Опел: 22 возила
Продажбата по модели ќе ја објавиме за неколку денови, штом пристигнат податоците.
За споредба, наспроти статистичкото бунило за македонскиот автомобилски пазар, податоците до коишто Аутомедиа може во секое време да пристапи за германскиот пазар, со месечни и годишни биланси:
Марка
Моделска серија
Вкупно продадени возила
Од нив
- со дизел мотор
- со хибриден погон и со приклучен хибриден погон
- со хибриден и приклучен хибриден погон со бензински мотор
- со хибриден и приклучен хибриден погон со дизел мотор
- со хибриден погон, бензин (без приклучен хибриден погон)
- со хибриден погон, дизел (без приклучен хибриден погон)
- со приклучен хибриден погон со бензински мотор
- со приклучен хибриден погон со дизел мотор
- со батериски електричен погон
- со погон на сите тркала
- кабриолети
Покрај тоа, достапна е подробна статистика за број на возила што го смениле сопственикот, според еко-нормата, според деловното подрачје (за службени возила), по општини, бои, каросериски изведби, а понатаму се објавуваат и податоци за целиот возен парк.
„Срам ни е кога од приципалот ќе ни побараат да им доставиме статистички податоци за домашниот пазар“
Македонските увозници на нови автомобили, патем, секој месец испраќаат детална документација до државните органи, од којашто наједноставно и рутински може да се извлечат истите статистички податоци што им се достапни на граѓаните, медиумите, институциите, здруженијата за автомобилскиот пазар во Германија. Директор на голема автомобилска компанија во Македонија, во неслужбен разговор: „Срам ни е кога од приципалот ќе ни побараат да им доставиме статистички податоци за домашниот пазар.“
Статистиката е основен инструмент за работа, меѓутоа во оваа земја очигледно (сé уште во овој спасувачки период) се работи малку на државата.















