
Суровиот однос на преговарачите од Европската Унија кон САИЦ е најверодостоен пример дека кинеските компании не се снаоѓаат највешто во деловните и политичките води на Западот.
Од трите производители на автомобили од Кина што беа дел од истрагата на ЕУ, за концернот САИЦ, што ја произведува марката МГ, одредена е дополнителна царинска стапка во висина од 36,3 проценти, за електричните возила што ги продава во Европа.
Тоа е повеќе од двојно во споредба со БИД, коишто ќе плаќаат дополнителни 17 проценти, покрај веќе постоечката царинска стапка од 10 проценти.
Холдингот Џили, каде што припаѓаат Волво, Полстар, Зикр, Лотус и уште бројни марки, ќе плаќа дополнителни 19,3 проценти царина.
Првично предложените вредности на царинските стапки беа незначително смалени во минатиот четврток.
Главната причина за нерамноправниот однос се чини дека се различните „нивоа на соработка“, наведе Европската Комисија во својата предлог одлука напишана на 208 страници, што беше објавена во јули и во којашто единствено БИД е издвоена во посебно поглавје.
Во тоа поглавје посебно се наведува дека одговорите на производителот на автомобили во државна сопственост биле „крајно недоволни“.
САИЦ во своја одбрана наведуваат дека биле загрижени околу безбедноста на информацијата и дека едноставно немале пристап до податоците од некои свои добавувачи, кажуваат лица што биле упатени во предметот.
Потешкотија за Кинезите било и тоа што бараните видови документација им се непознати, а исто била проблем и внатрешната бирократија во Унијата.
Претставници од САИЦ, што надвор од Кина е познат по својата марка МГ, не одговорија на барањата од медиумите. Производителот во минатиот месец сепак објави на друштвените мрежи, дека ЕУ барала чувствителна информација околу бизнисот, како што е доставување хемиска формула за составот на батериите, што не спаѓа во обемот на една истрага.
Млаката реакција на САИЦ кон ЕУ е во чиста спротивност со конкурентите БИД и Џили, коишто ангажираа светски познати адвокатски канцеларии и ги обезбедија сите потребни информации. БИД дополнително ангажирал и политички експерти во Брисел, кажува еден од изворите.
„Кога ќе ги погледнете различните производители на автомобили и ќе видите дека им се одредени различни царински тарифи, тоа е исто како патна карта што ви покажува кој производител има подобри локални односи со јавноста или подобро лобира во влада,“ кажува Стивен Дајер, менаџер во кунсултантската фирма Аликс Партнерс.
Важен фактор претставува отвореноста на производителите да ги прифатат разликите во бизнис културата и да се приспособат според нив, кажува Дајер.
Кинеските производители навистина освоија солиден дел од пазарот на електрични автомобили во Европа, но тие не се толку вешти како моќните компании во кокетирањето со политиката. Истото важи и за испраќањето моќни пораки од големите салони на автомобили, како главна бина на којашто се остваруваат контакти во браншата.
Фактот што компаниите во државна сопственост во Кина имаат и други цели, покрај остварување профит, прави тие да бидат помалку агилни во такви ситуациим, наведува експертот.
Кај кинеските компании секогаш постои веројатноста, нивниот менаџмент да стекне впечаток дека сé е на политичка основа и од тоа да се развие одбивност за секаков вид соработка, вели Дајер.
Соочувајќи се со реалноста дека кинеските производители на електрични автомобили нема да се откажат од своите планови да се прошират во Европа, корисно би било тие подобро да се поврзат со европското цивилно општество и со правните системи, објаснува Грегор Себастијан, виш аналитичар во Родиум Груп.
Некои кинески компании ги потценија политичките и правните предизвици при влегувањето на пазарот во ЕУ и не одвоија доволно ресурси за тоа, додава Себастијан.
Исклученоста на кинеските компании беше очигледна на Европското Шоу за Батерии 2024, трговски саем на којшто се прикажуваат најновите достигнувања во конструирањето на ќелиите и инженерингот.
Кинеските производители беа толку доминантни, што претставуваа повеќе од една петина од вкупниот број изложувачи на саемот што доцна во јули се одржа во Штутгарт.
На тридневниот семинар што се одржуваше за тоа време, одвај неколку кинески спикери се појавија на бината, затоа што нивните колеги од земјата ги одбиваа поканите да зборуваат на собирот.
На кинеските производители ќе им биде потребно извесно време додека се приспособат на новата културна средина за нив, вклучувајќи и одговарање на прашања од медиумите, рекламирање и членство во индустриски здруженија, цени Јохен Зиберт, директор во консултантската куќа ЈСЦ Аутомотив.
Нив уште им е туѓо значењето на локалните новинари, на пример, кои имаат важна улога во привлекувањето на купувачите во Европа, објаснува Зиберт.
Дури и БИД, со најниска казнена царина од сите производители, уште не придава целосно значење на медиумите.
Моќниот производител од Кина сега трпеливо објаснува на својата веб страница дека кратенката НЕВ не се однесува на „електрични возила од соседството“, туку означува „нови енергетски возила“. Кратенката предизвика голема забуна во јавноста, откако производителот беше видлив како спонзор на европското фудбалско првенство и место ЕВ, или БЕВ, што се одомаќени кратенки во Европа, ја користеше кратенката НЕВ, што повеќе е својствена во Кина.
Добро е тоа што производителот од Кина барем посветува внимание во подрачје што подолго време го игнорираат европските ривали.
„Тоа е стара приказна – ако Вас и Вашите пријатели ве брка тигар, не мора да трчате побрзо од тигарот,“ објаснува Дајер. „Едноставно треба да трчате побрзо од пријателите.“















