ЕУ ги скуси царините за увозот на Тесла од Кина, пониски царини и за БМВ и Фолксваген

Во фабриката на Тесла во Шангај се произведуваат три модели: Компактната лимузина Модел 3, кросоверот Модел Уај и неговата продолжена изведба Уај Л, со шест седишта.

Европската Комисија ја смали предложената казнена царина за повеќето од електричните возила што во Европа се увезуваат од Кина. Меѓу нив се Тесла, концернот Фолксваген, БМВ, БИД, Џили и САИЦ.

Во предлог одлуката што беше донесена на 20-ти август, комисијата ја намали на 9 проценти дополнителната царина за лимузините Тесла Модел 3 што во Европа се увезуваат од фабриката во Шангај. Според првичната одлука од јули, за увозот на електричните лимузини на Тесла од Кина требаше да се плаќа дополнителна царина во висина од 20,8 проценти.

Смалени се и дополнителните царини за најголемите кинески извозници во Европа. Меѓу нив се БИД (смалена на 17 проценти), Џили (19 проценти) и САИЦ (36,3 проценти). Новите царински стапки се незначително пониски во споредба со првичната одлука.

БМВ соопшти дека увозот на електричното Мини, што се произведува во заедничката фабрика со Грејт Вол во Кина, ќе биде оптоварен со дополнителна царинска стапка од 21,3 проценти.

За електричната Купра Таваскан од концернот Фолксваген исто така е одредена пониска царинска стапка, во висина од 21,3 проценти. Електричниот СУВ се произведува во Хефеј, во заедничката компанија Фолксваген Анхуеј.

Дополнителните увозни царини за ЕВ од Кина се приклучуваат на постоечката царинска стапка од 10 проценти, што ЕУ веќе ја пресметува за увозот на автомобили од Кина. Овие „казнени“ царини беа воведени по истрагата што Комисијата на ЕУ ја спроведе во Кина, за масивните субвенции што Пекинг им ги овозможува на домашните производители, за нивните возила да бидат поевтини на извозните пазари.

Меѓу останатите компании што соработуваат во истрагата на ЕУ се групацијата Донгфенг – воедно најмасовно застапен производител од Кина на македонскиот пазар – како и Нио, за чијшто електрични автомобили исто така ќе важи дополнителна царинска стапка од 21,3 проценти. За компаниите што не соработуваа со ЕУ, казнената царина ќе изнесува 36,3 проценти.

БМВ ја поздрави одлуката на комисијата, за Спотлајт Аутомотив, заедничката компанија со Грејт Вол Моторс што ги произведува целосно електричните моделчи на Мини во Кина, да се вброи меѓу компаниите што соработуваа со Унијата.

Мини не беше дел од истрагата на Брисел, спроведена пред да бидат одредени дополнителните царини. Тоа значеше дека електричните возила на Мини произведени во Кина автоматски требаше да бидат изложени на највисоката царинска стапка од 37,6 проценти.

Сеат преговара со својот матичен концерн Фолксваген, за стапката за Таваскан да се намали дополнително од сегашните 21,3 проценти.

Комисијата објави дека некои кинески компании што имаат заеднички проекти со производители од ЕУ исто така може да бидат повластени со пониски казнени царини за увозот на ЕВ од Кина. Оттаму е соопштено и дека казнените царини нема да се наплаќаат ретрокактивно, односно нема да се наплаќа царина за сите досега увезени ЕВ од Кина.

Зошто е смалена казнената царина за Тесла

Тесла побара одново да ѝ се пресмета царинската стапка, врз основа на конкретните субвенции што ги добила компанијата. Комисијата потврди дека Тесла има добиено далеку помалку субвенции од кинеската влада, во споредба со домашните производители на ЕВ, што беа дел од истрагата на Брисел.

Помошта за Тесла доаѓала главно преку обезбедување пониска цена за батериите, соопштија од ЕУ. Од програмите за државна помош, компанијата од САД добивала повластена цена за изнајмување на земјиштето, плаќала помалку данок на добивка и добивала разновидни грантови, вклучувајќи ја националната субвенција што патем ја добивале сите извозници од Кина.

Комисијата наведе дека дополнителните царини имаат за цел да се поништи предноста од превисоките субвенции што Пекинг им ги овозможува на кинеските производители на ЕВ. Став на комисијата во јули беше дека Кина ја потпомага индустријата на ЕВ во толкава мера, што им предизвикуа економска штета на европските производители.

Последните промени следат како реакција на забелешките и барањата од производителите на автомобили, откако на 4-ти јули беа соопштени привремените царини. Тесла беше меѓу производителите што бараа пониски стапки, исто како групацијата Фолксваген и БМВ.

По објавувањето на предлот одлуката на 20-ти август, производителите имаат рок од 10 денови да побараат сослушување и да дадат приговори. По тој рок, комисијата ќе излезе со „конечна одлука“ пред државите на ЕУ, коишто потоа ќе гласаат за законот.

Конечните правила е планирано да почнат со примена на 30-ти октомври и истите ќе важат пет години.

Пазарниот удел се смалува

По објавувањето на привремените царини во јули, кинеските производители на автомобили се соочуваат со смалување на пазарниот удел.

Царините веројатно ќе го скусат увозот од Кина за една четвртина, што би значело автомобили во вредност од околу 4 милијарди долари. Така покажува проценката на Мориц Шуларик, претседател за светска економија на германскиот Институт Кил.

Голем дел од европските производители излегоа со став дека се против зголемување на царините. Некои компании, посебно Мерцедес-Бенц и концернот Фолксваген, дури предупредија за дополнителните царини да не се воведуваат, поради опасноста дека тие би поттикнале трговска војна. Кина е најголем пазар за Мерцедес, БМВ и Фолксваген.

За предложените конечни царини ќе се гласа во кругот на 27-те држави членки на ЕУ. Некои држави, како Германија и Унгарија, најавија дека ќе гласаат против, но потребно е мнозинството да покаже таков став.

Конечните царини нема да бидат применети, доколку квалификуваното мнозинство од 15 држави на ЕУ, што претставуваат 65 проценти од населението на Унијата, гласа против новите царини. Тоа е праг што ретко досега бил достигнат, иако станува збор за политички важна одлука.

Во пробното гласање во јули, 12 држави гласаа за дополнителните царини, четири против, 11 беа воздржани.

Кинеското министерство за трговија кажа дека „категорично се противи и мошне е загрижено“ околу наодите од истрагата и дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ги заштити кинеските фирми. Истрагата довела до заклучоци што се базирани врз „факти што еднострано се одредени од ЕУ, не врз факти околу коишто е постигната спогодба“, стои во соопштението од Министерството.

Електрични автомобили во македонските салони

Претходна објаваЕксклузивност по спортска цена: Освежување за петцилиндарецот на Ауди
Следна објаваМерцедес го унапреди родстерот АМГ СЛ во Мајбах

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here