за

БМВ бара пониски увозни царини за електричните Мини од Кина

Мини сега се соочува со дополнителна царина во висина од 37,6 проценти.

Мини ги произведува своите електрични модели Купер и Ејсмен во Кина.

БМВ побара Европска Унија да пресмета пониски царини за увозот на електричните модели на Мини, што се произведуваат во Кина. Тие во моментов се изложени на највисоките царински стапки, по привремената одредба на ЕУ, кажуваат лица што се упатени во случувањата.

Потегот има за цел Мини, односно Групацијата БМВ, да се вклучи во групата од компании што учествувале во истрагата на ЕУ.

Во тој случај, дополнителното царинско оптоварување за Мини би изнесувало 20,8 проценти, место 37,6 проценти, како што е одредено во моментов.

Европската Комисија во минатата седмица објави привремени царини за увозот во Европа на електрични автомобили што се произведени во Кина. Производителите имаат рок да одговорат до 18-ти јули.

БМВ ги произведува електричните изведби од својата комбилимузина Купер и од малечкиот кросовер Ејсмен во Кина, во заедничка компанија со Грејт Вол.

Големосериското производство започна во минатата година, кусо откако ЕУ ја отпочна истрагата по сомневањето дека Кина им исплаќала огромна финансиска помош и други погодности на домашните производители на ЕВ.

Електричните модели на Мини што се произведени во Кина не беа дел од темелната истрага, што значи дека тие по автоматизам се изложени на највисоката царинска тарифа.

БМВ очекува дека електричното Мини на крајот ќе помине со пониска царина. Производителите официјално ќе можат да побараат новите модели што им влегуваат во продажба да бидат оптоварени со пониска царина дури откако наесен ќе се донесат конечните висини на царинските стапки. Привремените царински стапки важат четири месеци, почнувајќи од 4-ти јули.

Во рамките на постапката на ЕУ, секоја компанија што не била опфатена во темелната истрага и бара за неа посебно да се пресметаат царинските давачки, може да поднесе барање за „забрзана постапка“, но само откако ќе се реши конечно за висината на царинските стапки.

Волво Е Икс 30 на тест во Аутомедиа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

БИД во турската фабрика ќе произведува по 150.000 хибриди и ЕВ годишно

Фиат Гранде Панда за 125-годишнината, производството во Крагуевац