Фиат Гранде Панда за 125-годишнината, производството во Крагуевац

Гранде Панда, градски автомобил со изглед на кросовер, ќе биде достапна прво како електричен модел, а подоцна ќе следат изведби со мотор со внатрешно согорување, вклучувајќи хибрид.

Фиат ја прикажа Гранде Панда, малечок градски автомобил со стил на цврст кросовер, што е прв од новата генерација модели на италијанската марка на концернот Стелантис. Извршниот директор Оливие Франсоа, најави дека електричниот модел ќе се продава со цена под 25.000 евра.

Гранде Панда е конструирана врз платформата Смарт Кар на Стелантис, што ќе ја користат вкупно 13 модели од пониската ценовна категорија, од различни марки од концернот, што ќе бидат лансирани до 2026 година.

Како дел од одговорот на заканата од евтините електрични автомобили од Кина, платформата Смарт Кар првпат беше користена за европски модел кај Ситроен Це-3, во почетокот на годината. Платформата подржува изведби со мотор со внатрешно согорување и целосно електрични изведби, како и 48-волтен благ хибрид.

Гранде Панда е првиот од четирите модели што Фиат ќе ги лансира врз таа платформа, вклучувајќи и модел за Јужна Америка. Моделот го имаше своето деби на 11-ти јули, на свеченост во Торино, на денот на одбележувањето на 125-годишнината на Фиат. Италијанската марка првпат ги објави сликите од новиот модел во минатиот месец.

Франсоа соопшти на настанот дека Гранде Панда ја пополнила празнината од малечки семејни модели во понудата на Фиат, откако 500Л си замина од истата пред две години.

Тој кажа дека електричната изведба на Гранде Панда ќе чини под 25.000 евра. Тоа е ценовниот опсег околу којшто се движи Ситроен е-Це 3. Изведбата со 48-волтен благ хибриден погон ќе почнува од 19.000 евра. Шефот најави и класична неелектрифицирана изведба наменета за европскиот пазар. Први пазари на коишто ќе биде достапна електричната Гранде Панда се Франција и Италија, почнувајќи од наесен.

На настанот во Торино, Фиат прикажа и видео-најава на уште два нови модели во понудата од автомобили за светскиот пазар. Тоа беа СУВ и фастбек, прикажани уште во февруари, како концептни возила. Двата модели во моментов се во напредна фаза од развојот и ќе бидат пуштени во продажба во следните години, најавија од Фиат.

„Тие веќе претставуваат конкретна реалност,“ кажа Франсоа.

Тој воедно ја прикажа и изведбата Абарт од новиот компактен електричен модел Фиат 600, којашто ќе почне со продажба наесен. Директорот исто така напомена дека хибридната изведба од 500е ќе пристигне за околу 18 месеци, стартувајќи со посебна изведба со име Торино.

На настанот присуствуваа извршниот директор на концернот Карлос Тавареш и претседателот Џон Елкан, потомок на фамилијата Ањели, како и министерот за индустрија Адолфо Урсо. Присуството на високиот политичар беше изненадување, откако владата го критикуваше концернот поради преселувањето на производство на некои модели на Фиат и Алфа Ромео.

„Не смееме да го превидиме фактот што (Италија) станува автомобилски музеј,“ порача Урсо во својот говор.

Гранде Панда ќе се произведува во фабриката на Стелантис во Крагуевац, Србија. Производството почнува веќе во вторта половина на јули, најави српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за српски ТВ-канал во минатата седмица.

Платформата Смарт Кар може да се користи за малечки и компактни модели, наведуваат од Стелантис, со „став на СУВ“. Платформата нуди зголемено растојание од подлогата (првиот модел за светскиот пазар што беше констуриран врз оваа платформа почна да се продава во Индија во 2021 година, платформата е унапредена кај европските модели) и врз неа може да се изведат модели со место за најмногу седум патници.

Стелантис во јуни посочи дека платформата ќе покрива 55 проценти од глобалниот профитен пул на концернот.

Гранде Панда ќе се нуди заедно со тековното градско мини Панда, коешто ќе се произведува најмалку до 2027 година.

Гранде Панда е конструирана врз платформата Смарт Кар на Стелантис, со зголемено растојание од подлогата и со повисоко седење.

Инспирација од Панда од 1980-те

Некои детали од Гранде Панда беа откриени во средината на јуни. Надворешноста и внатрешноста на моделот се дизајнирани во Чентро Стиле Фиат во Торино. Дизајнот црпи инспирација од Фиат Панда од 1980-те, дизајнирана од Џорџето Џуџаро. Во чест на класичната Панда, на вратите на Гранде Панда се наоѓаат тридимензионално изработени букви со низок релјеф.

Од останатите дизајнерски обележја, Фиат издвојува „комбинација од структурни линии и меки површини, што ги нагласуваат цврстите арки на крилата,“ сребрени заштитни плочи долу, столбови лакирани црно со висок сјај и тркала од 17 инчи со капи со логото на Фиат.

Внатрешноста поседува дигитални инструменти од 10 инчи и средишен дисплеј од 10,25 инчи со овална форма, во чест на тркачката патека на покривот на фабриката Лингото на Фиат, во Торино.

Гранде Панда ќе биде достапна во електрична и хибридна изведба. Со батерија од 44 кВч и електромотор од 83 кВ, електричниот модел ќе постигнува досег од околу 320 километри. Прва во продажба влегува електричната изведба, исто како што беше случај кај Ситроен Це-3, Фиат 600 и Џип Авенџер. Подоцна доаѓаат хибридните изведби.

Гранде Панда е долга 3.990 милиметри, за 25 помалку од сестринскиот модел на Ситроен, а висока е 1.570 и широка 1.760 милиметри. Багажникот нуди зафатнина од 361 литри, а сите прегради во кабината заедно имаат зафатнина од 13 литри.

Тековната Панда, којашто ќе се произведува најмалку до 2027, новата Гранде Панда и историскиот модел од 1980-те.

Гранде Панда располага со интегриран кабел и сопствен полнач од 7 кВ. Спиралниот кабел е сместен под хаубата, со што се заштедува простор во багажникот.

Заедно со Ситроен Це-3, Гранде Панда ќе може да се натпреварува против Дачиа Сандеро Степвеј, варијантата што исто така има стил на кросовер. Сегментот на градските автомобили му припаѓа на Сандеро, со повечќе од 116.000 продадени возила до мај.

Претходна објаваБМВ бара пониски увозни царини за електричните Мини од Кина
Следна објаваПоранешниот дизајнер на Ролс-Ројс избоден до смрт во својот дом

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here