Кина искажа незадоволство поради барањето на Европската Унија, во „многу кус“ рок да се вклучи во консултации за истрагата на ЕУ, во врска со субвенциите што кинеските власти им ги исплаќаат на домашните производители, за нивните електрични автомобили да бидат поевтини на извозните пазари.
Реакцијата доаѓа откако Европската Комисија официјално ја отпочна истрагата, дали да се воведат царини, за европските производители да се заштитат од „навалата“ од увоз на поевтини електрични автомобили од Кина. Комисијата цени дека производителите профитираат од субвенциите што им ги исплаќаат кинеските власти.
Кина е „крајно незадоволна“ со истрагата против субвенциите, затоа што истата не располага со доволно докази и ги прекршува правилата на светската трговска организација, пишува во соопштението што во средата го издаде кинеското министерство за трговија.
Кинеската страна нема добиено соодветен материјал за да се консултира и со внимание ќе ги следи истражните постапки на Комисијата, за да ги одбрани правата и иннтересите на своите компании, се наведува понатаму во соопштението.
Покрај тоа, Кина побара од Европската Унија да ги сочува стабилноста на глобалниот синџир на набавки и стратешкото партнерство меѓу Унијата и Кина, како и да биде „внимателна“ при воведувањето на трговските мери.
The #EU‘s anti-subsidy probe into Chinese #EVs is based on subjective assumptions, lacks sufficient evidence and goes against WTO rules, #China‘s Ministry of Commerce said on Wed, expressing strong dissatisfaction with the EU’s decision. https://t.co/A2kEytcRO4
— Global Times (@globaltimesnews) October 4, 2023
Официјалниот почеток на истрагата на ЕУ е означен со известување до службениот весник на ЕУ, во коешто се наведува дека Кина е поканета на консултациите, но притоа не е наведена временска рамка.
Информациите со коишто располага Комисијата покажуваат дека производителите во Кина профитирале од субвенциите, на штета на индустријата на ЕУ, се наведува во соопштението.
Субвенциите се давани преку грантови, кредити од државните банки по повластени услови, намалени даноци, рабати и даночни ослободувања, како и суровини и компоненти по цени што се поиниски од реалните.
The EU formally launches an anti-subsidies probe into electric vehicles manufactured in China https://t.co/y2Hc1lbDdm
— Bloomberg (@business) October 4, 2023
Субвенциите поттикнаа брз раст на евтиниот увоз во Европската Унија и се претпоставува дека предимензионираните капацитети во Кина во блиска иднина би доведе до уште еден раст во увозот.
Европската Комисија наведува дека уделот на Кина во електричните автомобили што се продаваат во Европа е зголемен на 8 проценти. Се претпоставува дека тој удел до 2025 година би се искачил на 15 проценти.
















