Донгфенг има уште дузина нови модели за македонскиот пазар

Увозникот на Донгфенг за македонскиот пазар, АБЦ Брадер, почнува уште едно поглавје. Ако претходното успешно поглавје го отпочна ДФСК Глори 580, што го смени начинот на којшто сцената ги гледаше автомобилите од Кина, следното такво поглавје треба да го отпочне наследничката Глори 600. Со неа доаѓаат уште бројни новини.

Глори 580 е речиси легенда на македонската сцена. Големо парче автомобил, со способен мотор, одлична опрема и шампионска противвредност. Овој модел ја изгради довербата кон производителите од Кина. Додека Глори 580, модел на ДФСК, се пробиваше со сигурни, но и основни вредности, да се добие колку може повеќе за парите, новата генерација модели веќе додава благородни вредности.

Сето тоа станува јасно кога ќе се погледне новиот Глори 600. Нештата се менуваат постојано во рамките на корпорацијата, па така и моделот повеќе не се води како модел на ДФСК, туку на Фенгон, меѓутоа сé станува поедноставно, кога ќе се има предвид дека сето тоа е Донфгенг. Исто како што Сеат, Шкода се дел од концернот Фолскваген, така и Фенгон, Фортинг, ДФСК, сé е Донгфенг.

Изгледот на Фенгон Глори 600 се движи во сосем друг правец од Глори 580, со прави линии, со згодна геометриска целина, изгледа отмено. Како што потврдија во АБЦ Брадер, Глори 600 е наследничката на 580. Познатиот модел ќе продолжи да се произведува најмалку до завршетокот на годинава. Но, постои можност дека тој ќе остане на производствените ленти уште извесно време, затоа што станува збор за глобален модел, што се продава и во Јужна Америка, во бројни азиски држави, каде што решава побарувачката.

Со цената, новакот веќе допира до звучната граница од 30.000 евра. Сé ќе останеше под знак прашање, дали изгледот е тој што треба да ја оправда повисоката ценовна категорија на „600“, меѓутоа нештата стануваат многу појасни кога ќе се погледнат внатрешните вредности. Не е ништо помалку од одушевување. Опременоста е веќе стандардна приказна, тоа што прво остава впечаток е изработката. Квалитетна изработка во детали што бројни европски производители ги пропуштаат. Одговара и стилот.

Моделот наскоро пристига на тест-возење во Аутомедиа, што секако ќе биде придружено со објавен видео материјал долг најмалку еден час – во стилот на тестовите на Еолус Шајн и Фортинг Т5 Ево.

Во механиката, главната разлика е во тоа што сега се користи класичен автоматски менувач со претворач на вртежен момент, место автоматски менувач со двојна спојка. Класичната автоматика повторно убедува, со мекото и неосетно префрлување, а посебно со отсуството на доцнење при поаѓање. Според информациите од АБЦ Брадер, менувачот го испорачува Хјундаи.

Како работи сето тоа, ќе покаже тестот. Моторот е 1,5-литарски турбо бензинец Донгфенг, со 175 КС, што секако дека има влијание врз цената. Во поглед на опременоста, главните новини се во системите за асистенција, коишто се грижат за безбедноста и за комфорот, од видот на предупредување при опасност од судир или за возило во мртов агол.

Уште еден важен новитет, што воедно му отвора на Донфгенг фронт да се пробива покрај подолго одомаќените производители, е изведбата на Фортинг Т5 Ево со класичен хибриден погон. Дизајнот е сменет значително, главно во предниот дел, каде што хибридниот модел јасно се препознава по шпицестиот нос, додека Т5 Ево со класичен бензинец завршува рамно.

На турбо-бензинецот од 1,5 литар и моќност од 170 КС, му е додаден електромотор со моќност од 130 киловати и вртежен момент од 300 њутнметри. Фортинг не ја спомнува системската моќност, меѓутоа е сосем извесно дека може да се комуницира со вредност од преку 250 КС – таа не се добива едноставно со собирање на моќноста на бензинецот и електромоторот. Батеријата од 2 киловатчасови е двојно поголема од конкуренцијата. Цената во моментот на објавувањето уште не беше потврдена, меѓутоа од увозникот посочија дека во цената учествува и значително збогатеното ниво на опременост во споредба со Т5 Ево.

Хибридниот погон во понудата на Донгфенг на македонскиот пазар дебитира на вистинското место, во хит-моделот Фортинг Т5 Ево, како втора погонска изведба; Има и трета изведба, електрична

Уште една моделска изведба во семејството на Фортинг Т5 Ево е целосно електричниот модел што се води под името Фрајдеј. Изгледот повторно е сосем различен од класичниот Т5 Ево и од хибридниот Т5 Ево ХЕВ. Батеријата од 57,5 кВч нето дозволува досег до 600 километри според кинескиот циклус, според ВЛТП би можело да се очекува вредност од околу 400 километри. Електромоторот постигнува можност од 150 кВ/204 КС и вртежен момент од 340 њутнметри.

Фрајдеј е далеку од прв модел со електричен погон во понудата на Донгфенг, во Аутомедиа пред уште пред три години ја направивме турата од изворот на Треска во кичевско до Скопје, преку Јасен, со електричен Серес 3. Од моделот се испорачаа пет примероци, што со оглед на тврдоглавоста на нашиот пазар кон електрчните автомобили е солидно постигнување.

Вистинската смисла на Фрајдеј ќе се покаже откако АБЦ Брадер ќе ја потврди цената. Засега оттаму ја соопштуваат рамката во којашто ќе се движи цената, а тоа е меѓу 43 и 45 илјади евра. Тоа значи, солидна и веродостојна конкуренција за моделите што кај „старите“ марки чинат по 60.000 евра.

Во Глори 600 ќе дебитира приклучен хибриден погон, тоа веројатно ќе биде најдостапниот модел со најбараниот вид на електрифициран погон на европскиот пазар од почетокот на годинава

Изненадување со цената ќе приреди моделот со приклучен хибриден погон, којшто секако дека доаѓа во семејството на Глори 600. Изведбата на новиот СУВ со приклучниот хибриден погон, што годинава има најголем раст во продажбата на европскиот пазар, ќе биде достапна во две изведби на опременост. Во основната изведба, плагин-хибридот ќе чини околу 31.000 евра, односно 1.000 евра повеќе од класичниот турбо-600. Тоа веќе е на праг на сензација.

Втората изведба на Глори 600 со приклучен хибриден погон ќе настапува со многу полуксузна опрема и соодветно ќе чини повеќе. Луксузот, пак, домен е на уште еден нов модел, ванот Ју-Тур. Првите примероци од моделот од каросериската категорија што бројни производители ја напуштија предвреме, веќе се испорачани. Се чека првиот поголем контингент од моделот, што доаѓа со 7 седишта, голема флексибилност и луксузна опрема. Техниката е слична со Фортинг Т5 Ево, што значи мотор Мицубиши. Цената е потврдена: 33.900 евра.

Сите модели се прикажани во видеото што е снимено во салонот на АБЦ Брадер, во заглавјето на објавата

Претходна објаваФолксваген го зголемува производството на ИД.7, електричниот „пасат“ се погоди
Следна објаваЗошто ЕУ наплаќа двојно повисока царина за МГ, отколку за БИД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here