Традиционалистите на Порше, а ништо помалку и на сите останати марки што прво создаваат врвен мотор, па потоа сé останато, обично негодуваат околу електричниот погон, повеќе од инает отколку од реални причини. Поточно, околу електричниот погон во Порше. Тој сепак нема да исчезне ниту од марката, ниту од сцената. Според тоа, по принципот, ако не можеш да ги победиш, придружи им се, мора да им се признае: Порше и електричниот погон го прави исто како бензинскиот, најдобро што се може и умее.
Околу електричниот погон сé e до политиката. Исто како што цел свет деновиве зборува за конечното завршување на војната во Украина и на сите „интересни“ војни околу Израел и Средниот Исток, откако Трамп победи за претседател на САД, така и околу електричниот погон решава политиката.
Додека тој ѝ беше интересен на политиката, државите масовно вложуваа во изградба на фабрики за електрични автомобили и батерии, мрежи од полначи, субвенции за купувачите полесно да дојдат до автомобил на струја, повластици од секаков вид, главно на сметка на буџетите што се полнат од даноците од граѓаните и фирмите. Но, откако се покажа дека истите тие држави потрошија многу пари на Украина и на војната да се задржат „природните“ патишта на нафтата и енергијата, електричниот погон одеднаш стана товар.
Конкретно буџетот на Германија се најде шест милијарди евра во минус, кога среде декември лани, владата на Шолц, којашто сега и самата е на пат за неславно да си замине од сцената – германски Штерн уште во почетокот на ова владеење објави насловна, на којашто големиот Бајден го држи ситниот Шолц за рака – ги откажа субвенциите за електрични автомобили, што досегаа безмалку 10.000 евра.
Моќниот германски пазар изгуби повеќе од третина од продажбата пред 17-ти декември лани, кога без каква било најава беа укинати субвенциите. Тоа фрли лошо светло врз целиот европски пазар. Минус од близу 40 проценти во продажбата на електрични автомобили во Германија, влече минус и во вкупната продажба на електрични автомобили во цела Европа. Така се создаде впечаток дека Европа го губи интересот за електричниот погон, а реално, Германија беше таа што ја утна работата.
Фолксваген се најде во криза, БМВ, Мерцедес, сите добавувачи на индустријата, затоа што сите бизнис проекции беа направени за пазарот со електрични автомобили што Германија го изгуби, односно го уништи владата на Шолц.
Сите „популарни“ недостатоци на електричниот погон ќе исчезнат, ако политиката го сака тоа. И зелената енергија за производство на батериите и за полнење на истите, и мрежата од полначи, и напредокот во батериската технологија, и субвенциите и помошта за граѓаните и индустријата, сето тоа ќе успее, само ако на политиката во моментот ѝ се допаѓа светот да вози на струја.
По овој апсолутно неопходен вовед, традиционалното возење избрани автомобили Порше во серија, што големото име на Порше Македонија го донесува двапати во земјава, првпат исклучиво со електрични автомобили Тајкан.
Тајкан во меѓувреме е во втора генерација и се состои од три каросериски изведби, односно вкупно 14 моделски изведби. Типично Порше.
Спортската лимузина Тајкан се произведува во шест варијанти: Тајкан со 408 КС и досег од најмалку 503 километри, Тајкан 4С со 544 КС и досег од 474 километри, Тајкан Турбо со 884 КС и досег од 556 километри, Тајкан Турбо С со 952 КС и 558 километри досег, Тајкан Турбо ГТ со 1.034 КС и 528 километри досег, и врвот, Тајкан Турбо ГТ со пакет Вајсах, со 1.034 КС, 538 километри досег – и спринт до темпо сто за 2,2 секунди и забрзување што престанува дури на 305 километри на час.
Спорт Туризмо е познатата комби-изведба на Тајкан, додека Крос Туризмо е третата каросериска изведба, што влече кон кросовер, со зголемено растојание од подлогата и стилски додатоци во насока на автомобил што теоретски вози и вон асфалтот.
Рутата овојпат ќе беше „секојдневна“, доколку не се возеше Порше. Одредиштето беше езерото Младост, велешко, по автопатот над Вардар. Далеку од секојдневна, тоа е една од најуживателските делници за возење, веројатно и пошироко на Балканот, со свијоци во коишто може да се почувствува што се случува со автомобилот, со убави глетки, убав асфалт и вештина на проектирање патишта на македонските инженери, што ретко била спомната на овие наши простори. На тој пат толку имаме свикнато во оваа наша Најубава Македонија, што повеќе и не го забележуваме колку е посбен. Кога се вози Порше, важен е патот, секако, и оваа делница се обожува. Колку и возачите однадвор го обожуваат овој пат, главно братскиот народ од Србија, најверно покажува сликата среде летната сезона.
Овие во основа тркачки автомобили, што само имаат закачено регистерска таблица, секако дека ниту смее, ниту може да се доведат до своите граници на кој било јавен пат. Забрзувањето за две три секунди до темпо сто само во дел сведочи за перформансите и динамиката на овие Тајкани. Тоа што навистина можат да го постигнат електричните Поршиња, тоа може да се искуси само на тркачка патека. Но, и во овие услови на јавни патишта, не е исклучено „поршето“ во овие автомобили.
Тоа значи совршено конструирано подвозје, одличен тежински баланс – меѓу другото и поради батеријата што е долу во подот и драстично го спушта тежиштето, и традиционалната германска изработка, коајшто таму се учи веројатно уште од забавиште.

Опременоста на „роуд-турираните“ Поршиња е тоа што отсекогаш оставало дополнителен впечаток. За Турбо С, на пример, опција се тркала со име Мишн Е Дизајн, по концептот со којшто Порше пред долги години го најави својот електричен модел, препознатливи по белиот обрач, со доплата од околу 550 евра според германскиот ценовник.
Лаковите на каросеријата вообичаено се поделени во три групи: Контрасти, Сенки и Соништа, сите со цена 0 евра според германскиот ценовник. За Легендите се доплаќа 3.500 евра, боја по посебна желба од палета од 170 бои чини 9.700 евра, а за која било боја што ќе ја замисли клиентот, може да се смета на најмалку 22.000 евра. Тркала лакирани во неодиум, уште 1.200 евра.
Кога Порше Тајкан ќе почне да се поткрева откако возачот ќе отвори врата, тоа значи дека е вграден пакет Актив Рајд, вреден 8.100 евра. Тоа не е само олеснување при седнување и станување, туку додава смиреност и динамика и при брзо темпо. Керамичките сопирачки дискови обично се стандард во Порше Тајкан Турбо С.
Уште една ставка што посебно се издвојува е панорамски покрив, со четири степени на засенување, што се случува со електрична помош и се добива или целосно проѕирен покрив или целосно мат.

Целосната вистина околу електричниот погон – во Порше Македонија – можеше да се осознае по враќањето во комплексот на увозникот.
Со по 300 километри преостанат досег, Тајканите, два по два, беа приклучени на брзите полначи пред салонот на Порше. Времетраење на полнењето: Еден час. Не само времетраењето, туку и потеклото на струјата оди во прилог на електричниот погон. Струјата доаѓа од сончевите колектори со коишто уште сега е покриен половина од комплексот, и има простор уште за толку.
Најнеобичното во целата оваа тура, барем за авторот на текстот. Дури по враќањето следеше присетување дека целата оваа тура всушност беше направена со електрични автомобили. Ниту грам бензин се потроши, ниту имаше каде да се потроши во овие силни автомобили. Тоа е реалноста. Порше прави возењето електричен автомобил да биде толку природно. Веројатно поради тоа што повеќе е Порше, отколку што е електрично.
За заклучок од ова вредно искуство: Што е подобро? Ако постои избор, меѓу обичен автомобил од големоволуменско производство, во којшто работи мотор Порше, а сé друго е обично, и меѓу автомобил што е Порше од подот до покривот, единствено има електричен погон, место бензинец, кој избор би бил подобар? Обичниот само со мотор Порше, или цел Порше само со електромотор?
















