за

Новата Porsche Panamera ги поместува реперите на 630 КС

Porsche во новата Panamera го спојува тоа што е најголем предизвик да се спои: Перформанси на 911 Turbo со комфор на лимузина од екстра класа.

Porsche Panamera моделско освежување 2020

Новата Porsche Panamera покрива уште поширок дијапазон меѓу врвни перформанси и врвен комфор. Тоа важи особено за Panamera Turbo S со 630 КС и со најдобрите перформанси во класата. Спортската марка продолжува и со електрификацијата. Panamera 4S E-Hybrid е новина во понудата од приклучни хибриди, со комплетно нов погон со системски 560 КС. Досегот на струја е продолжен за 30 проценти.

Моќност зголемена за 80 КС и дополнителни 50 њутнметри во вредноста на максималниот вртежен момент во споредба со досегашниот топ-модел со класичен погон. Тоа дава вкупно 630 КС и 820 њутнметри за новата Panamera Turbo S. Спринтот до темпо сто се скусува за 3,1 секунди, а крајната брзина изнесува 315 km/h. Четирилитарскиот битурбо V8 претрпе значајни промени.

За исклучителната моќ да се пренесува контролирано на асфалтот и да се постигне врвна стабилност во свијоци, во посилните моделски изведби се вградуваат трикоморна пневматска амортизација, активна контрола за истата (PASM) и систем PDCC Sport против наведнување на каросеријата, заедно со систем за променлива распределба на вртежен момент меѓу две тркала на иста оска. Повеќето од овие системи се унапредени во споредба со претходникот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Докажана е делотворноста на обновувањето на моделската гама на Panamera. Фабричкиот возач Ларс Керн извозе рекорден круг со спортската лимузина на Нирбургринг, со време од 7:29,81 минути – не постои побрз модел од вишата класа. Повеќе за подвигот во нашата претходна објава.

Осумцилиндарецот со битурбо наполнење во Panamera GTS е посебно оптимиран за чувство на тркачки автомобил. Со 480 КС и вртежен момент од 620 њутнметри, новиот GTS има за 20 КС повеќе од претходникот. Моторот ја ослободува моќноста слично како спортски атмосферски мотор. Спортскиот издув што се вградува стандардно, исто така е преработен и со асиметрично поставените придушувачки лонци произведува уште повпечатлив звук. Во новите Panamera и Panamera 4 се вградува познатиот 2,9-литарски V6 битурбо мотор. Вредностите од 330 КС и 450 њутнметри не се променети.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сите моделски изведби на новата Porsche Panamera добија подвозје и контролни системи што се оптимирани за спортски возни својства и за комфор. Дел од нив се темелно преработени или првпат се вградуваат во некои моделски изведби. Таков е случајот со преработеното активно подвозје PASM, коешто амортизира многу подобро, додека системот PDCC Sport се грижи каросеријата да остане смирена. Се користи и нова генерација на системот за регулирање на управувањето, а се вградуваат и нови гуми.

Panamera 4S E-Hybrid со батерија од 17,9 kWh и досег до 54 километри

Со воведувањето на новата Panamera 4S E-Hybrid, Porsche ја проширува понудата од модели со приклучен хибриден погон. Електромоторот од 100 kW (136 КС) што е интегриран во осумстепениот менувач со двојна спојка, во комбинација со 2,9-литарски V6 битурбо со 440 КС, дава системска моќност од 560 КС и максимален вртежен момент од 750 Nm.

New item by Automedia MK / Google Photos

Одушевуваат и перформансите: Со серискиот пакет Sport Chrono, спринтот до темпо сто трае 3,7 секунди. Крајната брзина изнесува 298 km/h. Капацитетот на батеријата е зголемен од 14,1 на 17,9 kWh со примена на оптимирани ќелии. Соодветно на зголемениот капацитет се сменети и модусите за возење, во насока на поефикасно искористување на енергијата. Според реалната норма WLTP, спортската лимузина со приклучен хибриден погон може да мине до 54 km во градски режим.

Подинамичен дизајн за уште повпечатлива појава

Неколку погонски варијанти се достапни и во каросериската изведба Sport Turismo, односно во верзија Executive, со продолжено меѓускино растојание. Како што објавивме ексклузивно уште пред еден месец од премиерата, пакетот за спортски дизајн на предниот дел, со впечатлива решетка на отворите за воздух и со големите странични канали за ладење, сега е стандард за сите моделски изведби.

New item by Automedia MK / Google Photos

Преработената светлечка лента назад минува по целиот поклопец и ги спојува новодизајнираните светла со диодна техника. Светлата се затемнети кај Panamera GTS, заедно со динамична функција при пристапување и заминување од возилото. Во понудата се вклучени три нови дизајни на бандажи со пречник од 20 или 21 инчи, со што сега на избор стојат дури десет различн дизајни.

Испораките ќе започнат од средината на октомври. Ценовникот во Германија стартува од 91.345 евра за основната изведба на Panamera со заден погон. Останатите модели имаат погон на сите тркала: Panamera 4 стартува од 95.289 евра, Panamera 4S E-Hybrid од 126.841 евра, Panamera GTS од 136.933 евра и Panamera Turbo S од 179.737 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Возачите на електричен Volkswagen со пристап до 150k полначи

Електричните со досег до 300 km од 2024 година поевтини од бензинци

менување-гума-Француските-крадци-смислија-дрска-шема-по-автопатиштата

Француските крадци смислија дрска шема по автопатиштата