Додека колони возила ползат по француските автопатишта, на пат дома по летниот одмор, полицијата во земјата ги предупредува патниците да внимаваат посебно кога прават починка од патувањето.
Полицијата во регионот на Мез, којшто се наоѓа веднаш под Белгија и Луксембург, преку друштвените мрежи предупредува за крадци што оперираат по паркиралиштата долж автопатот. Нормално дека никој возач не заборава да го заклучи автомобилот пред да се оддалечи, но тоа пак не ги спречува крадците да дојдат до својот плен. Полицијата ја објаснува дрската шема. Крадците прво продупчуваат некоја од гумите и напаѓаат откако возачот и патниците ќе се вратат до своето возило.
Шемата функционира на следниот начин: По починката за кафе на станица за гориво или паркиралиште, возачот открива дека некоја од гумите е продупчена. Нормално, тој се упатува кон багажникот да го извади резервното тркало или сетот за поправка. Притоа, вратите од кабината обично остануваат отклучени, па и ширум отворени. Никој не помислува да ги заклучи вратите додека менува тркало.
Крадците дрско го користат тој момент, кога никој не внимава на возилото и за миг го земаат тоа што претходно го пикирале. Некои возачи сигурно нема да одбијат помош од патниците во возилото што е паркирано непосредно тука. Но, обично тоа се помошниците на главниот изведувач на кражбата.
INFORMATION DE PREVENTION.Mesdames, Messieurs, Chers concitoyens bassi-mosans, La période actuelle faite de…
Posted by Zone de Police Basse-Meuse on Thursday, August 13, 2020
Трикот се користи и во Италија и Шпанија, а тоа всушност ја открива заедничката нишка – крадците напаѓаат во земјите што имаат масовна туристичка посетеност. Советот е сосем јасен. При ваков случај, потребно е да се внимава возилото да не се остави отклучено, односно вредните и неопходните работи да не се оставаат во возилото.
Тоа важи уште од првиот момент откако возилото ќе се остави на паркиралиште. Доколку крадците при претходната извидница не забележат вредни работи во возилото, тоа престанува да им биде интересно.