На автопатот Е75, на делницата меѓу Миравци и Смоквица, во близина на Милетково, на дваесетина километри од Гевгелија, полицијата запрела автомобил што радарот го регистрирал со брзина од 252 километри на час. Возачот од Штип е приведен и следи кривична пријава. Случајот веројатно ќе заврши со објавувањето на веста, како и секогаш досега.
Зошто човекот на 36-годишна возраст, што е дури и пет години помлад од најстариот освојувач на место на подиум во кралицата на брзото возење, од Фернандо Алонсо, кој со 41 година се качи на подиум на трка во Формула 1, да не може да си вози 250 километри на час по автопат? И тоа, со БМВ! Со германско возило што неспорно е создадено да вози 250 по германскиот аутобан и што на лесноглавите возачи им дава „алиби“ да возат 250 каде и кога да посакаат, место да се мачат со 120 на час, колку што е најчестото ограничување на брзината на автопат во Македонија.
Тоа што брзината се ограничува на 120 километри на час, дури и по широк, мазен, па веројатно и прегледен пат, каков што му се видел на извесниот Г.Ј. со скопско БМВ, не е поради тоа што законите заспале во некоја друга автомобилска ера, кога се возеле „фиќо и југо“, туку е поради човек. Поради брзината на човечката реакција. Половина од вкупниот пат на сопирање минува во време додека возачот се свести за опасноста и почне да притиска со полна сила врз сопирачките. Обично се реагира со притискање до крај дури отпосле, затоа и Мерцедес уште пред повеќе од две децении го воведе Бремс-асистентот.
Ако не дај Боже, на вакви ликови како Г.Ј., само еднаш не им се посреќи кога ќе возат со 250 на час и ќе наидат на критична ситуација пред себе, катастрофата е неодминлива.
За автомобил да запре од 250 километри на час, патот на сопирање е долг преку половина километар!
Правила и закони во сообраќајот постојат, за луѓе што се интелигентно свесни за средината околу себе, да бидат заштитени од вакви ликови, како извесниот 36-годишник. Должината на патот на сопирање ја одредува физиката, и тоа не можат да го сменат вакви евидентирани возачки идиоти во „јака кола“, што не се свесни дека со брзината од 250 километри на час е исто како да се појдени да извршат убиство во обид.
Математиката вели дека должината на патот на сопирање се пресметува приближно од брзината во км/ч, поделено со 10, па потоа резултатот помножен со самиот себе. Односно, 250 километри на час, поделено со 10 е 25, помножено со 25 е 625 метри. Повеќе од половина километар! Секој возач мора да биде свесен за тоа.
Колку е приближно тоа растојание, еден пример од скопска Партизанска. Ако истомисленик со извесниот Г.Ј., пролета со 250 километри на час преку крстосницата со Френклин Рузвелт и тука веднаш почне да притиска врз сопирачките со полна сила, неговото супер-бемве ќе запре дури на половина од должината на трговскиот центар Буњаковец. На пешачкиот премин кај „Градежен“ тој ќе пролета со преку 200 километри на час. Тој вистински ќе почне да сопира со полна сила дури по неколку стотини метри.
Тој фрапантен и освестувачки податок за патот на сопирање мора да го објави секој тв-дневник по овој случај со Г.Ј.
Дополнително прашање, колку е технички исправен брзиот автомобил на овој лик? Многумина се свесни дека во прибирањето на тешки и силни лимузини од европските отпади, во овие возила се вградуваат неквалитетни и евтини резервни делови од втор или трет ОЕМ-добавувач, вклучувајќи сопирачки дискови и облоги, гуми, амортизери, прижини. Сето тоа влијае врз должината на патот на сопирање.
Исто така е прашање и дали течноста за сопирачки е сменета, односно како минал техничкиот преглед. Тоа е хигроскопна течност, што значи дека со текот на времето собира влажност, а тоа е катастрофално за делотворноста на системот за сопирање. Добредојдена информација ќе биде полицијата да соопшти како воопшто изгледало запирањето на извесниот Г.Ј. Веројатно постои и снимка од тоа.
Што можело да се случи кога лесноглавиов тргнал да вози со 250 на час? Можело да се случи туристички автобус да престигнува камион и во физичка невозможност да ја смали брзината, тој да се забие во автобусот, со сите патници во него. Тоа е само еден пример. Што ако имало застој на патот? Колку автомобили и патници тргнати на одмор ќе беа згмечени?
Треба ли да ни се случи уште еден „Пулс“ по автопатите, за властите по деценија и пол да ја спуштат повторно рампата за увоз на користени и евтини автомобили со силни мотори и со брзина против комплекси, големи и тешки, што многу почесто доаѓаат во погрешни раце. Или можеби, кај погрешен ум.
Полицијата нека вработува и нека постави уште стотина вакви патроли, платата им е обезбедена, а работата благословена. Македонија во моментов е фабрика за наплаќање казни од вакви возачи.
















