Тоа било сензација точно во средината на 1970-те години, кога Мерцедес го воведе темпоматот во своите возила, како ставка за понатамошно зголемување на удобноста. Со еден потег, брзината можеше да се одржува на наместената вредност.
Штутгарт во септември 1975 година воведе дополнителна функција, за знаменосецот 450 СЕЛ 6.9, со осумцилиндарецот од Мерцедес 600, уште толку да се издвојува од останатите модели на марката, а секако и од останатите автомобили на улица.
Достапен како опција за лимузините од С-Класата од генерацијата 116 и за родстерите од серијата СЛ од генерацијата 107, само за верзиите со автоматски менувач, темпоматот на Мерцедес-Бенц внесе нов степен на комфор по автопатите.
Темпоматот беше стандард единствено кај 450 СЕЛ 6.9, со продолжено меѓуоскино растојание и со славниот мотор М100 од претседателскиот Мерцедес 600. Освен во останатите верзии на С-Класата (В 116) со автоматски менувач, темпоматот беше достапен како опција само уште во родстерот Р 107 и во луксузното купе СЛЦ, од генерацијата Ц 107. Цената на уредот изнесуваше 388,50 марки.
Мерцедес-Бенц во упатството за ракување (прекрасно звучи германската кованица Бедингсанлајтунг) за С-Класа од генерацијата В 116 објаснуваше: „Со темпоматот може секоја брзина над 40 километри на час да се одржува постојана, со притискање на прекинувач.“

Рачката имаше четири функции:
- За задржување на постоечката брзина, рачката се повлекува кон возачот.
- За зголемување или намалување на брзината, рачката соодветно се повлекува нагоре или надолу.
- За исклучување на темпоматот, рачката се поместува нанапред – или се притиска врз сопирачката.
Поттикот за темпоматот да се воведе во германската марка дојде од Соединетите Американски Држави, каде што честопати се возеше долго по автопатите со постојана брзина.
Во комбинација со автоматски менувач, темпоматот понуди патување со рамномерна брзина и поголем комфор за возачот.

Системот постојано се усовршуваше низ годините, за Мерцедес-Бенц веќе долги години да го вградува својот таканаречен пилот за одржување растојание Дистроник (од дистанца), којшто самостојно забавува кога пред автомобилот има побавно возило и повторно забрзува до наместената брзина, кога ќе се ослободи патот напред.

Денешната технологија оди дотаму што контролната електроника во автоматскиот менувач ги чита податоците од навигацијата, за конфигурацијата на теренот, за да се постигне поголема штедливост, преку соодветно менување на степените на пренос.
















