за

Peugeot 3008 прв меѓу приклучните хибриди во Шпанија

Шпанскиот пазар е меѓу попримерните во поглед на расположението на купувачите за електричниот погон и поддршката за истиот. Peugeot 3008 е прв избор таму.

Peugeot 3008 со приклучен хибриден погон е најпродаван од својот вид во Шпанија. СУВ-моделот влегува во завршницата на годината како најпродаван модел со приклучен хибриден погон. Вкупно се продадени 2.530 возила, што сочинува 5,9% од пазарот.

Peugeot 3008 се издвојува во многу нешта, почнувајќи од i-Cockpit како заштитен знак на марката со лавот, преку препознатливите дневни светла со изглед на „очници“, па сé до понудата од три видови погон. Компактниот СУВ на македонскиот пазар е достапен во изведба со бензински мотор (130 КС, цени од 35.820 евра), со дизел (130 КС, цени од 40.570 евра), но и како приклучен хибрид со 225 КС (56.990 евра во ниво Active Pack) и како сéнаменски тркач-теренец-електро-семеен-модел, со 300 КС, со втор електромотор назад, и соодветно на сé тоа, цена од 64.960 евра.

Додека изборот кај нас главно паѓа на дизелот, возачките и возачите во Шпанија се решаваат често и за хибридниот модел. За еден од двата модели со приклучок за полнење на батеријата се решаваат повеќе купувачи отколку за кој било друг модел од која било марка со таков вид погон на шпанскиот пазар. Peugeot 3008 Hybrid 225 и 3008 Hybrid4 300 во периодот од јануари до ноември имаат постигнато 2.530 продажби, што им носи удел од 5,9 проценти на пазарот на возила со приклучен хибриден погон.

Возачите на Peugeot 3008 Hybrid во Шпанија имаат и дополнителна причина да се решат за моделот. Според тековните повластувања и олеснувања за возила со ултраниска или нулта емисија на штетни материи, двата модела на Peugeot 3008 имаат право за бесплатен пристап во централното градско јадро и за бесплатен паркинг, во веќе голем број градови во Шпанија. Тоа важи и во деновите кога загаденоста на воздухот излегува од границите на дозволеното.

Шпанската држава го потпомага купувањето приклучни хибриди со најмногу 5.000 евра, додека за автомобилите со чисто електричен погон се враќаат до 7.000 евра од редовната цена. За доставни електрични возила следат дури 9.000 евра субвенција.

Во Македонија не постојат субвенции, туку државата единствено се откажува од наплата на акцизата, односно од данокот на луксуз. Тоа не прави цената на возилата со електромотор во погонот да се изедначи или барем приближи до цената на возилата со обичен погон.

Модели на Peugeot со електрифициран или електричен погон на тест во Аутомедиа

Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

Peugeot 3008 Hybrid4 е лав со одмерен залак

Хибриден Peugeot 308 цела планина качува на струја

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот електричен Mercedes-Benz eSprinter од нова фабрика во Полска

AvtoVAZ ќе произведува автомобили во фабриката на Nissan во Русија