Во поранешната фабрика на Nissan во Санкт Петерсбург, од следната година ќе произведува AvtoVAZ. Веста ја објавија РИА Новости, повикувајќи се на изјава на заменикот премиер и шеф на руското министерство за индустрија и трговија Денис Мантуров.
Капацитетите на Nissan во Русија моментно се во сопственост на државниот конзорциум NAMI. Марката во минатата година продаде 53.000 автомобили на рускиот пазар.
Renault, којшто е во алијанса со Nissan, располагаше со мнозински удел во AvtoVAZ, производител на автомобили од марката Lada, пред пролетоска да ја продаде компанијата на NAMI.
Во фабриката на Renault во Москва е започнато производството на автомобили под некогашната советска марка Moskvich. Станува збор за ребрендирани модели на кинескиот JAC.
Nissan замина од Русија во октомври, откако соопшти дека својот бизнис во Русија ќе го продаде на NAMI за 1 евро. Тоа му предизвика на јапонскиот производител загуба во висина од 100 милијарди јени, односно околу 650 милиони евра. Според договорот, Nissan има право да си го купи бизнисот во следните шест години.
Во продажбата беа вклучени фабриката за автомобили на Nissan и центарот за истражување во Санкт Петерсбург, како и центарот за маркетинг во Москва. Тоа беше последна голема автомобилска компанија што ја напушти земјата, по конфликтот на Русија со Украина.
Nissan почна да произведува во Русија во 2004 година, а фабриката во Санкт Петерсбург беше отворена во 2009 година. Покрај X-Trail, во фабриката се произведуваа и моделите Qashqai и Murano.