Во природата, за сé постои сезона. Почнува природно со сезона на парење или сезона на сеење. Потоа, на природниот след на сезона на лов или сезона на жнеење, се надоврзува големата цивилизациска придобивка на молови и црни петоци, што значи дека постои и сезона на попусти на чевли и чанти. Летна сезона, сезона на берба, сезона на јагоди и нар, спортска сезона, тркачка сезона, сезона на ајвар, сезона на евтини летови… ситкомите се снимаат во сезони… Вивалди компонираше четири сезони, кватро стаџиони. Толку е природно човек да заклучи дека постои и сезона за купување автомобил?
Можеби и навистина постои таква сезона. Кога би се соединиле плодовите и целите на сите видови сезони, тогаш сезона за купување автомобил би била таа во којашто се добива попуст или евентуално се добива уште повеќе за парите. Тојота Авто Центар деновиве почна со рекламна кампања за Toyota Corolla, во којашто веднаш се забележува цената од 19.990 евра. Секако дека ТАЦ не пропуштаат да потсетат и дека тоа е најпродаваната моделска серија во светот. Кампањата доаѓа точно во периодот, кога во најдобрите години на македонскиот автомобилски пазар, до 2009 година, со повеќе од 10.000 продадени нови патнички автомобили, преку тогаш влијателните дневни весници и телевизиите што се гледаа главно поради забавната програма, луѓето беа привлекувани во салоните со новогодишните попусти.
Сепак постоела сезона на купување автомобил. Тоа не значи дека автомобил не се купува во другите денови, месеци или периоди од годината, затоа што не се работи за чин за којшто човек се решава преку ноќ, и обично „подготовката“ трае со години. Меѓутоа, во сезоната едноставно е умесно човек да се појави во салон и да очекува подготвен одговор на прашањето „имате ли новогодишен попуст?“ Низ годините има останато тој рефлекс, на сезонски попусти.
Во автомобилскиот свет постојат сложени меѓусебни спреги и поврзаности. Најдобар пример: Фотографии и видеа од новите модели на кабриолети, по ново „тизери“, се објавуваат на сцената кога е најстудено во годината. Меѓутоа, салонот во Женева не се одржува пред Нова Година, туку се одржува напролет, кога претходно најавените кабриолети може за првпат да се видат во живо. Суперспортските автомобили, коишто бараат сонце и море, исто така обично ги имаат најважните премиери во Женева. Тогаш се нарачуваат новите автомобили, за по неколку месеци да пристигне и автомобилот, заедно со летото.
Зошто тогаш сезоната на купување автомобил е пред Нова Година? Поради самата Нова Година, но не со цел да се искористи празничната еуфорија, туку едноставно со цел да се охрабрат купувачите. Два автомобили произведени со временска разлика од само еден месец, може да се водат како автомобили произведени во две различни години – едниот, на пример, во декември 2022 година, другиот во јануари 2023 година. Секако дека тука не може да стане збор за разлика од една година. На големите пазари и во земјите со моќни економии, каде што луѓето уште пред седнувањето знаат дека автомобилот ќе го продадат по три или пет години, некогаш правеше звучна разлика годината на производство или прва регистрација. Тоа е сменето одамна, и светот денес знае дека постар автомобил може да биде повеќе сочуван од една година понов автомобил. Меѓутоа феноменот на новогодишните попусти остана.
Заслужена е оваа чест, најпродаваниот автомобил во Македонија, во првите три квартали во 2022 година, Toyota Corolla, да одбележи шампионска завршница на годината. Во кампањата никаде не се спомнува поимот на новогодишен попуст, што значи дека тоа нема никаква допирна точка со новогодишните попусти, меѓутоа временски и содржински, таа потсетува точно на времињата, кога на сцената уште се спомнуваше гласно спрегата меѓу преоѓањето во новата година и влегувањето во истата со договор за нов автомобил.
Овој долг вовед всушност го предизвика најпрвиот впечаток при отворањето на вратата на белава лимузинска Toyota Corolla, што Тојота Авто Центар ја подготви за тест-возење. А, тој прв впечаток вели: Ова е реалноста, на оваа глетка и мирис ќе им се израдува сопственичката или сопственикот, кога исто така ќе ја отвори вратата на својот нов автомобил. Тоа се моменти што се помнат и му значат најмногу на човек, кога со тргнувањето со новиот автомобил, почнува да го вози новото поглавје во животот. Тој мирис, звуците, возбудата во срцето, ќе останат придружен дел од секое возење. Дамите би рекле дека тоа е некоја форма на љубов.
Колкупати досега Toyota Corolla била на тест-возење во Аутомедиа: Претходно, тркачки-домаќинска Corolla GR Sport, лани црвена лимузина во топ-ниво на опременост на тура низ Преспа, на вратите со дебела реклама за 10-годишната гаранција, пред три години историска тура низ цела Македонија, со само еден резервоар и 3,5 литри просек. Овој важен модел, којшто во Јапонија дури го ценат како марка и таму носи сопствено лого на Corolla, возеше тест и во комби изведба, со премиерниот 2,0-литарски хибрид со 180 КС. Пред десетина денови, на тест беше Corolla Cross. Сите овие демо-возила беа со врвно ниво на опременост, секогаш во некои спектакуларни бои на каросеријата, некогаш и со луксузна двобојна внатрешност. Тоа се демо-возила и го прават тоа за што се наменети, покажуваат сé што може да постигне моделот и што сé стои на располагање во неговата гама. Хибриди, плус. Тоа се исклучителни примероци, коишто учествуваат веројатно со десетина проценти во вкупната продажба на Corolla на нашиот пазар.
А, оваа „сончево бела“ Corolla, толку е реална. Сончево бела, затоа што автомобилите во Македонија се купуваа и се купуваат во бели и светли бои. Црните каросерии ни се натрупаа по улиците и тротоарите, откако студените и богати региони низ Европа почнаа да се освестуваат за загадувањето и да се ослободуваат од сјајниот крш со црн издув. Тоа што освојува кај оваа Corolla на тест е реалноста.
Тојота Авто Центар наведува попуст во висина од десетина проценти од редовната цена на Corolla. На располагање се три нивоа на опременост, Comfort – коешто првпат е достапно за лимузинската изведба на Corolla, потоа Executive, и уште едно ниво над тоа, Executive Plus. За сите моделски изведби во оваа „новогодишна“ понуда е заеднички 1,5-литарскиот бензински мотор со 125 КС, без турбонатполнење, чисто атмосферски мотор. Единствена опција во погонот е безстепен менувач CVT во нивото Executive, што додава 1.700 евра во цената на Corolla. Тоа е менувач со истиот начин на работа како во секоја хибридна изведба на Toyota и Lexus. Кај врвниот модел, Corolla 1.5 Executive Plus, менувачот е стандард.
Уште едно заедничко нешто за сите модели во екстра-понудата за Toyota Corolla е лимузинската каросериска форма
Лимузината е обожувана форма на нашите простори, а Corolla е еден од моделите чијашто слика прва се поврзува со таа форма. Повозрасните генерации со гордост кажуваат за своите лимузини: Автомобил мора да има посебен простор за мотор, посебен простор за патници, посебен простор за багаж. Таа логика денес ја почитуваат само уште Mercedes-Benz A-Class, Audi A3, Mazda 3 – и Toyota Corolla. Во споредба со комбилимузината со пет врати, седанот е подолг 26 сантиметри (4,63 метри) и има дополнителни шест сантиметри во меѓуоскиното растојание (2,7 метри). Тие шест сантиметри донесуваат уште полесен пристап до задната клупа, поради пошироките врати, но донесуваат и уште повеќе слободен простор пред колената. Зафатнината на багажникот веќе е на ниво на модел од виша класа, со 471 литар.
Меѓу останатите предности што ги нуди каросеријата на Corolla, покрај просторноста и практичноста, спаѓа и одличната прегледност. Тука посебно се издвојува компактот на Toyota, поради ветробранот што е поместен понапред, исто како и поради тоа што прозорците досегаат многу пониско отколку во „тенк-каросериите“. Има голема улога и тоа што Toyota кај речиси сите свои модели ги поставува ретровизорите на врата, место да го затвора вредниот простор во аголот на предните прозорци.
Тоа е искуството и вниманието на оваа марка. Ако нешто треба да се направи подобро, инженерите на Toyota нема да чекаат друг да го направи тоа прв
За 1,5-литарскиот мотор има најмалку сомневање дека тоа е штедлив и генерално солиден мотор. Искуството на Toyota со хибридниот погон е своевидна гаранција дека сите нејзини мотори се штедливи. За хибридите да ја постигнуваат таа примерна штедливост, не е мајсторијата да се вградат најмоќниот електромотор од магацин и најголемата батерија од хоби-маркет, туку услов е пред сé, моторот што ќе работи во хибридната погонска спрега, да биде штедлив и ефикасен.
Дел од патот од Свети Пантелејмон по Средно Водно извозен само во III степен покажува мошне убедлива еластичност на 1,5-литарскиот Valvematic
Првпат во историјата на Аутомедиа, Toyota Corolla Sedan вози тест со чисто бензински погон, и прави пријатно изненадување. Шест литри просечна потрошувачка, можеби половина литар погоре или подолу, зависно од динамиката и возачкото расположение. Моторот има три цилиндри и автомобилскиот свет одамна престана да забележува за тоа, исто како што во времето на првата нафтена криза, шестцилиндарците станаа четирицилиндарци и сите беа среќни. Причината за моторот да биде трицилиндарски, не е производителот да заштеди на фабрички трошоци, туку возачите да заштедат во сметката за гориво. Но, има и нешто повеќе од тоа.
Еден сегмент од тестот, што е опфатен и во видеото за Toyota Corolla Sedan 1.5, се состоеше во возење на патот од Свети Пантелејмон до Средно Водно. Тој пат со многу свијоци, со потсопирање и повторно забрзување на речиси секои сто метри, вклучувајќи неколку прегледни правци, Corolla 1.5 без колебање го мина целосно во третиот степен на пренос. Тоа е нешто што во браншата се нарекува еластичност, односно способност на моторот да го забрза возилото од ниски вртежи. На делови, бензинецот работеше со далеку под 2.000 вртежи, но пак извлекуваше сила да забрза. Затоа се тестираат прототипи, пред било кој модел да се пушти во сериско производство, и затоа фазата се нарекува развој на нов модел.
Оваа изненадувачки висока еластичност ќе направи возењето да биде порелаксирано, како во градското секојдневие, така и при возење по спореден пат. Секако дека и потрошувачката профитира од тоа што моторот може во возењето да се држи на ниски вртежи. И, уште една напомена, всушност најважната: Овој мотор од семејството M15A, којшто е дел од TNGA-платформата, работи и во Yaris и Yaris Cross со хибриден погон. Двата модела биле на тест во Аутомедиа, двата убедиле и со моторот.
За шестстепениот менувач, најкусо: Ракувањето е полесно од отклучување мобилен телефон
Тоа што оваа екстра понуда на Тојота Авто Центар го содржи како дополнителна вредност, тоа е опременоста. Демо-возилото на тестот е во нивото Business, коешто е комбинација од двете први нивоа на опременост што се понудени во кампањата за Corolla Sedan 1.5, односно е комбинација меѓу основното Comfort и од средното ниво Executive. Возилата во кампањата се разликуваат во опременоста од демо-возилото, заради постигнување уште подобар баланс и заради нагласување на целта на кампањата.
Смарт-купувачите ќе знаат да го поздрават тоа што основниот модел доаѓа со „раткапни“ и без кожа на воланот – тоа се ставки што без проблем се вградуваат отпосле
Во нивото Comfort за 19.990 евра, место редовните 21.990 евра, Corolla Sedan 1.5 доаѓа со мануелен клима уред, електрика на сите прозорци, централна брава со далечинско заклучување, поделена задна клупа, греење на ретровизорите. Тоа е веќе класика и се подразбира во модел од компакт класата. Добрите понуди денес се разликуваат во системите за асистенција и во инфо-забавните системи. Средишниот дисплеј од 8 инчи, поврзувањето со телефон и можноста за музички стриминг преку блутут вистински ја заокружуваат понудата во нивото Comfort. За пакетот да биде уште поубедлив и во „новогодишен“ дух, Corolla уште од старт доаѓа со радарски темпомат, што значи темпомат што самостојно подзабавува кога напред има побавно возило и забрзува по престројувањето во лентата за престигнување, а не недостигаат и систем за задржување во лента, предупредување при опасност од судир и при пешак на пат, како и автоматско долго светло.
Corolla не излегува од фабрика без да биде снабдена со сите неопходни системи за асистенција и тоа е правило што по премиерата на Corolla се почитува во целата гама
Кожа на волан и на рачка на менувач, алу-тркала од 16 инчи место челични тркала со раткапни, задна камера, сензор за дожд и електрична паркирна сопирачка доаѓаат во средниот пакет, во Executive. Разликата во цената со првото ниво од 3.000 евра се топи кога ќе се откријат уште автоматски двозонски клима уред, грејачи во предните седишта, дигитални инструменти, магленки, потпирач за раце назад, самозатемнувачки внатрешен ретровизор и неколку хромирани украси по кабината. Со кампањски 22.990 евра, Corolla Sedan 1.5 со високото ниво Executive пак е во предност пред класичните комбилимузински модели, со послаби мотори и послаба опременост. Ако се прогласува „бестбај“ во оваа кампања, тогаш одликувањето сигурно ќе му припадне на ова ниво.
Врвот му припаѓа на надграденото ниво Executive Plus, коешто продолжува уште едно скалило повисоко во комфорот и стилот, па додава уште пристап и старт без клуч, самостојно собирање на ретровизорите, диодни предни светла и трепкачи, диодни задни светла, алу-тркала од 17 инчи, затемнети задни стакла и безжично полнење телефон, но и со вклучен пристап до онлајн-услуги во период од 4 години. Toyota тоа го цени 29.690 евра, односно 27.690 евра во кампањата. Уште една важна „ставка“ е вклучена во ова ниво, менувачот CVT, што самиот вреди 1.700 евра како доплата во средното ниво Executive.
Тоа што малку е комуницирано на македонската автомобилска сцена, а сепак е редовен дел од пазарното присуство на Toyota, се однесува на лизингот. Суштината е во тоа што по истекот на времето на отплата, во случајов 84 месеци или 7 години, корисничката или корисникот на лизингот можат да изберат, доплата на остаточната вредност од 3.998 евра, за возилото да се префрли во нивна сопственост, или престанок на периодот на лизинг и враќање на возилото. Тоа што остаточната вредност се „исклучува“ од лизингот, прави ратите да бидат пониски.
Овој вид лизинг е главна причина зошто „вујче и вујна од Шведска“ на секои три години доаѓаат со нов автомобил. Со учество од 4.405 евра, остануваат за отплата по 194 евра месечно, во период од седум години. Уште една погодност што ја нуди Тојота Авто Центар е можноста и остаточната вредност, односно „последната рата“ да се финансира на 24 месеци, по што возилото пак преоѓа во сопственост. Најинтересното е тоа што и по 7 години и 24 месеци, на Toyota Corolla Sedan 1.5 пак ќе ѝ остане уште една година гаранција. Тојота, де.
Toyota Corolla Sedan 1.5 е од оние автомобили што љубоморно се чуваат за прашинка да не падне врз нив
Сезоната на лов на добри понуди на автомобилската сцена е отворена, повторно. Браншата долго време сервира вести за долги рокови на испорака поради недостиг од микрочипови за автомобилските фабрики ширум светот, а далеку е од тајна дека производителите избираат, тие малку чипови што им стојат на располагање, да ги вградуваат прво во најскапите и најлуксузни модели, за да можат да одржат исплатливост во своето работење, поради смалената продукција. Сé тоа е во рамките на бизнис логиката.
Тоа што е вредно во оваа понуда, тоа е „субјектот“. Не станува збор за модел што сцената сега се сеќава дека тој воопшто постои, туку се работи за модел што годинава е најпродаван на македонскиот пазар, а во претходните години беше барем во Топ 3. Спектаклот на цена што почнува со единица за модел во компакт класата, го постигнува основната моделска изведба со новото ниво на опременост во понудата, Comfort. За тоа што можеби недостига кожа на воланот или тркала од лесна легура, тоа е веќе образложено, тие ставки може да се доградат отпосле. Тоа е неизводливо за радарскиот темпомат или за автоматското вклучување на долго светло, но затоа тие ставки се стандард. Вградување паркинг сензори, па дури и цел навигациски модул, нема да им биде прво искуство во сервисната работилница на ТАЦ.
Toyota повторно се докажува, не само како автомобилска марка, туку и како автомобилска култура. Тоа е посебно поглавје, но кусо може да се сведе на следното: Оваа марка прави сé што ќе излезе од нејзините салони, да предизвика задоволство кај сопствениците, било да е тоа Yaris со 72 КС, било да е Lexus LS со светла што вредат колку половина автомобил.