за

Хибриден Peugeot 308 цела планина качува на струја

Шарм на француска заводничка, кокпит што двои од здодевната шема, со голема историја и од голема марка, многу нешта го одликуваат Peugeot 308. Хибридниот модел заслужи посебен предизвик.

Новиот Peugeot 308 е еден од оние модели што поставуваат мерила на автомобилската сцена. Уште во самиот почеток на годинава, свежо пристигната на македонскиот пазар, „тристотката“ на тест во Аутомедиа извозе една посебна рута низ Македонија, што ќе остане запомнета како Лавовска Осумка. Откако се докажа како примерен семеен крстосувач, Peugeot 308 сега добива нова задача. Што сé може да се постигне со приклучниот хибриден погон?

Тоа е прашање на коешто од сопствениците на моделот не се добива единствен одговор: Колку троши Peugeot 308 Hybrid 180? Додека возачките и возачите на BlueHDi гордо ќе потврдат дека нивниот Peugeot троши четири и нешто литри, евентуално пет ако се вози побрзо и под полн товар, кај хибридов не може ниту да се претпостави, каков одговор ќе се добие околу потрошувачката. Ако се слуша фабриката, таму велат дека нивниот 308 Hybrid 180 троши 1,0 литар бензин на сто километри, според сите норми.

Како поверодостоен извор, некоја возачка или некој возач ќе каже дека потрошувачката е 4,2 литри. Толку пријави патниот компјутер, по 1.927 километри откако некој последен пат ја поништил дневната километража во тест-возилото. Втората дневна километража, пак, покажа 3,2 литри по 43 извозени километри. Тоа е веќе голема разлика. За драмата да биде понеизвесна, некоја сосем трета страна ќе каже дека нивната хибридна 308-ка не троши ниту грам гориво. Која е вистината?

Вистината е таа, што секој ќе потроши со својот 308 Hybrid 180 колку што сака, колку што треба, колку што е расположен. Постои уште еден круг на вистината, а тој вели дека хибридот не служи само за штедење, туку служи многу повеќе за уживање, па и за сузбивање на здодевното возачко секојдневие. Поштедувањето на животната средина преку намалената или целосно избегнатата емисија на штетни материи, државата уште нема научено да го унапреди во аргумент за избор на автомобил.

Главните моменти од возењето на овој посебен тест може да се погледнат во 25-минутното видео

Постојат многу заблуди околу начинот на којшто работи хибридниот погон и на којшто се постигнува повисока ефикасност, односно се минува подолг пат со истата количина гориво. Некои ценат дека разликата е само во тоа што хибридните автомобили божем секогаш поаѓаат на струја, други веруваат дека погонот работи само до 45 километри на час, трети пак шират погрешна претстава во своето опкружување, дека хибридните автомобили имаат по еден електромотор во секое тркало, што е поврзан преку кабли со сопирачките.

Тоа што се случува вистински е многу едноставно да се објасни, но е крајно сложено да се реализира: Електромоторот има задача да му помага на моторот да работи во подрачјето на вртежи во коешто најефикасно се искористува енергијата од согорувањето на горивото. За електромоторот да може да ја оствари таа задача, некој паметен (Toyota) се сетил, енергијата од залетот на возилото да ја користи, за електромоторот префрлувајќи се во режим на работа како генератор, да ја полни батеријата.

Доколку Peugeot 308 Hybrid 180 се приклучи на полначите што ЕВН ги има поставено, полнењето ќе трае помалку од два часа

Peugeot 308 Hybrid 180 се вели дека е приклучен хибрид, затоа што постои приклучок за батеријата да се полни и надворешно, значи со приклучување на полнач. Тоа може да биде јавен полнач, сопствен полнач во гаража, најобичен шуко-приклучок во ѕид. Кога хибридниот Peugeot ќе се остави да се полни, во најдобар случај на јавен полнач со моќност од 22 киловати, батеријата по 115 минути ќе може да испорачува енергија за 60 километри да се извозат чисто на струја.

Доколку се користи обичен „штекер“, тоа ќе трае малку подолго, односно 425 минути. Без разлика, дали тоа се седум часови или помалку, Peugeot ќе си полни додека светот спие, па уште и по евтина тарифа. Со тој досег може комотно да се вози цел ден, без потреба моторот да се активира ниту на секунда. Реално, со батерија за 60 km, може и два или три дена да се вози само со погон од електрмоторот.

Доколку не се користи полнач, Peugeot 308 Hybrid 180 ќе си функционира највообичаено како автомобил со хибриден погон. Тоа значи дека штедливоста останува во секојдневието. Сосем трето сценарио е да се појде со полна батерија, да се вози со чисто електричен погон додека се истроши батеријата, и патувањето понатаму да продолжи со заедничка работа на моторот и електромоторот. Во случај при патувањето да има полнач по пат, секако дека тој ќе може да се користи, за батеријата повторно да се наполни до крај.

Функцијата e-Save служи за батеријата да се наполни во возење, за потоа со возилото да може да се пристапи во зоните во коишто е дозволен пристап само за електрични возила или за хибриди како овој 308

Четвртото, или кое и да било друго сценарио, тоа е да се користи функцијата e-Save. Во овој посебен режим на работа, моторот го задвижува електромоторот, којшто во тој случај дејствува како генератор, и произведената енергија преку согорувањето на бензинот во моторот, ја претвора во електрична енергија, што на крајот се акумулира во батеријата.

Оваа дополнителна функционалност секако дека не е толку „бескорисна“. Во светските метрополи, конкретно Лондон, постојат широки градски зони во коишто е дозволено да се пристапува единствено со чисто електрични возила – или со возила со приклучен хибриден погон, коишто се пуштени во електричен режим. Бројни градови ширум Европа имаат воведено такви зони. Примерно сценарио со огромна фантазија: Доколку Скопје еден ден доживее зони во коишто се дозволува пристап само за електрични возила или за хибриди во електричен режим, Менде на пат од Битола, некаде околу Градско ќе го пушти своето Peugeot во режим e-Save, за батеријата да се наполни, и Менде сите свои деловни обврски дента да ги заврши возејќи чисто на струја.

Сличен тест беше возењето на Peugeot 3008 Hybrid4, со погон на сите тркала и 300 КС, со ексклузивна опременост · Линк до тестот

Слично такво сценарио послужи како инспирација за тестот на впечатливо зелениов Peugeot. Впечатливо, затоа што додека се подготвуваше опремата за снимање на видеата од тестот, неколку дами ја испочитуваа бојата и значајно се завртеа по берлината, а една дама дури и ја кажа својата оцена дека бојата е многу убава. Бесплатна е патем, оваа олив-зелена боја, како заштитна боја на Peugeot 308 и боја во којашто моделот се појавува на сите реклами.

Шармот на овие автомобили со приклучен хибриден погон е во тоа што возењето никогаш не е обично возење од А до Б, туку секогаш може да се постави предизвик, мисија

Тестот на хибридниот Peugeot 308 се состоеше прво во возење во режим e-Save по скопската обиколница, за батеријата да се наполни за триесетина километри. Следниот чекор беше поаѓање од Радишани, во подножјето на Скопска Црна Гора, за целиот пат до врвот Рамно на повеќе од 1.600 метри надморска висина, да биде минат чисто со погон на струја. Третиот чекор беше спуштање и полнење на батеријата, како „подарок“ од планината, и возење до центарот на Скопје, конкретно до градскиот стадион.

Тоа значи дека целиот пат во должина од околу 17 километри, од автобуската постојка покрај црквата Свети Ѓорѓи во Радишани, до Рамно, плус патот назад до поаѓалиштето, и уште околу 12 километри до Националната Арена „Тоше Проевски“, беа извозени чисто на струја, без моторот да се вклучи барем на секунда. Близу 50 километри, сосем солидно.

Затоа е бесполезно, човек што вози Peugeot 308 Hybrid да се прашува, колку троши берлината. Погонската спрега се состои од 1,6-литарски турбо бензинец со 150 КС и 250 Nm, електромотор вграден во 8-степениот автоматски менувач, со моќност од 81 kW (110 КС) и 320 Nm вртежен момент, плус батерија од бруто 12,4 kWh. Моторот и електромоторот произведуваат системски 180 КС и 360 Nm.

Со перформансите и со возните својства, Peugeot 308 и со хибридниот погон се вбројува меѓу моделите во класата што покажуваат спортски карактер

Во споредба со 1,5 BlueHDi од тестот во почетокот на годинава, располага со екстра 50 КС и уште 60 Nm плус, место катализатор со селективна каталитичка редукција, акумулациски катализатор за азотни оксиди и филтер за честички чад, располага единствено со филтер за честички за бензинци. Понатаму, спринтот трае точно три секунди покусо (7,6 s), крајната брзина е повисока за 18 km/h. Тежината изнесува 1.678 килограми, или 242 kg повеќе од дизелот, а исто и багажникот е помал за 51 литар (361 L).

Во поглед на спортскиот карактер, во комбинација со комфорно подвозје, просторна кабина, со едни од најкомотните седишта во класата, со печат AGR, општо со пријатно чувство во возењето, и со најважното, со сеприсутниот печат на Peugeot и на француската школа, оваа металик олив-зелена „тристотка“ само ги потврди позитивните искуства од претходниот тест. Се што беше кажано тогаш, по Лавовската Осумка, важи за нијанса поубедливо по тестот на 308 Hybrid 180. Поради приклучниот хибриден погон, секако.

Техничките податоци и главните ставки од опременоста на моделот на тест може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК

Peugeot 308 PHEV 180 Active Pack

Тест-возење на Peugeot 308: Колку француски може да биде еден автомобил?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричниот ID.3 ќе личи повеќе како што доликува за Volkswagen

Renault R5 Concept

Renault и Nissan уште не можат да се договорат околу здружувањето