за

Електричниот ID.3 ќе личи повеќе како што доликува за Volkswagen

Volkswagen ID.3 од гледиште на техниката е одличен, меѓутоа сцената не се одушеви од исплакнатиот изглед и стерилната кабина „а ла Тесла“. Тоа ќе се смени.

Носот на освежениот ID.3 има впечатливи лакови во браникот, широк надолжен отвор долу што внесува динамика во појавата, а на преодот од хаубата во ветробранот повеќе го нема масивниот црн појас. Електричниот компакт ќе си личи повеќе со Golf и останатите модели од понудата на Volkswagen.

Volkswagen ID.3 ќе донесе значителен напредок во квалитетот, кога освежената изведба на електричниот модел на Волфсбург ќе се појави на сцената во следната пролет.

Компактната комбилимузина почна со продажба во Европа во 2019 година и беше прв модел од новата генерација електрични автомобили на Volkswagen, базирани врз платформата MEB. Најголемата промена во освеженото издание на ID.3 ќе се случи во внатрешноста, за којашто сцената негодуваше дека изледала „евтино и неинспиративно“.

Помали измени ќе претрпи надворешниот изглед. Хаубата е значително продолжена и има две надолжни контури што се слични со Golf. Досегашниот модел има целосно мазна хауба, за да сугерира на врвната аеродинамичност, којашто е клучен фактор за постигнување долг досег.

Во моделското освежување ќе се отстрани најголемиот дизајнерски грев кај тековниот ID.3, односно широката црна лента меѓу хаубата и ветробранот. Тој детал предизвикуваше најмногу негодувања околу изгледот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Volkswagen ги послушал своите клиенти, изјави директорката за продажба Имелда Лабе за индустрискиот гласник Аутомотив Њуз, при ексклузивното претставување на освеженото моделско годиште во седиштето на Volkswagen во Волфсбург.

Дизајнот на ID.3 е „созреан и материјалите во внатрешноста имаат повисок квалитет“, изјави Лабе. „Новиот ID.3 ги потврдува нашите залагања за висока противвредност, дизајн и одржливост.

Структурата на предниот браник во форма на саќе станува минато, исто како и опционалната точкеста шара на задните столбови, каква што имаат примероците од воведната серија First Edition. Одвај некој да ја има нарачано таа опција, откриваат од Volkswagen.

Делот од задните светла што зафаќа во поклопецот на багажникот, во освеженото моделско годиште ќе има вистинска функција. Кај сегашниот модел, тој дел е само маска.

Промените во надворешноста во целина ќе направат автомобилот да личи повеќе со традиционалните модели на Volkswagen со мотори со внатрешно согорување.

Материјалите во кабината имаат подобрен изглед и оставаат посилиден впечаток при допир, а пластиката е помека.

New item by Automedia MK / Google Photos

Голем дел од ставките што досега беа достапни само со доплата, во новото годиште ќе бидат дел од стандардната опрема. Тоа важи за дисплејот од 12 инчи, којшто повеќе не личи како детски таблет да е прикачен на арматурната табла.

Обложените површини со вештачка кожа по арматурната табла и по вратите, сега се стандард, вклучувајќи и многу повпечатлива опшивка.

Внатрешноста е целосно веганска, вклучувајќи го и воланот, за којшто досега се користеше вистинска кожа.

Не се услишани барањата на директорот на марката, Томас Шефер, за воланот да добие вистински притискачки копчиња место сензорски полиња.

Седиштата исто така се сменети. Дизајнерските седишта што се опција кај досегашниот модел, отсега ќе бидат стандардна опрема. Секој ID.3 ќе излегува од фабрика и со отстранлива полица во багажникот и со држачи за чаша во средишната конзола. За тие ставки досега се доплаќаше, односно беа дел од опремата во поскапите изведби.

Моделото годиште 2023 ќе биде значително поскапо од досегашниот модел. Основната изведба во Германија ќе чини 43.995 евра, што е за близу 6.000 евра повеќе од досега. Верзијата Pro S со батерија од 77 киловатчасови отсега ќе се води како Tour и ќе чини 56.500 евра. Од тоа треба да се одземат и субвенциите, коишто во земјата изнесуваат 9.000 евра за електрични автомобили.

Во техниката нема промени, ниту во подвозјето, во погонот, ниту во батеријата. Досегот останува ист, што значи 420 километри со батерија од 58 киловатчасови, односно 540 километри со поголемата батерија од 77 киловатчасови.

Производството на претсериските примероци веќе е започнато во фабриката на Volkswagen во Цвикау, каде што уште се произведува тековниот модел. Редовното сериско производство стартува напролет, вклучувајќи и дополнителна линија во Волфсбург.

Нарачките за новиот модел стартуваа на 1-ви декември.

Volkswagen ID.3 ја тестира електромобилноста во Македонија

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Малечкиот Citroen Ami води големи авиони на аеродромот во Џенова

Хибриден Peugeot 308 цела планина качува на струја