за

Малечкиот Citroen Ami води големи авиони на аеродромот во Џенова

Електричниот четирицикл Citroen Ami стана дел од возниот парк на аеродромот во Џенова, во Италија. Секое следно сервисно возило ќе биде електрично.

Аеродромот во италијанскиот град Џенова е пуштен во работа во 1962 година и се наоѓа во срцето на италијанскиот регион Лигурија, со што се вбројува меѓу најважните интернационални крстосници. Возниот парк се обновува со електрични возила, за почеток се пуштени во служба три возила Citroen Ami.

Досегот од 75 километри е сосем доволен за повеќе денови возилото да не мора да се приклучува за полнење. За батеријата од 5,5 киловачасови да се наполни, потребно е возилото три часови да биде приклучено на најобичен приклучок со 220 волти.

Електромоторот од 6 kW, што одговара на 8,2 КС, го движи возилото со најмногу 45 километри на час. Тоа е воедно и дозволената брзина на движење на сервисните возила на аеродромот.

Со исклучително компактните димензии и со круг на вртење од само 7 метри, Citroen Ami е лесно подвижен и може да се паркира на мал простор. Секако дека и тивкото движење со погон на струја, без емисија на штетни материи, оди во прилог на малечкиот квадрицикл.

Марко Брешиани, директор на аеродромот во Џенова вели дека „со вклучувањето на трите возила Citroen Ami во нашиот возен парк можеме сите наши дневни активности во сервисниот дел на аеродромот да ги извршуваме со највисока ефикасност, додека во исто време даваме придонес за заштитата на животната средина“.

До 2025 година, секој модел на Citroen ќе биде достапен и во изведба со електрифициран погон. Ami се продава во Италија од почетокот на годинава и досега покрива 60% од пазарот на електрични четирицикли во земјата.

Основната изведба на Citroen Ami во Италија чини околу 5.900 евра, вклучувајќи ја субвенцијата за електрични возила, којашто за конкретниот модел изнесува – 1.915,57 евра.

Citroen Ami за една година привлече 6.500 купувачи во Франција

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Четирициклот на Opel им се погоди како инспирација на идните дизајнери

Електричниот ID.3 ќе личи повеќе како што доликува за Volkswagen