Renault и Nissan ќе го одложат за в среда објавувањето на спогодбата, за начинот на којшто тие ќе ја преструктурираат својата автомобилска алијанса. Партнерите не успеваат да ги премостат разликите во ставовите.
Преговорите со Nissan стартуваа во почетокот на годинава, откако Renault најави дека својот бизнис со електрични возила ќе го издвои под посебна компанија, позната како Ampere.
Nissan планира да вложи меѓу 500 и 750 милиони долари за удел од 15 проценти во акциите на Ampere. Договорот се сопнува околу тоа што Renault треба да го смали својот удел од 43 проценти во акциите на Nissan. Јапонскиот долгогодишен партнер бара и Французите да имаат удел од 15 проценти, што ќе воспостави поголема рамнотежа во соработката меѓу двата производители.
Прашањето е како ќе се изврши делбата на технологијата и на интелектуалната сопственост. Двата производители не ги коментираа објавите во светските медиуми, коишто се повикуваат на внатрешни извори.
Извршниот директор на Nissan, Макото Учида, во вторник ќе присуствува на средбата на одборот на алијансата во Болоњ-Биланкур, објави Блумберг. На средбата се очекува да присуствува и оперативниот директор на Nissan, Ашвани Гупта.
View this post on Instagram
Производителите планираат новата структура на алијансата да ја објават во текот на месецов. Доколку биде потребно дополнително време за преговори, компаниите ќе бараат средба по 7-ми декември и планираат да бидат подготвени да ја објават новата структура во следната недела во Лондон, пишува Ројтерс.
Nissan е во „секојдневни преговори“ со Renault, за алијансата да добие „нов тек“ и „партнерите да станат посилни преку соработката“, изјави Учида во интервју за Блумберг.
Алијансата се соочува со проблеми уште од пред смената на Карлос Гон, кој во тоа време беше претседател и важеше како личност што ја одржуваше алијансата да функционира. Промените се итно неопходни, затоа што двата производители наидуваат на потешкотии да фатат чекор во светски рамки со скапото и тешко преоѓање на електричен погон.
Претседателот на Renault, Жан Доминик Сенард и извршниот директор Лука де Мео, заедно со Франсоа Провост, виш заменик претседател за интернационален напредок и соработка, и со целиот одбор на директори на Renault, во ноември отпатувале во Токио на директни средби.