за

Кина купува нови бродови да носат автомобили за Европа

Кина неодамна ја престигна Германија како втор најголем извозник на автомобили, меѓутоа земјата сега се соочува со недостиг од бродови што ќе ги донесат автомобилите до Европа и други пазари.

Двата најголеми производители на автомобили во Кина се толку решени за нивните автомобили да доспеат до секој пазар што ќе ги побара истите, што си купија сопствени бродови.

BYD, производител на чисто електрични и хибридни автомобили, сака да поседува целосна контрола до последната точка на испорака на своите возила. Компанијата во октомври купи шест бродови, секој со капацитет за транспорт на 7.700 автомобили. Вредноста на нарачката изнесува околу 710 милиони долари.

Државната компанија SAIC Motor Corp., којашто преку огранокот за транспорт SAIC Anji Logistics веќе ја поседува петтата најголема поморска флота во светот, распиша тендер за седум нови транспортери, секој со капацитет за 8.900 возила.

Од двете компании засега не ги коментираат објавите. Додека бродовите почнат да пловат, ќе минат повеќе години, меѓутоа овие нарачки се знак дека земјата се подготвува за светот да го снабдува со уште поголеми количини возила произведени во кинеските фабрики.

Кина неодамна ја престигна Германија и стана втора најголема извозничка на автомобили во светот. Во првите 10 месеци од годинава, од земјата се испорачани близу 2,6 милиони возила.

Ниту ненадејниот пад во побарувачката за кинеска стока во октомври не ја урна нагорната линија по којашто се движи извозот на автомобили. Во споредба со лани, извозот во октомври пораснал за 60 проценти и вреди рекордни 7,1 милијарди долари.

Додека извозот на автомобили експлодира, бројот на бродови за транспорт на возила во светски рамки одвај се зголемил. Бродскиот транспорт поскапе зналително и се вложува многу во бродоградителството, со цел да се надмине овој расчекор меѓу големата побарувачка на возила и недоволниот број на бродови за транспорт на тие возила.

Бродови на Volkswagen пловат еколошки со погон на течен метан

Недостигот од бродови дополнително ја оптоварува тековната ситуација, којашто трпи од кризата од полупроводници, од кусок од работна сила поради пандемијата, како и од повеќемесечен застој во пристаништата, на што се надоврзуваат и строгите забрани за движење во Кина, поврзани со ковид-19.

Дневната цена за брод што носи до 6.500 бродови, во октомври скокна на 100.000 долари, што е најмалку десеткратно повеќе во споредба со 2020 година. Тоа е воедно и највисока цена од 2000 година наваму.

За да ги избегнат сите ризици за прекин на синџирот на испорака, кинеските производители на автомобили се решија сами да набават бродови за транспорт на возилата.

Поради недостигот, бродови стари близу 30 години уште се користат за транспорт, место да бидат расходувани, со што се зголемува ризикот од незгоди. Доколку настане пожар на литиум-јон батерии на возила што се превезуваат, уште потешко е да се изгасне пожарот на тие стари бродови.

Кинеските производители не се единствени што трпат од недостигот од бродови. Tesla исто така има проблеми да ги испорача своите возила произведени во тамошните фабрики. „Нема доволно бродови, нема доволно возови, нема доволно шлепери за фактички да го подржат бранот“, изјави шефот на Tesla, Илон Маск, при претставувањето на финансиските резултати за минатиот квартал.

BYD и SAIC не се први производители на автомобили што располагаат со сопствена бродска флота. Toyota ја поседува компанијата Toyofuji Shipping, додека Hyundai Motor е сопственик на групациајта Hyundai Glovis Co.

До пред неколку години, Кина главно продаваше автомобили во земјите во развој во Африка и на Средниот Исток. Но, откако почна со производство на електрични автомобили, тие с’e помасковно се испорачуваат во Европа, којашто сега е најголем извозен пазар за автомобилите од Кина.

Во првите десет месеци годинава, Кина извезе 852.000 електрични возила. Една петина од таа количина отпаѓа на возилата на Tesla што се произведени во фабриката во Шангај.

Во меѓувреме, автомобилите што ни пристигаат од Кина на македонскиот пазар изгледаат и возат вака:

Тест · Haval Jolion 1.5T Supreme

Тест · DFSK Glory 500 1.5 CVT · Автомобил за којшто не постои „но“ и „ама“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault R5 Concept

Renault и Nissan уште не можат да се договорат околу здружувањето

Петка за Škoda: Марка со најмногу победи на Auto Trophy