за

Тест · DFSK Glory 500 1.5 CVT · Автомобил за којшто не постои „но“ и „ама“

Оваа марка автомобили од Кина е пристојно одомаќена на македонскиот пазар. Новиот модел Glory 500 ќе направи марката да ја забележуваме уште повеќе. Тој е бензинска изведба на електричниот Seres 3.

Електричните автомобили се чисти и пријатни за возење, ама се скапи и прашање е колку е чиста струјата за полнење. Новите автомобили се безбедни, комотни, штедливи, ама добар модел не само што чини над 20.000 евра, туку е поверојатно дека чини 25.000 евра. Технологијата ги поврзува новите модели на мрежа, дисплеите достигнаа големина на монохроматски монитор од раните ’90-ти, радари, ласери, лидари гледаат повеќе од возачот, ама човек некогаш сака само нов автомобил. DFSK Glory 500 е автомобил, за којшто не постои „но“ и „ама“.

Точно се погоди деновиве, Вилијам Ли, шефот на Nio, марка електрични автомобили со највисоки технолошки стандарди, да излезе со коментар дека кинеските производители на автомобили не се оптоварување за браншата, туку ја збогатуваат автомобилската сцена. Тоа е вистината. Менаџерите на големите автомобилски компании точно знаат што се одвива на сцената, многу подобро од фејсбук-коментаторите, и јасно ја гледаат сликата за тоа како автомобилскиот свет ќе изгледа по пет или десет години. Сé што се случува на сцената, одамна е испланирано – со исклучок на пандемија или две, малку војна во Украина или чип-криза.

Така и DFSK Glory 500, автомобил што се појавува на сцената точно во време кога останува огромна празнина, откако традиционалните производители еуфорично се преместија кон повисоки цели. Условно кажано, повисоки цели. Овој автомобил е класичен точно колку што треба да биде класичен, а во исто време и модерен е колку што треба да биде модерен. Можеби ќе се случи во некое подрачје да е направено помалку, меѓутоа во клучните подрачја, што прават еден автомобил да биде квалитетен автомобил, Glory 500 не потклекнува. Каков е тогаш овој автомобил, што на обожувателите на нашите репортажи низ Македонија им изгледа толку познато?

DFSK Glory 500, на којшто од некоја причина му пишува дека е од марката Fengon (исто така е марка на DFSK), во основата е ист со Seres 3. Каросеријата е иста, внатрешноста е непроменета, подвозјето е исто, единствено има разлика во погонот. Реално, суштинска разлика. Место електромотор и батерија, Glory 500 има домаќински бензинец и господски резервоар за гориво. Соодветно на тоа, се менува и цената. Место 28.990 евра за Seres 3, што инаку е најдостапен семеен електричен модел на македонскиот пазар, за неговата сестринска варијанта Glory 500 треба да се издвојат 16.100 евра. Во таа цена е вклучен и промотивниот попуст во висина од 1.490 евра, што значи дека редовната цена на моделот изнесува 17.590 евра. Моделот на тест е во повисокото ниво на опрема, коешто меѓу другото содржи и панорамски стаклен покрив, па за него важи цена од 18.100 евра. Тоа е ниво на цени како за градски автомобил, во варијанта со второ ниво на опрема и со втор степен на моторизација.

Голема маска со лакирани лајсни, многу хром, оригинални потези – има основа за Glory 500 да биде забележан и поради дизајнот, не само поради цената

Петстотката на DFSK се препознава лесно по долната линија на страничните прозорци, што прво се искачува нагло над рачките на задните врати, па потоа по права линија води до опашот. Исто е впечатлива и линијата што се движи по појасот и прави слична акробација како долниот раб на прозорците. Тоа изгледа многу порадикално, отколку што би си дозволиле европските марки, меѓутоа нема причина за Glory 500 да личи на некој друг автомобил. Реално, за дизајнот никој не приговара.

Главната разлика во изгледот меѓу Seres 3 и Glory 500 е во маската. Додека на електричниот модел не му е потребна маска што ќе обезбедува воздух за моторот и тој дел кај него е затворен, кај бензинскиот Glory има маска за сите пари. Дури, со помала маска, ќе се нарушеше целата хармонија. Убав детал е лајсната што минува под светлата и продолжува до дното на маската. Малку светлина е доволна за лајсната да изгледа како во неа да има светилки.

Кај црната каросерија помалку се забележува тој детал, меѓутоа со посветлите бои се забележува колку се големи отворите за воздух странично во браникот. Тоа што му дава посебен печат е црвената линија, напред, отстрана, назад. И таа е точно димензионирана да не биде пренападна, а пак да биде ефектна. Дизајнерот останува непознат, меѓутоа заслужува одликување за својата работа. Светлата додаваат во стилот и во шармот, тоа е посебно поглавје.

Автомобилов некако шири позитивна енергија, тоа е традиционалната кинеска вештина на практикување на фенгшуи

Не се штедело во изгледот на Glory 500, со сите ситни, но делотворни детали, што му обезбедуваат претставителност на автомобилот. Лакираните лајсни во маската, светкавиот хром на моделските ознаки, задните светла што потсеќаат на драгоцен камен, впечатливо квалитетно лакираната каросерија и вешто погодената боја, сето тоа укажува дека дизајнерите на кинеската марка си ја почитуваат традицијата на фенгшуи, на користењето на добрата енергија. Овој СУВ вози со позитивна енергија.

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Внатре се забележува дека тоа е во основа истиот автомобил со електричниот Seres 3. Шемата е повеќе класична и оддава стил сличен со Audi A3 од претходната генерација. Тропачите веднаш ќе критикуваат дека горната површина од кокпитот е обложена со тврда пластика. Колку тоа им значи на возачите, најдобро сведочи примерот со VW T-Roc, којшто исто така имаше тврда пластика врз кокпитот, а моделот се докажа како еден од најпродаваните модели на VW, па дури и актуелен бестселер на марката. Ако е јасна причината, а тоа е цената, никому не пречи тоа што горната површина тропа тврдо.

Од друга страна, средишниот појас по целата ширина на арматурбата табла е обложен меко и пријатно на допир, вклучувајќи и црвено штепување. Отворите за воздух се уредно впуштени во појасот, копчето за старт и копчето за трепкачите се врамени, завршната лајсна со метализиран финиш додава благородност. Воланот е изработен како кај занаетчија, зарамнет долу, со перфорирани површини и со задебелување на делот под палците.

Има проект менаџмент во DFSK Glory 500, автомобилов е конструиран и дизајниран со идеја

Со климата се ракува најпрегледно и наједноставно, како што треба да биде. Површината зад менувачот не е најсреќно погодена и сé друго што ќе се остави таму, а не е телефон, веројатно ќе излизга на следниот свијок. Повторно е убав детал црвениот штеп на двата краци околу средишната конзола, коишто секако се обложени меко, исто како горниот појас во таблата.

Се забележува грижата на проект менаџерите за секоја површина што се допира да биде мека. Облогите на вратите го посредуваат тоа чувство, исто како и потпирачот за лакт во вратата. Тоа сепак се детали што се својствени за повисокото ниво на опрема Intelligence. Најсилен впечаток оставаат седиштата, конкретно облогите. Производителот наведува дека тоа е мека телешка кожа, односно напа, меѓутоа каква и да е природата на материјалот, мек е, не предизвикува потење, и целата изработка е примерна. Секако, црвените штепови тука повторно не се пропуштаат.

Додека целата светска електроника и електрика се произведува во Кина, дисплеите во Glory 500 не може да се издвојат како предност. Графиката на патниот компјутер е едноставна и ракувањето со функциите повеќе потсеќа на раните „ајподи“. Исто и графиката на средишниот дисплеј не е најубедлива. Меѓутоа, зарем тоа треба да му се земе за зло на овој автомобил? Ако денешните модели од „традиционална“ европска продукција поскапеа поради убавите дисплеи и беспрекорното пресликување на телефонот, тогаш подобро да останеа на нивото како во Glory 500.

Доволно простор, доволно моќност, доволно опрема, доволно квалитет, екстра цена

Просторноста е примерна, сепак станува збор за автомобил од 4,4 метри и ширина од 1,85 метар. Багажникот со своите 318 литри не е меѓу најголемите во компакт класата, меѓутоа ја нуди СУВ-предноста на лесен пристап и лесно товарење. Отсуството на длабинско местење на воланот пречи толку што дури на крајот на тестот, при фотографирањето утврдивме дека има само висинско местење. Нормално, тоа потврдува дека и со ергономијата е сé во ред со овој автомобил.

Меѓу најчувствителните подрачја кај автомобилите од Кина е моторот, односно погонската спрега. Чувствително, не поради тоа што се покажало дека кинеските автомобили се расипуваат – а да се расипуваа, за тоа ќе ечеше целата автомобилска сцена – туку чувствително поради тоа што возачите најмалку би простиле доколку има пропусти во моторот, менувачот, во целата погонска спрега.

За пазарниот старт на DFSK Glory 500 помага тоа што поголемиот модел Glory 580 е веќе познат на сцената. Станува збор за околу седумдесетина продадени примероци од овој модел досега, што е сосем пристојна бројка. А, таа дефинитивно ќе биде уште повисока за „петстотката“. На моделов му помага и тоа што од него постои електрична изведба. Како тоа помага Seres 3? Помага со тоа што изолацијата и каросериската структура се идентични кај двата модели со различен погон. Изолацијата кај електричниот погон е клучна и автомобил што се движи на батерија мора да биде изолиран беспрекорно, затоа што отсуствува звукот на моторот, да ги прикрие сите останати звуци во возењето. Фер потег на DFSK е тоа што изолацијата очигледно не е „скусена“ кај бензинскиот модел.

Тивкото возење и комфорната амортизација се наследство од електричниот Seres 3, тоа му дава дополнителни квалитети на „500“

Благодарение на тоа, нивото на бучава од моторот е мошне ниско. Цврстината на каросериската структура, што е потребна за Seres 3 да ја носи тешката батерија, тука помага со тоа што спречува создавање непријатни резонанси. Тоа што некои автомобили по неколку часови ги напнуваат ушите на патниците, честопати е последица од резонансите, а не од самиот мотор. Затоа е важно тоа што Glory 500 вози тивко, без вибрации и без резонанси.

Затоа е прва приказната за изолацијата и за цврстата каросерија, место приказната за тоа колку е силен моторот и колку влече на нагорнина. Моторот е 1,5-литарски, атмосферски, со 4 цилиндри и фабричка ознака SFG15A. Истиот мотор (SFG15Т) со турбонатполнење и 147 КС работи во големиот Glory 580, како и во купе-теренецот Glory F5. Моторот е конструиран од Mitsubishi и со тоа се исклучува секаква непознаница.

Тест на Seres 3 · СУВ од Кина, електричен и премиум

Отсуството на турбонатполнење не наведува возењето да биде генерално со повисоки вртежи. Максималниот вртежен момент изнесува 147,5 Nm во подрачјето меѓу 3.600 и 4.000 вртежи, што го потврдува впечатокот. Тоа што моторот ги надраснува вообичаените манири на четирицилиндарски атмосферец со средна работна зафатнина, заслуга е на менувачот. Тестираниот Glory 500 користи CVT-менувач, односно менувач со постојано променлив преносен однос. Најлесниот опис – ваков вид менувачи вградува Toyota во своите хибридни модели.

Не е вештина менувачот CVT да се натера да завива, неговата намена е да понуди возен комфор, ефикасност, при умерено притискање врз гасот

Кој го познава начинот на работа на CVT-менувачите и ја разбира нивната намена, нема да приговара за тоа што при силно притискање врз гасот се слуша како моторот неколку секунди „врти повеќе отколку што забрзува“. Не е вештината во тоа да се притисне до крај и да се гледа како CVТ работи во режим што не му е главен домен. Клучната предност на овој вид менувачи се покажува при умерено до средно притискање врз гасот. Целта е да се постигне повисока ефикасност, односно да се смали потрошувачката. Менувачот самостојно го избира преносниот однос што е оптимален за условите на возење во моментот. Тоа значи, кога се вози со постојано темпо, на пример 120 километри на час по автопат, менувачот го избира најдолгиот можен преносен однос. Моторот ја постигнува брзината со најнискиот можен број вртежи, потрошувачката е оптимална, звучната кулиса е тивка.

CVT во возењето се однесува исто како автоматски менувач, без спојка, без потреба од менување степен, со клучната разлика што нема 7, 8 или десет степени на пренос, туку ги има безброј.

По малку увежбување ќе биде потребно за поаѓањето на семафор да не биде пребрзо или пребавно. Во прашање се неколку стотини километри искуство со автомобилот, додека се стекне рутина. Понатаму, возењето во град ќе биде уживање. На отворен пат, пак, CVT функционира како нормален автоматик.

Менувачот е тој што потрошувачката ја држи во разумни граници

Потрошувачката се движи во разумни граници. На отворен пат, вклучувајќи и автопат, потрошувачката ќе се движи меѓу седум и осум литри бензин. Менувачот CVT генерално има предност во градски сообраќај и потрошувачката повеќе зависи од возачот. На повеќе од осум литри, не треба да се смета, но затоа со вешто штедливо возење може да се постигне и шестка пред запирката. За семеен СУВ со свои близу 1,5 тон, Glory 500 троши умерено.

Подрачјето во коешто автомобилов брилјира и ја предизвикува конкуренцијата, тоа е комфорното и тивко подвозје. Повторно, поздрави испраќа електричниот Seres 3. Во удобното и примерно подвозје се уверивме уште при репортажата по целото течение на Треска, од изворот во кичевско, преку резерватот Јасен, до Скопје. Бензинскиов модел ги потврди квалитетите на подвозјето. Возните својства исто така се во ред, па и за управувањето е тешко дека може да се најде некоја забелешка. Во целина, Glory 500 во возењето во ништо не заостанува зад марките чиишто имиња подолго ги спомнуваме.

Прашањето на опременоста кај овој автомобил е сосем неважно, нерелевантно. Без разлика дали Dongfeng Sokon има вградено во Glory 500 повеќе или помалку од тоа што би очекувале, автомобилов заслужува внимание и признание. Многу е веројатно дека кусо пробно возење ќе ги убеди заинтересираните купувачи да се решат за моделов, уште пред во салон да им биде наброено што сé содржи опременоста, вклучувајќи ги и ставките што не се гледаат.

Glory 500 е новиот „дастер“

Секако дека покрај акциската цена од 16.100 евра за нивото Comfort или 18.100 евра за нивото Intelligence, е грев да се приговара дека „петстоткава“ во некои подрачја заостанува зад еден Peugeot 3008 или Kia Sportage. Меѓутоа, во подрачјата што се клучни за самото возење, за безбедноста, Glory 500 е сосем конкурентен. Увозникот најавува дека во понудата ќе вклучи и изведба со мануелен менувач, што ќе одбие уште најмалку 1.000 евра од цената и ќе направи сензацијата на овој модел, што се појавува во вистинско време и на вистинско место, да биде уште поголема.

Техничките податоци и главните ставки од опремата на тестираниот модел DFSK Glory 500 1.5 CVT Intelligence може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог Автосалон МК

DFSK 500 1.5 CVT Intelligence

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Возачи на електрична Kia добиваат 500 kWh бесплатна струја за полнење

Етиопија укина ДДВ, акциза, данок за електрични возила