за

Тест · Haval Jolion 1.5T Supreme

Џокерот на Haval има појава на ѕвезда, внатрешноста приредува пријатно изненадување, во возењето се стекнува впечаток дека тоа е зрел и способен автомобил. Кинескиот концерн со Haval Jolion го најде своето место на пазарот, а тоа воопшто не е во најевтиниот сегмент.

Кинескиот концерн Great Wall Motor ја цени својата марка Haval како трет најголем СУВ-специјалист во светот, по Land Rover и Jeep. Марката Haval веќе ни има приредено пријатно изненадување на тест, со големиот H6. Сега следи уште една сензација, Haval Jolion. Воведот нека биде: Џокерот на Haval нé учи дека возилата од Кина ќе ги сакаме поради лускузот и пријатното чувство, а не поради тоа што биле подостапни.

Годиниве со и по ковид, за автомобилската индустрија се полни со контроверзи. Чип-кризата доведе до масовно и трајно поскапување на автомобилите и до долги рокови на чекање, понатаму тоа доведе и цените на старите автомобили да пораснат драстично, а концерните за сето ова време бележат рекордни заработки, затоа што тие ги вградуваат ограничените количини чипови прво во своите најскапи модели, главно електрични.

И точно кога човек во овие чудни автомобилски времиња ќе се праша, се случува ли уште нешто убаво, производителите ги прикажуваат своите највозбудливи модели, во последниве веројатно триесет години. Peugeot 308, Kia Sportage, Opel Astra, Alfa Romeo Tonale, Citroen C5 X. Тоа се некои најголемите новитети што ни пристигнаа на тест во Аутомедиа годинава. Овие автомобили ни докажаа дека тоа не се само потстегнати верзии од нивните претходници, со големи дисплеи, со сензори, камери и радари, туку се и комплетно различни како автомобилски концепти. Скок за повеќе од една генерација, тоа е најверниот опис.

Ништо не може да нé изненади повеќе отколку што очекуваме да бидеме изненадени. Освен кога на сцената стапува Haval. Тоа е фината марка на домаќинскиот кинески концерн Great Wall Motor, што увозникот Толту ја развива на македонскиот пазар веќе подолго од една деценија. Пред неколку месеци, Haval, марка што е специјализирана за СУВ-модели во концернот, веќе еднаш нé изненади со третата генерација на H6. Тоа е СУВ што повеќе влече кон средната класа, и во претходната генерација се продаде во повеќе од 70 примероци, што е мошне солидно. Новиот H6 изгледа уште помазно, поквалитетно, понапредно од претходникот. Кругот на купувачи на Haval се шири, марката почнува да влијае врз сцената исто како што капка боја се шири кога ќе падне во чиста вода. Но, Кинезите имаат уште еден новитет. Jolion требаше да биде поблага варијанта на H6, соодветно на неговата припадност во компакт класата. Сега на тестот излезе дека Haval Jolion е уште поимпресивен од големиот брат.

Изгледот не само што е адут, туку е триумф на Jolion. Тој е џокерот на Haval, тој е Jolly Joker во карти. Некој вешт менаџер во Great Wall Motor точно го погодил моментот кога да го „фрли“ џокерот. Неколку нешта се разјаснуваат со овие два автомобили. Haval нема стратегија да нуди евтини и едноставни автомобили, туку напротив, купувачите треба да препознаат дека во моделите на кинескиов производител добиваат и чуствуваат луксуз. Тоа е „суровата“ реалност. Овие автомобили се купуваат не поради тоа што се евтини, а не се, туку се купуваат затоа што се луксузни.

Изгледот на Jolion оддава луксуз и раскош, маркава не сака да привлекува со тоа што ќе понуди нешто поевтино, туку подобро

Целиот тој дебел хром во маската, во страничните лајсни на коишто во благороднички манир е втиснато името на марката, во задниот браник и во веројатно најголемите букви што се користат во браншата, во задниот поклопец, не е напразно тука. Дизајнерите јасно се понеле од идејата, овој автомобил да се направи да изгледа престижно, скапо. Лентата со светлечки диоди што функцонира како дневно светло, подолга е отколку во кој било друг модел. Но, и квалитетот на дизајнот е убедлив. Оваа лента изгледа хомогено и не се наѕираат одделните диоди. Комплициран е овој склоп од линии, форми, контрасти, меѓутоа изгледа убаво. Дизајнерите на кинеските марки се извежбаа да изведат дизајн што е допадлив за европските купувачи.

Исто и задните светла оддаваат слика на претставителен автомобил. Во екот на сезоната на валандовските калинки, бојата на светлава и прелевањето во нив, потсеќа точно на зрна на калинка. Ретко досега со толкаво одушевување бил опишуван изгледот на автомобил од производител што не е од Европа, Јапонија, САД. Поточно, никогаш. Посебен впечаток остава разумноста при именувањето на боите. Оваа светло зелена, повеќе здраво и свежо, отколку отровно зелена боја, секако дека прави голем дел од спектаклот на Jolion. Кога ќе се побара како Haval ја нарекува бојата, таа е именувана најобично, зелена боја. Додека некоја европска марка ќе направи цел филм и на слична ваква боја ќе ѝ измисли име „зелена боја што се гледа на дабов лист под утринска роса во есенска рамноденица во вулкански кратер на Тенерифе“, за Haval тоа е само зелена боја. Има уште сина, бела, црна, црвена и сива боја. Сите подеднакво спектакуларни, посебно светлосината.

Отворањето на вратите води кон студено ресетирање. Сета претстава што досега сме ја имале за дизајнот и изработката на кабината на автомобилите од Кина, повеќе не важи. Во Haval H6 од втората генерација, можеше да се случи некоја боја да биде премногу кафена, некоја површина да свети премногу или некои материјали од некоја причина да не се согласуваат во изгледот. Сé беше во ред, но се чувствуваше дека тоа не е автомобил од Peugeot или Toyota. За изработката, барем во Haval, нема забелешки.

Надворешноста на Haval Jolion привлекува, но најголемото изненадување следи во внатрешноста, коешто поттикнува љубопитност да се откријат останатите детали

Колку што надворешниот изглед на Jolion укажува дека станува збор за зрел и конкурентен производ, толку внатрешноста убедува уште повеќе. Кокпитот е направен да се нагласи чувството дека кабината е широка. Тоа е функцијата на хоризонталните линии што ја сочинуваат основата на кокпитот. Целата табла е закосена нанапред, за и на тој начин да се нагласи просторото чувство, но и да се постигне попријатно чувство на поврзаност со средината и подобра прегледност. Кусо, во Jolion се седи исто толку добро како во 3008 или Sportage.

Во средината е масивен дисплеј, со шампионски 12,3 инчи. Тоа е истиот формат како во Mercedes E-Class, доколку се доплати за MBUX во најскапата изведба. Инструментите се дигитални, со дисплеј од 7 инчи. Погледот сепак паѓа прво на гребенот по целата ширина на кокпитот, којшто е обложен со материјал пријатен и на око и на допир, со фина релјефна структура. Над гребенот е поставена лајсна во мат светла боја, со дискретна хромирана лајсна. Има и штепови, и метална рамка околу групата сензорски прекинувачи што се поставени во гребенот, па дури и на завршетоците на рачките на воланот е додадена алуминиумска капа. Кога ќе се погледнат тие детали е исто како да се слуша водењето од проект-менаџерот, „доработете до тоа, да изгледа како во најдобрите модели во класата“.

Средишната конзола, со вртлив бирач на степени на пренос на 7-степениот менувач со двојна спојка, приредува убава сцена. Самиот бирач е изработен како кај врвен јувелир и поставен е на површина што изгледа како да е покриена со тенок слој акрил. Внатрешноста изобилува со детали што на крајот создаваат впечаток дека овој автомобил е произведен грижливо и квалитетно.

Причината за доброто чувство во Haval Jolion сигурно лежи и во фенг шуи, кинеската вештина на управување со енергијата, што светот надвор од Кина не научи да ја копира

Тоа е вистинскиот луксуз во Haval Jolion. Може во автомобил да се вгради изобилство опрема и да се постават прекинувачи и светкави лајсни, но тоа воопшто не гарантира дека автомобилот ќе посредува чувство на луксуз. Примерната изработка, погодениот дизајн и господскиот избор на материјали прават наследникот на Haval H2 да се позиционира над просечната понуда во својата конкуренција. Ако мислевме дека кинеските производители ќе продаваат евтино и секојдневно, овој автомобил го менува мислењето и нé поправа дека од нив може да се очекува понуда што е на исто рамниште со одомаќените марки. Тоа не беше случај секогаш, меѓутоа нештата веќе се сменети. Haval напредува.

Омилениот материјал на кинеските производители, „кожата“ на седиштата, во Jolion исто така бележи напредок. Тоа е синтетичка кожа, што во поглед на физичките својства навистина потсеќа на мека и нежна напа кожа, воедно изгледа и многу поприродно и не сјае врз сите прозорци. Најважното е тоа што материјалов е осетно понапреден, а тоа важи и за спречувањето на потењето при подолго седење. Изработката со контрастни штепови и вшиени кедари е мошне благороден момент.

За седењето нема што да се приговори, освен традиционалното отсуство на длабинско местење на воланот. Но, од друга страна е прашање колкав процент од возачите ја користат таа фунција за правилно да го наместат воланот. Просторноста е примерна, пристапот и изглегувањето се сосем во ред, задната клупа е ложа. Багажникот со своите 430 литри нуди просечна зафатнина и правилна форма. Ако веќе се споредува со традиционалните играчи во сегментот, може да се забележи за тоа што страниците се необложени со платно што ќе штити од гребење и за тоа што задниот панел е изработен едноставно и рустикално. Значи, ништо страшно.

Тивката кабина и култивираноста во целото возачко искуство во голем дел се темели и врз фактот што Haval нуди и изведба со хибриден погон од Jolion; првиот хибрид на марката на македонскиот пазар ќе пристигне наскоро во големиот H6

Од претходниот „Great Wall“ на тест во Аутомедиа, Haval H6, ни е познато дека оваа марка вози пристојно и остава солиден впечаток во поглед на возните својства. Прво што се забележува во Jolion е тивката звучна кулиса во кабината. Тоа не значи само дека моторот е тивок, туку повеќе е резултат од добрата звучна изолација и од цврстата кароериска структура, што не одѕвонува на секоја нерамнина. Постои екстра причина за тоа. Haval наскоро стартува со хибридни модели во својата понуда, прво од престижниот H6, а потоа ќе следи и верзија од Jolion со мотор и електромотор. Толту Моторс ни најави дека уште во текот на годинава ќе стартува со хибридни модели.

Амортизацијата учествува пријатното чувство во возењето, а и со возните својства е сé во ред. Дека производителот не се сомнева во динамичните својства на својот модел, докажува и можноста да се избере програма за возење. Покрај стандарден и економичен режим, на располагање стои и спортски режим, кога моторот подолго ги задржува степените на пренос пред да префрли во повисок степен, воедно реагирајќи подиректно на педалата за гас. Haval ги надградува можностите за приспособување на однесувањето на Jolion во возењето, па посебно нуди можност да се избере режим за управувањето – спортски, комфорен, лесен за маневрирање. Тоа значи може да се избере моторот да реагира подиректно и поспортски, но управувањето да го задржи комфорниот карактер.

Трета опција е изборот на стилот на графиката во инструментите. Многу промислен детал има кај проекцискиот дисплеј, односно хедап-дисплејот, којшто патем е масивен, со силен контраст и лесна прегледност. Покрај тоа што може да се избере спортски режим, опција е режим за возење по снег, кога инаку белите податоци во дисплејот, се прикажуваат во контрастна боја. Длабочината на менито при разгледување на опциите импресионира. Дури може да се спореди дека изобилството од тие опции е слично со мобилен телефон.

Платформата Lemon, што вклучува електричен погон и напредни системи за асистенција, во начелата за развој не се разликува од платформите на VW, Toyota или Stellantis

Големата пресвртница во Great Wall Motor се случи во септември 2020 година, на салонот во Пекинг. Тогаш беа прикажани Haval H6, пикапот GWM Poer, моделот Cat од трендовската и премиум марка електрични возила Ora, марката теренци со рустикален стил Tank. Кинезите најавија дека со тоа го стартуваат унапредувањето на Great Wall во компанија со глобално влијание. Стратегијата во голем дел се потпира врз платформата Lemon, којашто меѓу другото вклучува хибриден, електричен, па и водороден погон, потоа лесна конструкција, високи стандарди за безбедност и комфор – кусо, тоа е модерна платформа, којашто прави Jolion да биде толку убедлив автомобил.

Сега по тестот изгледа многу поверно кога производителот вели за својот модел дека е тестиран во 18 различни сценарија на краш-тест, дека при развојот бил изложен на 124 различни услови на возење и претрпел 8.000 виртуелни симулации и оптимизации извршени врз основа на сознанијата добиени во симулациите. Веродостојно се зема и податокот дека 73% од каросериската структура се изработени од челик со висока цврстина.

Тоа е воведот за моторот во Jolion. Станува збор за 1,5-литарски бензинец со турбонатполнење, со моќност од 143 КС и вртежен момент од 210 Nm меѓу 2.200 и 4.500 вртежи. Овој мотор се користи и во хибридната конфигурација, што GWM ја води под името DHT. Фактот дека моторот се користи и во хибрид, сведочи повеќе од доволно дека тој ги има претрпено сите оптимизации во поглед на ефикасноста, како и во поглед на куилтивираноста во работата. Без посебни образложувања, Jolion со 1,5-литарскиот турбо и 7-степен менувач со двојна спојка, вози тивко, без вибрации, правилно ја ослободува моќноста во целото работно подрачје, не му се туѓи високите вртежи, па на крајот и потрошувачката останува во разумни рамки. Без посебна мисија на штедење, Haval Jolion троши меѓу 9 и 9,5 литри, што во поглед на големината на автомобилот неговата категорија на моќност, претставува сосем прифатлива вредност. На отворено и без премногу тркачки пориви, може да се смета на седумка пред запирката.

Не прашањето дали во Haval Jolion се добива повеќе опрема отколку во конкурентските мдоели, прашањето е дали Jolion како модел во целина е попривлечен од останатите

Опремата доаѓа на последно место, иако овој автомобил во тој поглед е полн буквално до покрив, до сончевиот покрив по цела должина. Тоа би требало да укаже дека квалитетите што ги поседува Jolion се далеку над прашањето дали во него имало многу опрема, па тоа да направи автомобиот да биде вреден да се вклучи во избор при купување. Толту го нуди моделот во само едно ниво на опрема, во највисокото ниво Supreme. Само најубедливите ставки: Електрична паркирна сопирачка, избор на режим на возење, алу-тркала од 18 инчи, команди за менувач на волан, греење на волан и на сите седишта, безжичен полнач за телефон, дигитални инструменти од 7 инчи и средишен дисплеј од 12,3 инчи, електрично местење на возачко седиште, камера напред и назад – плус панорамски поглед, грејачи на прскалките за ветробранот, диодни светла за сите функции, канали за климатизација назад.

Уште поубедлив е перформансот на системите за асистенција, почнувајќи од самиот проекциски дисплеј: Радарски темпомат што позабавува самостојно кога напред има побавно возило или застој, предупредување при пешак или велосипедист на пат, систем за следење лента, самостојно запирање при опасност од судир, сигнал при возило во мртов агол и сигнал пред дасе се отвори врата кога наидува возило или велосипедист, препознавање замор кај возачот. Единствено недостига камера за сообраќајни знаци, но затоа има автоматско паркирање. Ова е повеќе од импресивно.

Тестираниот автомобил дополнително располага со проекциски дисплеј, вреден 1.250 евра, со панорамски покрив (1.500 евра) и металик лак (600 евра), што прави цената на основниот модел од 29.200 евра да се качи на 32.550 евра. Тоа е далеку од претставата на „критичарскиот“ дел од сцената, дека кинеските автомобили треба да чинат 9.000 евра, но е уште подалеку од идејата дека кинеските автомобили треба да им конкурираат на евтините стари луксузни автомобили од автоплац со најмалку половина милион километри. Haval Jolion е модел што ќе го привлече интересот на купувачите на СУВ од компакт и средна класа, кои сакаат нешто повеќе од унифицираната понуда, односно купувачи што ќе го сакаат луксузот во овој автомобил – по цена што е за десетина илјади евра под стандардот во класата.

Сите технички податоци, главните ставки од опремата за тестираниот Haval Jolion можете да ги погледнете во нашиот онлајн каталог за сите нови автомобили на македонскиот пазар AVTOSALON.MK

Haval Jolion 1.5T 7DTC Supreme 4×2

Врска до страницата на моделот на македонскиот вебсајт на Great Wall Motor

https://www.greatwall.com.mk/haval-jolion-2/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-AMG C 63 S во специјална серија F1 Edition

Знаменосецот Grandland е вториот модел на Opel со значката GSe