за

Знаменосецот Grandland е вториот модел на Opel со значката GSe

Возењето на струја му се допаѓа на автомобилскиот свет, возењето динамично на струја уште повеќе. Затоа Opel го пушта Grandland со приклучен хибриден погон како втор модел што ја добива „новата“ ознака GSe.

Последната голема вест од Риселсхајм беа двете моделски изведби на Astra под новата спортска подмарка GSe. Тоа ќе биде семејство на модели што користат електрифициран погон, во комбинација со посебно дотерано подвозје и ексклузивна опрема, за љубители на спортско возење и генерално фанови на автомобилизмот. Следен модел е Grandland GSe.

СУВ-знаменосецот е вториот модел на Opel што е GSe, односно „Grand Sport electric“. Основата е верзијата на Grandland со приклучен хибриден погон, а големата вест сега е во тоа што овој GSe вози со погон на сите тркала. Вториот електромотор што е ангажиран за задната оска обезбедува постојан погон на сите тркала.

Тоа е уште еден чекор на Opel во насока на демократизација на новите технологии. Погонот на сите тркала во комбинација со хибриден погон досега беше привилегија само на моделите од премиум сегментот. Производството на Opel Grandland GSe ќе се одвива во фабриката на германската марка во Ајзенах.

„Новиот Opel Grandland GSe е исклучително динамичен, моќен и стилски. Убедени сме дека тој ќе привлекува клиенти, кои не само што сакаат да возат електрифициран СУВ, туку сакаат таков автомобил со уште поспортски погон“, порача шефот на Opel, Флориан Хуетл.

Погонската спрега на новиот Opel Grandland GSe ја сочинуваат 1,6-литарски турбо безинец и два електромотори. Тоа произведува системски максимум од 300 КС. Доколку се појде со полна батерија и се вози на струја додека држи батеријата, спортскиот СУВ во преостантиот пат до 100 километри ќе потроши само 1,3 литар гориво, според фабрика.

Германската марка за својот GSe-SUV ја користи техниката од Peugeot 3008 Hybrid4, модел со 300 КС со којшто лани го извозевме на струја целото растојание од „Галички пат“ до патарината кај Гостивар

Постојаниот погон на сите тркала се грижи за најдобра можна тракција во сите услови, но и за возбудливи спринтови. Првиот GSe теренец спринтува до темпо сто за 6,1 секунди, крајната брзина изнесува 235 km/h. Чисто на струја може да се вози најбрзо 135 km/h.

За Opel Grandland да биде GSe, инженерите презедоа зафати главно во подвозјето и во управувањето. Така се добива уште поспортско чвуство во возењето, а воедно се постигнуваат и за нијанса подобри возни својства. Со мултилинк задна оска, Grandland GSe добива постегнати пружини и амортизери со технологијата FSD на специјалистот Koni. Тоа е кратенка за Frequency Selective Damping, односно амортизерите реагираат помеко на груби нерамнини и постегнато на ситни нерамнини. Целта е да се постигне рамнотежа меѓу спортски возни својства и комфорна амортизација за долг пат. GSe-моделите го држат „носот“ високо при поостро сопирање, реагираат веднаш на волан и на гас, сигурно ја држат линијата во свијоци, а воедно се комфорни по автопат.

Моделите имаат и препознатлив стил. Grandland GSe носи тркала од 19 инчи со изглед по пример на концептната и електрична Manta GSe. Назад има специјален дифузор, и секако, голем натпис GSe. Со нарачка, најспортскиот Grandland ќе дојде со црна хауба.

Уште една посебност на спортските модели од подмарката се седиштата, коишто се екслузивни, и носат печат AGR од германските ортопеди, за врвна ергономија. Покрај тоа што се спортски, седиштата се обложени со скапа алкантара. Тоа е уште едно достигнување на Opel, во долгогодишниот развој на посебно ергономски седишта со AGR-печат, којшто почна уште со Signum пред две децении.

Peugeot 3008 Hybrid4 е лав со одмерен залак

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · Haval Jolion 1.5T Supreme

Каде што има Alfa Romeo Tonale, има и Giulia и Stelvio