за

Renault го дели бизнисот на пет ограноци

Петте нови ограноци опфаќаат електрични возила, возила со обични мотори и хибриди, марката Alpine, финансиски услуги и посебен огранок за услуги за мобилност и рециклирање.

Директорот на Renault, Лука де Мео, презеде темелни промени за компанијата да го најде вистинскиот пат низ сложеното и скапо преоѓање во ерата на електромобилноста.

Renault најави коренити промени, коишто главно опфаќаат поделба на активностите на компанијата во пет посебни ограноци, потоа продлабочување на врските со кинескиот Geely и издвојување на бизнисот со електрични возила како посебна компанија што ќе котира на берзата.

Целта на францускиот производител е да постигне оперативна маржа од 8 проценти во 2025 година, којашто до завршетокот на деценијата треба да се искачи на 10 проценти. За годинава, се очекува маржата да достигне 5 проценти. Меѓу целите исто така спаѓа достигнување оперативен промет во висина од преку 2 милијарди евра на годишно ниво, во периодот меѓу 2023 и 2025 година. За споредба, прометот годинава треба да достигне 1,5 милијарда евра. За пет години отсега, се цели на промет од преку 3 милијарди евра.

Исплатата на дивидендата ќе продолжи в година, откако истата се задржуваше во изминатите три години, во корист на пресвртницата во компанијата.

Главниот чекор во стратетијата на Renault е издвојување на бизнисот со автомобили со мотори со внатрешно согорување. Французите и кинескиот Geely ќе поседуваат 50:50 во заедничката инвестиција. Електричните возила ќе бидат под посебен огранок. Чекорот се очекува во втората половина од следната година. На овој начин, Renault очекува да обезбеди пари за развој на електрични возила и технологија, со цел да се смали предноста на поголемите концерни, главно Stellantis.

Активностите на Renault ќе се преорганизираат во пет различни единици: Електрични автомобили, автомобили со бензински и дизел мотор и хибриден погон, спортска марка Alpine, финансиски услуги, како и услуги на мобилност и рециклирање.

„Создаваме независни бизниси, што ќе бидат посветени на структурно повеќе профитабилни активности и ќе бидат отворени за надворешни инвестиции, со тоа што секој посебен бизнис ќе се заснова врз напредни техноогии“, изјави Де Мео

Користејќи метафора од спортот, тој го спореди „стариот“ Renault со натпреварувач во петобој, којшто се бори да освои златна метала во сите пет спортски дисциплини.

Преку партнерства во секој од новите 5 бизниси со најдобрите партнери што се на располагање, „Renault се надева дека ќе освои медали во сите одделни спортови, место да биде просечен во сите пет“, објаснува Де Мео.

НОВИТЕ ЦЕЛИ НА RENAULT

  • Оперативна маржа 8% во 2025, 10% во 2030
  • Готовински промет од преку €2 милијарди годишно во периодот 2023-2025, потоа над €3 милијарди годишно во периодот 2026-2030
  • Бизнисот со електрични возила Ampere да достигне позитивна нула во 2025 година, со околу 10% оперативна маржа во 2030
  • Спортската марка Alpine ќе носи €2 милијарди промет во 2026, повеќе од €8 милијарди во 2030 со цел за позитивна нула во 2026
  • Dacia ќе ја зголеми маржата од 10% на 15% до 2030, со влегувањето во C-сегментот. Доставните возила исто така ќе постигнуваат повисока маржа
  • Mobilize: Финансиски услуги, поделени на осигурување и оперативен лизинг.

Компанијата бара надворешни инвеститори за Ampere. Најрано во втората половина од следната година, Ampere ќе стартува на берзата. Renault планира да задржи мнозински удел во Ampere и очекува поддршка од потенцијални инвеститори, како Qualcomm.

Renault очекува Ampere да биде проценета на околу 10 милијарди евра. Тоа би ја надминало сегашната пазарна вредност на Renault од 9,4 милијарди евра. Новиот огранок ќе нуди шест електрични модели пред завршетокот на деценијава. Планот е на годишно ниво да се достигне продукција од околу 1 милион возила под марката Renault до 2031 година.

Преговорите заглавуваат поради загриженоста на Nissan, дека Geely со вложувањето во бизнисот со класични мотори на Renault ќе ги добие технологиите што му припаѓаат на јапонскиот производител на автомобили

Де Мео посочи дека ќе каже повеќе за алијансата кога ќе биде подготвен. Тој спомна дека Renault треба да има „сопствен живот.” Де Мео на инвеститорите им даде пример од животот: „Исто како во брак, важно ни е да имаме сопствено хоби и сопствен живот“.

Рокот за преговорите завршува во следната недела. Компаниите треба да постигнат договор до 15-ти ноември.

Nissan бара да му се заштити технологијата во преговорите меѓу Renault и Geely

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хакери украле 40 терабајти податоци од Continental

Volvo EX90 е компјутер на тркала и такви ќе бидат сите модели во иднина