за

Volvo EX90 е компјутер на тркала и такви ќе бидат сите модели во иднина

Голема премиера за Volvo и за браншата, Швеѓаните имаат нов EX90, кого што шефот Џим Роуен го цени како „прв автомобил на Volvo што целосно се раководи според својот софтвер“.

Со цена за врвната изведба со два електромотори и спортски перформанси што ќе надминува 100.000 евра, Volvo EX90 им се спротивставува на BMW iX и Polestar 3.

Volvo Cars денес го претстави пред светот новиот EX90, којшто претставува почеток на нова ера за близу стогодишната шведска марка. Знаменосецот со целосно електирчен погон, со досег до 600 километри и спринт до темпо сто за 4,9 секунди, тоа е првиот модел на Volvo што целосно е дефиниран од својот софтвер. Со тие зборови извршниот директор Џим Роуен го одбележа симнувањето на велот за автомобилот што се најавуваше дека ќе воведе голема револуција.

Претставителниот СУВ е прв голем моделски новитет под раководство на Роуен, којшто го презеде шефувањето со Volvo во март. Тоа не е само нов автомобил, туку е високонапреден компјутер на тркала, што Роуен вели дека „со текот на времето ќе станува сé подобар“ затоа што може да добива нов софтвер преку податочен облак (ОТА-update). Производителот вели дека процесорската моќ на EX90 помага тој да биде најбезбеден модел на марката во историјата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Првата вест што Volvo уште пред неколку месеци ја објави за новиот модел, се однесуваше на „невидливиот штит за безбедност“. Роуен тврди дека овој систем може да помогне, за бројот на незгоди што доведуваат до тешки повреди или смрт, да се намали за една петина.

Сензорските системи опфаќаат осум камери, пет радари, и за првпат во Volvo, лидар. Сите тие се поврзани со основните компјутери во автомобилот.

Лидарската технологија, којашто потекнува од Luminar и со текот на времето ќе стане стандард во сите модели на Volvo, воочува пешаци на растојание до 250 метри, дури и при брзина на возење по автопат. Volvo вели дека лидарот и останатите сензори ќе придонесат автопилотираното возење да реагира посигурно и побрзо.

  • Отворање за нарачки: 9-ти ноември (прво во Германија, Шведска, Норвешка, Велика Британија, Холандија и САД)
  • Почеток на испорака: Четврти квартал од 2023 или прв квартал од 2024 година
  • Цена: Се очекува над 100.000 евра за варијантите со спортски перформанси и два електромотори
  • Моќност: 300 до 380 kW (408 до 517 hp) и 770 до 910 њутнметри.
  • Досег: До 600 km (WLTP)
  • Големина на батерија: 111 kWh (107 kWh корисна)
  • Проиводител на батерија: CATL
  • Највисока брзина: 180 km/h
  • Забрзување: 0-100 km/h за 4,9 секунди
  • Главни соперници: BMW iX, Tesla Model X, Polestar 3

Компјутерската платформа доаѓа од прочуената Nvidia и ветува понапредни функции на автономното возење. Софтверот е на Volvo и со моќниот компјутер произведува поглед на светот во 360 степени во вистинско време.

New item by Automedia MK / Google Photos

Главниот компјутерски систем на EX90 се заснова врз производите Xavier и Orin на Nvidia. Првиот од нив, Xavier, проектиран е за напредни системи за автономно возење според Ниво 2 и автоматизирано возење од Ниво 3, и ивршува 30 трилиони операции во секунда. Orin претсавува решение system-on-a-chip (SoC) и врши 254 трилиони операции во секунда. Тоа им дозволува на инженерите да развијат кое било ниво на автономно возење, од Ниво 2 Плус до Ниво 5 за целосно самостојно возење.

EX90 исто така поседува процесор Qualcomm, којшто работи со сопствен софтвер на Volvo и задолжен е за основните функции во автомобилот, почнувајќи од безбедносните системи, преку инфо-забавниот систем, до управување со батеријата.

Компјутерската платформа Qualcomm Snapdragon ќе се комбинира со техниките за визуелизација во Unreal Engine, со цел да се постигне графика со врвен квалитет на дисплеите во возолото и на проекцискиот дисплеј.

Инфо-забавниот систем во основната изведба поседува дисплеј од 15 инчи и овозможува користење на услугите на Google, вклучувајќи помош од Google Assistant преку говорни команди, навигација Google Maps и пристап до апликации преку Google Play. Електричниот крстосувач ќе поседува 5G-конективност како стандард и ќе биде компатибилен со безжичен Apple CarPlay.

New item by Automedia MK / Google Photos

EX90 е прв модел на Volvo што е хардверски подготвен за автономно возење, без потреба возачот да ја нагледува работата на системот. Шведскиот производител уште во јануари најави дека оваа функција ќе им ја овозможи прво на клиентите во Калифорнија, а потоа истата ќе се воведува и на останатите пазари.

Официјалниот старт на системот што Volvo го води под името Ride Pilot е во постапка на добивање интерно одобрување од самиот Volvo, што ќе гарантира дека системот работи безбедно. Воедно се поднесени и барања за одобренија од локалните власти на одредените пазари.

Volvo моментно тестира автономно возење по патиштата во Шведска, собирајќи податоци за својот иден систем ширум Европа и САД.

Преку менување на бојата во дисплејот ќе се покажува дали возилото во моментот се наоѓа во режим на возење што е надгледувано од возачот или се наоѓа во целосно автономен режим на возење.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кога графиката во возачкиот дисплеј е во зелена боја, тоа значи дека автомобилот ги користи системите за асистенција, како што се систем за следење на лентата или приспособлив темпомат. Лента во светлосина боја, пак, ќе се појавува во горниот дел од возачкиот дисплеј, за на возачот да му укаже дека во тој момент компјутерот го презел целосното управување со возилото. Во истата боја ќе се прикажуваат и лентите на патот во дисплејот, како и возилата напред.

Уште една нова технологија е т.н. систем што го разбира возачот, како стандардна опрема во EX90

Сензорскиот систем во вистинско време користи две камери, со цел да се препознае рано, кога е намалена концентрацијата на возачот. Во тој случај, системот пушта звучно предупредување, коешто станува сé погласно, меѓу другото зависно и од ситуацијата. Доколку возачот не реагира, автомобилот сам ќе се повлече во помошната лента и ќе ги пушти безбедносните трепкачи.

New item by Automedia MK / Google Photos

„Нашите сензори не се заморуваат и не им се одвлекува вниманието“, пишува Роуен во соопштението. „Тие се проектирани да се вклучат и да реагираат, само неколку десетинки пред да биде предоцна за возачот да реагира“.

Почнувајќи со EX90, Volvo секоја година ќе претставува по еден нов целосно електричен автомобил, за веќе од 2030 година, целата понуда на марката да се состои само од модели со погон на струја.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Volvo EX90 EV ќе биде подвижна електроцентрала

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault го дели бизнисот на пет ограноци

Renault планира нови модели, Alpine се токми за САД