за

Volvo EX90 EV ќе биде подвижна електроцентрала

Новиот знаменосец на шведскиот Volvo ќе нуди двонасочно полнење, односно можност за батеријата да испорачува струја за домот или да наполни батерија на друго електрично возило.

Volvo Cars сака на возачките и возачите на својот целосно електричен знаменосец да им понуди можност за енергијата од батеријата да се насочува назад во мрежата. На тој начин, сопствениците можат да заработат, односно да заштедат.

Со светска премиера најавена за 9-ти ноември, EX90 ќе биде првиот модел на Volvo што ќе располага со хардвер што дозволува двонасочно полнење. Во комбинација со функциите за паметно полнење што ќе бидат дел од мобилната апликација на Volvo, новиот EX90 ќе им овозможува на своите сопственици да ја полнат батеријата на автомобилот кога е слаба оптовареноста на мрежата и цените се ниски. Таа „евтина“ енергија ќе се акумулира во батеријата на електричниот автомобил, за да се искористи подоцна.

На тој начин, со шведските цени на струјата може на годишно ниво да се заштедат околу 500 евра. Оваа вредност важи за случај ако батеријата на EX90 се користи за напојување на домашни уреди, на пример за машина за миење садови.

Можната заштеда се зголемува на 800 евра на годишно ниво, на локации на коишто е достапна т.н. vehicle-to-grid (V2G) функција. Тоа значи дека електродистрибутерот ќе плаќа на „сметката“ на EX90, за енергијата што батеријата ќе ја испорача во електричната мрежа. Двете пресметки важат според последните поскапувања на струјата во Европа.

Проценките на Volvo се слични со резултатите од студијата што Nissan, E.ON Drive и Imperial College London лани ја спроведоа во Велика Британија. Нивните вредности се движеа меѓу 700 и 1.250 фунти годишно.

Оваа вест од Volvo пристига во вистинско време, имајќи предвид дека секој втор наслов во медиумите се однесува на енергетската сигурност. Зимава се очекува експлозија на цените на енергијата.

Volvo уште разгледува на кои пазари може да се понуди двонасочно полнење. Постојат бројни пречки во легислативата, меѓутоа во Volvo очекуваат дека оваа функција ќе можат да ја понудат уште пред 2025 година.

Двонасочното полнење не е новина

Nissan уште пред неколку години започна со тестирање на технологијата во својот електричен модел Leaf. Јапонскиот производител исто така потврди дека двонасочното полнење може да донесе заштеда, меѓутоа проблемот е во тоа што голем број полначи не подржуваат влечење електрична енергија од автомобилот.

Меѓу моделите што подржуваат двонасочно полнење се Volkswagen ID4 и ID5, Kia EV6 и Honda e. Автомобилите на Tesla во моментов не ја подржуваат технологијата.

Volvo EX90 е најголемата моделска новина на шведскиот производител, по дебито на XC40 во 2017 година. Испораката на знаменосецот што доаѓа на местото на XC90 ќе стартува во 2023 година. Конкурентскиот модел на Tesla Model X и BMW iX ќе постигнува досег меѓу 500 и 600 километри.

Новиот знаменосец EX90 ќе биде најбезбеден Volvo на сите времиња

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Аутомакедонија донесе и автобус на струја, само една страна запнува околу електромобилноста

Mercedes, Stellantis, Total, ќе градат три фабрики за батерии