за

Новиот знаменосец EX90 ќе биде најбезбеден Volvo на сите времиња

На местото на луксузниот и масивен Volvo XC90 пристига електричен EX90. Швеѓаните вградија „невидлив безбедносен штит“ во самиот покрив.

Фабриките на Volvo во Кина се враќаат во погон

Најважниот моделски новитет на Volvo Cars во последните пет години, од фабрика ќе излегува со вградена безбедносна опрема што оди „подалеку од кој било Volvo досега“. Тоа го ветува извршниот директор на Volvo, Џим Роуен.

Голем и електричен СУВ со премиум карактер, именуван EX90, ќе го замени досегашниот знаменосец XC90. Марката што прва се поврзува со безбедност, кога ќе се спомне поимот, својот најпретставителен модел ќе го опремува со „невидлив безбедносен штит“. Овој штит ќе помогне бројот на незгоди коишто можат да предизвикаат тешки повреди или смрт, да се намали за 20 проценти. За тоа да се постигне, Volvo првпат вградува лидарски сензор.

Овој систем што ќе биде вграден во покривот на EX90, користи светло во форма на пулсирачки ласер, којшто со висока прецизност следи широк простор пред возилото.

„Голема е разликата што лидарот може да ја постигне за безбедноста во реални услови“, открива Роуен. „Нашите последни истражувања покажуваат дека додавањето лидар во автомобилот може да го намали бројот на незгоди со тешки последици за 10 до 20 проценти, додека избегнувањето на сите видови незгоди може да се намали до 9 проценти.“

Лидарската технологија е развиена од Luminar и со текот на времето таа ќе прерасне во стандардна опрема во моделите на Volvo. Таа познава кога има пешак на патот, на растојание до 250 метри, дури и при возење со брзина за автопат.

„Бидејќи лидарот не зависи од светлото, како што е случај со камерите, тој го следи просторот и дење и ноќе“, објаснува Роуен

Работата на лидарот ја дополнуваат осум камери, пет радари и 16 ултрасонични сензори, коишто се дел од системите за следење на патот на Volvo EX90.

Volvo денес ги објави името EX90 и безбедносните системи. Фотографии од надворешноста и од внатрешноста уште не се пуштаат во јавноста. Светот првпат ќе го види новиот и важен модел на Volvo при премиерата што е закажана за 9-ти ноември.

Уште една напредна технологија за безбедноста на Volvo EX90 е системот за којшто шведскиот производител тврди дека ќе го разбира возачот

Системот од сензори ја надгледува внатрешноста на возилото во вистинско време и се состои од две камери, што реагираат кога ќе препознаат рани знаци дека возачот не е буден, односно е заморен и не може целосно да се посвети на возењето. Камерите користат технологија што ги следи движењата на окото. Се мери колку време возачот го гледа патот пред себе. Посебноста на технологијата е во тоа што врз основа на движењето на очите, системот може да препознае кога возачот е замислен, односно народски, да препознае кога возачот „ќе залута со умот“. Се следи и движењето на воланот.

Доколку возачот не е буден, системот за асистенција пушта звучен аларм, што станува сé погласен, зависно од тоа колку е опасна ситуацијата во возењето.

Во случај возачот да не реагира на предупредувачките знаци, автомобилот е во состојба самостојно да се престрои покрај патот и да ги вклучи безбедносните трепкачи, за останатите возачи да го забележат запреното возило.

„Сензори во внатрешноста се нашиот следен предизвик за безбедноста“, порачува шефот на Volvo за активна безбедност, Томас Броберг.

Со коментар се надоврзува и директорот за безбедна автоматизација на возилата, Јоаким де Вердир: „Веруваме дека EX90 ќе биде најбезбедниот Volvo што досега се има појавено на патиштата … Кога сите наши безбедносни системи, сензори, софтвер и комнјутерска моќ ќе се соединат, тие создаваат превентивен штит за безбедност околу вас – нема ниту да знаете дека тој постои, сé додека не ви затреба“.

Новиот директор го најави EX90 како „почеток на нова ера„ за Volvo, кога тој во март годинава ја презеде одговорноста на извршен директор од долгогодишниот прв човек на шведската марка, Хакан Самуелсон. Исто како што Самуелсон во 2014 година го започна директорувањето со XC90, така и првиот автомобил под раководство на Роуен е модел од врвот на понудата на Volvo.

Роуен изјави во почетокот на годината дека сака првиот модел на Volvo под негово раководство да го привлече вниманието и луѓето да воочат дека шведскиот производител е „мошне кредибилна компанија за следната генерација електрични автомобили“.

EX90 е прв целосно нов модел на Volvo по компакт моделот во премиум сегментот XC40. Неговата премиера беше во 2017 година и тој имаше клучна улога во пресвртницата на Volvo, на патот да прерасне во марка што по 2030 година ќе произведува единствено електрични автомобили.

Во првите осум месеци од годината, XC90 е трет најпродаван премиум СУВ-модел од вишата класа, со 16.701 примероци, што е 6,4 проценти под нивото во истиот период лани. Volvo се држи одлично во сегментот, што го предводат Mercedes-Benz GLE и BMW X5. Двата германски модели до август се продале посебно во повеќе од 26.000 примероци.

Идните модели на Volvo доаѓаат со вграден „Unreal“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Ексклузивната серија од Peugeot 408 во Италија се распродаде за две недели

Електрични 204 КС заменуваат четири цилиндри во Mercedes-AMG C 63