за

Renault планира нови модели, Alpine се токми за САД

Alpine, спортската марка на Renault, најави уште два електрични модели, во поскапите пазарни сегменти. Планот е марката да биде повеќе присутна на глобалниот пазар.

Групацијата Renault планира преку модели од повисоките класи да ја збогати понудата на својата спортска и тркачка марка Alpine, како и да освои нови пазари, вклучувајќи ја Северна Америка. Следниот чекор би бил, акции во Alpine во 2024 година да им се понудат на инвеститори и марката да котира на берзата, како самостојна компанија.

Марката што е носителка на групацијата Renault, не успеа да се вмеша во конкурентската битка во премиум сегментот, со моделите како VelSatis, Avantime, Latitude и Talisman. Извршниот директор Лука де Мео посочи на тој факт, додека синоќа пред инвеститорите го претставуваше планот според којшто ќе се одвива реорганизацијата на компанијата.

Факт е дека Renault е големоволуменска марка, но Alpine е друга игра“, кажа Де Мео. Според неговите гледишта, со вистински состојки и технологии, Alpine може да прерасне во прва вистинска можност за Renault Group да посегне кон побогатите клиенти.

Renault го преименуваше својот фабрички тим во Формула 1 во Alpine, повикувајќи се на богатата традиција на ова име во мотоспортот, со цел да се зајакне имиџот на Alpine на светската сцена.

Директорот понатаму упатува дека Alpine во моментов е позната главно во Европа, но Формула 1 има десетици милиони ТВ-гледачи по трка глобално, што отвора нови можности за марката. Според сопствената статистика на Формула 1, целото првенство во минатата година го следеле 1,55 милијарда гледачи.

Alpine A110 наскоро ќе се замени со електричен спортски модел, што веројатно ќе се развива заедно со Lotus

Како што понатаму ќе расте реномето на Alpine на светската цена, и како што понудата ќе се проширува со поголеми и поскапи модели од тие што беа најавени претходно, следен чекор на Alpine ќе биде продажба на пзарот во Северна Америка и Кина. Де Мео очекува продажбата надвор од Европа да учествува со 50 проценти. Тој не исклучува јавна понуда на  акциите во марката и нејзин старт на берзата, како што тоа досега го направија Ferrari и Porsche.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Alpine Cars (@alpinecars)

Alpine, раководена од Лорен Роси, моментно има само еден модел, A110. Потврдено е дека овој модел ќе има наследник, којшто ќе користи чисто електричен погон. Моделот е можно да се развива заедно со Lotus Cars, а почетокот на продажбата се планира за 2026 година. Lotus е марка во сопственост на кинескиот Geely, којшто моментно има две заеднички компании со Renault Group.

Една видео приказна за модел на Renault Alpine што имаше силен имиџ во 1970-те, но денес е речиси заборавен

Alpine претходно најави спортска изведба со електричен погон од идниот Renault 5, за 2024 година, како и компактен спортски кросовер за 2025 година. Де Мео синоќа објави дека Alpine ќе понуди престижни спортски кросовери и во средната и во високата класа, со датум во 2027, односно 2028 година. Платформата што ќе се користи за овие модели веројатно ќе потекнува од алијансата со Nissan и Mitsubishi, но е можно таа да доаѓа од трета страна.

При синоќешпното претставување на плановите за марката Alpine, беше спомнато дека платформата е можно да се обезбеди преку партнерство со „водечки играч на пазарот на електрични возила“. Volvo и Polestar имаат електрични кросовери во двата сегменти што ги спомнува Alpine, а двете марки се воедно во сопственост на Geely. Кинеската компанија стана партнер на Renault во Horse, спин-оф којшто ќе се концентрира на модели со мотори со внатрешно согорување.

Засега не се објавуваат предвидувања за продажбата. Лани Alpine продаде вкупно 2.659 примероци од купето A110, зголемувајќи ја продажбата за 74 проценти во споредба со преклани. Во првата половина од 2022, повторно има раст од 71 проценти и вкупно 1.710 продадени примероци. Alpine има мрежа од 122 дилери, со план таа да достигне 140 дилерства до завршетокот на годинава.

Nissan бара да му се заштити технологијата во преговорите меѓу Renault и Geely

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo EX90 е компјутер на тркала и такви ќе бидат сите модели во иднина

Колку има пазар за големи електрични СУВ-модели од ковот на Volvo EX90?