за

Колку има пазар за големи електрични СУВ-модели од ковот на Volvo EX90?

Електричниот Volvo EX90 може да воведе големи промени во својот сегмент. Во првите девет месеци од 2022 година, на европскиот пазар се продадоа вкупно 1.004.246 електрични автомобили или за 26% повеќе од истиот период лани.

Моделите со целосно електричен погон, како BMW iX, сепак учествуваат со само 10 проценти во продажбата во сегментот на големи СУВ-модели од премиум марки, којшто вкупно брои 193.573 продадени возила.

Прв избор и натаму е дизелот, но неговиот удел паѓа сé повеќе, откако Volvo, BMW и Mercedes воведоа изведби со приклучен хибриден погон на своите XC90, X5 и GLE. Една третина од вкупната продажба во сегментот отпаѓа на возила со приклучен хибриден погон. Тоа покажува дека купувачите во Европа сé повеќе се расположени за автомобил со приклучок за струја.

BWM iX е 4-ти најпродаван модел во сегментот, во својата прва полна година присуство на пазарот. Volvo EX90 ја дели платформата SPA2 и голем дел од својата технологија со сестринскиот модел Polestar 3, којшто имаше деби во минатиот месец. Постојат неколку клучни разлики меѓу двата модела.

  • EX90 има 7 седишта; додека во Polestar 3 има место за 5 патници
  • EX90 е долг 5037 mm; Polestar 3 има должина 4900 mm
  • EX90 е висок 1744 mm; Polestar 3 мери во висина 1614 mm
  • Лидарот е стандардна опрема во EX90

Со пристигањето на Volvo EX90 и на сестринскиот модел Polestar 3, којшто доаѓа од подмарката на Volvo што е стара пет години и специјализирана е за електричен погон, се очекува натамошно зголемување на бројот на модели со целосно електричен погон.

Тој тренд веќе е започнат кај луксузните лимузини. Во последните три години, во сегментот пристигнаа Porsche Taycan, Mercedes EQS и Audi e-tron GT. Уделот на целосно електрични автомобили во овој сегмент се зголеми на 49 проценти до септември. За споредба, во истиот период лани, уделот изнесуваше 37 проценти.

 
1 Дизел 37%
2 Приклучен хибрид 32%
3 Бензин 21%
4 Електро 7.9%
5 Хибрид 2.1%

Се забележува голем раст и во продажбата на електрични возила во сегментот на СУВ-моделите од средната класа, каде што Tesla Model Y е пред Mercedes-Benz GLC, исто како и во сегментот на лимузините од средната класа, со Tesla Model 3 и Polestar 2 како втор и петти најпродаван модел.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Volvo Cars (@volvocars)

EX90 од друга страна е меч со две острици за Volvo, затоа што тој ќе ги одмерува силите со XC90, моделот што во 2014 година ја започна големата трансформација на шведската марка. Тој е трет најпродаван модел во сегментот, а воедно и трет најпродван модел со приклучен хибриден погон, со близу 10.000 примероци продадени за девет месеци.

 
1 BMW X5 36,769 0.5%
2 Mercedes GLE 33,778 -15%
3 Volvo XC90 19,705 -8.0%
4 BMW iX 14,181 New
5 Land Rover Defender 12,807 0.9%
6 Porsche Cayenne 12,171 13%
7 Audi Q8 9,218 -17%
8 Range Rover Sport 8,831 -37%
9 Audi Q7 8,360 -30%
10 BMW X6 7,514 -9.2%

EX90 е трет целосно електричен модел на Volvo, по верзијата од XC40 со погон на струја и по компактниот кросовер C40. Тој од следната година ќе се произведува во фабриката на Volvo во САД, во близина на Чарлстоун, Јужна Каролина. Во истата фабрика се произведува и Polestar 3. Потоа и Кина ќе се вклучи во производството на електричниот СУВ.

Електричниот знаменосец Volvo EX90 ќе се продава покрај верзиите со благ и приклучен хибриден погон од луксузниот XC90

EX90 е прв модел на Volvo што располага со техника за двонасочно полнење. Тоа значи дека батериајта од возилото може да се користи, на пример, за напојување на потрошувачи во домот, но и за полнење на батеријата на друг електричен автомобил.

Доколку батеријата на возилото се полни преку ноќ, по евтина тарифа, и потоа батеријата се приклучи на електричната мрежа, за да испорачува енергија назад во дистрибуривната мрежа, кога струјата е поскапа, според шведските цени, може месечно да се заштеди до 500 евра, од разликата во цената на струјата.

Најголемиот електричен автомобил на Volvo ќе користи и внатрешни радари, коишто имаат функција да осигураат, дека дечињата не се „заборавени“ на задната клупа во возилото. Американските статистики покажуваат дека во земјата, од 1998 година наваму, се случиле повеќе од 900 смртни случаи, кога дечиња биле заборавени во автомобилот.

Volvo EX90 содржи 15 проценти рециклиран челик, 25 проценти рециклиран алуминиум и 48 килограми рециклирана пластика и биоматерија. Тоа претставува околу 15% од вкупната количина на пластика во возилото, што е повеќе од кој било друг модел на Volvo.

Volvo EX90 е компјутер на тркала и такви ќе бидат сите модели во иднина

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault планира нови модели, Alpine се токми за САД

Stellantis ќе ја удвои фабриката во Мароко, вложува €300 милиони