за

Stellantis ќе ја удвои фабриката во Мароко, вложува €300 милиони

Концернот на Peugeot и Fiat ќе вложи 300 милиони евра за двојно да го зголеми капацитетот на фабриката во Кенитра, Мароко.

Stellantis ги зголемува капацитетите во коишто ќе ги произведува своите модели базирани врз платформата Smart Car, наменети за новите пазари и за пазарите во развој.

Citroen New C3, којшто е наполно различен од нам добро познатиот Citroen C3, е прв модел што е конструиран врз платформата Smart Car на концернот Stellantis. Моделот се произведува во Индија, за локалниот пазар, а наскоро ќе почне производство и во Мароко, за северноафриканските пазари.

Со вложувањето 300 милиони евра во фабриката во Кенитра, Мароко, за и таму да се произведуват модели врз платформата Smart Car, концернот Stellantis воедно ги проширува и капацитетите за производство на електричните четирицикли Citroen Ami и Opel Rocks-e.

Капацитетот на фабриката во Кенитра, којашто е отворена во 2019 година, ќе се зголеми двојно на 400.000 возила. На тоа доаѓаат уште 50.000 електрични четирицикли, меѓу кои Citroen Ami и Opel Rocks-e. На двата модели е веројатно дека наскоро ќе им се придружи и модел под знакот на Fiat, со историското име Topolino.

Почетната инвестиција во фабриката изнесуваше 557 милиони евра. Таму во моментов се произведува Peugeot 208 за локалните пазари. Моделот уште се произведува и во Трнава, Словачка.

Citroen Ami

Семејството модели наречено Smart Car, наменети за новите пазари и за пазарите во развој, своето деби го имаше годинава, со Citroen New C3, којшто се произведува во Индија, за индискиот пазар. Планирани се три модели. Овие автомобили ќе користат голем дел од компонентите од постоечките модели на Stellantis, коишто користат архитектура CMP, вклучувајќи го Peugeot 208.

Менаџерите на Stellantis очекуваат дека возилата врз платформата Smart Car ќе сочинуваат 40% од продажбата на концернот во северна Африка и на Средниот Исток.

Citroen го лансираше квадрициклот Ami во Франција во април 2020 година. Во декември, следеше италијанскиот пазар. Во првата година беа продадени вкупно 2.719 примероци, главно во Франција.

Откако лани почна продажбата на Ami во Шпанија, Белгија и Португалија, продажбата рипна на на 9.183 примероци. Од годинава, моделот се продава и во Велика Британија, Германија и Мароко.

OPEL ROCKS-E

Citroen Ami, којшто припаѓа во посебна категорија лесни возила, со можност да го управуваат лица со навршени 16 години (во повеќето држави во ЕУ), се произведува во Кенитра, заедно со Opel Rocks-e. Германскиот модел се придружи пред завршетокот на минатата година.

Citroen во почетокот на годинава објави дека ќе ја зголеми продукцијата од 18.000 возила на 20.000 возила. Индустрискиот гласник Аутомотив Њуз открива од добавувачите, дека во следната година во фабриката ќе се произведат 35 до 40 илјади примероци од Ami/Rocks-e, вклучувајќи го и третиот модел, Fiat Topolino. Засега уште нема потврда на информацијата за италијанскиот модел.

До 2030 година, Stellantis ќе го зголеми капацитетот на фабриките во северна Африка на 1 милион возила

Повеќе производители и добавувачи отворија погони во Мароко, искористувајќи ги ниските трошоци за работна сила, во споредба со Европа, како и масивните потпомагања од страна на државата. Голема предност претставува и директната врска со големите пристаништа. Renault има две фабрики во земјата, една во Танџир со капацитет за 400.000 возила и една во Казабланка, со капацитет за 85.000 возила годишно.

Глобалната амбиција на Stellantis ќе има корист од тоа што регионите на Средниот Исток и Африка се развиваат со брзо темпо и водат кон тоа да прераснат трет мотор за Stellantis, покрај Северна Америка и Европа“, изјави директорот на Stellantis, Карлос Таварес.

Citroen Oli е лабораторија за идеи за идните електрични модели

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Колку има пазар за големи електрични СУВ-модели од ковот на Volvo EX90?

Менаџерка од Гугл ќе раководи со маркетингот на Volkswagen