Рамниот ветробран на Citroen Oli, покривот и хаубата што исто така се рамни, штедат материјал и се поедноставни и поевтини за производство. Тркалата се комбинација од челик и алуминиум, со цел да се заштеди на тежина, но и на трошоци.
Citroen го најавува својот концепт Oli како „радикален и одговорен“ пристап кон предизвикот да се понудат електрични автомобили со достапна цена, во коишто се користат одржливи материјали, а конструкцијата е лесна и едноставна.
Oli има компактни димензии и личи на Jeep, тежи 1.000 килограми и постигнува досег од 400 километри. Производителот ветува дека во поглед на ефикасноста, Oli е најдобар во класата. Потрошувачката изнесува 10 kWh на сто километри. Батеријата е со големина од 40 kWh, брзината е ограничена на 110 km/h.
Шефот Оливер Кобе не планира да го пушта Oli во сериско производство, за разлика од концептот Ami One што пред две години стартуваше со производство и во меѓувреме се нуди и под марката Opel.
Целта е Oli да послужи за истражување на начините да се констуира достапен и еколошки електричен автомобил што ќе биде привлечен за поширок круг купувачи. Некои од иновациите, сепак ќе доживеат реализација во идните модели на Citroen.
Името Oli се изговара исто како „all e“ и со тоа се мисли на електромобилност, екологија, економичност. Концептот се повикува на оригиналниот Ami, достапен и практичен модел на Citroen од 1960-те години, меѓутоа не претставува ретро модел што го копира Ami, туку само го применува истиот пристап.
Претставувањето на Oli се совпаѓа со воведувањето на новото лого на Citroen, коешто е дводимензионален рендер на историските „шеврони“, што беа користени уште во најраните денови на марката на Андре Ситроен.
Практичната форма на Oli е во согласност со убедувањето на Кобе и главниот дизајнер Пјер Леклерк, дека „формата ја следи функцијата“. Шефот објаснува, „Citroen не e спортска марка и бидејќи ние баравме автомобил што се рециклира, достапен е и штедлив, сакавме да почнеме со форма што ја следи функцијата.“
Вниманието е посветено на одржливите материјали
За да остави помал отпечаток врз животната средина, Oli користи иновативни технологии. Дел од нив се гумите Goodyear Eagle GO, што користат газечки профил изработен од одржливи материјали, вклучувајќи природна гума, сончогледово масло, оризова арпа и смола. Исто како камионските гуми, газечката површина на Eagle GO може да се обнови повеќепати, до 500.000 километри, ветуваат од Goodyear. Тркалата се комбинација од цврст и евтин челик, со лесен алуминиум.
https://photos.app.goo.gl/XVzq1mTQ6EtZo7ns6
Седиштата со цевна рамка, слични како канцелариска столица, се состојат од 80 проценти помалку делови од обичните седишта. Тие се изработени од рециклиран полиуретан со 3D-печат, производ на BASF, со цел да се намали отпадот и да се заштеди во тежина. Подот исто така е обложен со полиуретан, којшто има релјеф како ѓон на спортски патики, со цел да се користат помалку видови материјали и со тоа да се потпомогне рециклирањето.
Рамниот покрив, исто како и рамната хауба и рамниот заден поклопец, изработени се од рециклиран картон со профил на саќе, обложен со смола, и тежи 50% помалку од челикот, но пак поседува доволна цврстина за човек да застане врз нив.
https://photos.app.goo.gl/K4bhakKREBaKuVBq9
Највпечатлив дел во дизајнот е рамниот ветробран, сличен како кај „бубата“ и Jeep. Така се заштедува материјал и производството е поедноставно и поевтино. Бидејќи станува збор за концептен автомобил, не е посветено целосно внимание на аеродинамичноста. Дизајнерите на Citroen откриваат дека во хаубата сепак се наоѓа систем „Aero Duct“ што го насочува воздухот над покривот, за да се создаде ефект на „завеса“.
Вратите имаат иста форма, но се отвораат на различна страна, заради поевтина изработка. Звучна изолација нема, нема ниту звучници, предниот и задниот браник се исти и производ се на фирмата Plastic Omnium, што ги изработува од 50% рециклирани материјали.
Место радио се користи сопстениот телефон – исто како во Ami – додека звучниците се отстранливи и се поврзуваат преку блутут.
Изненадувањето следи кога ќе се открие дека Oli всушност е мал пикап, што исто така е решение за намалување на цената.
Тест · Citroen C5 X Hybrid 225 · Премиумот одеднаш станува неважен поим
https://photos.app.goo.gl/Rv71Nsv36NB3koqH7
https://photos.app.goo.gl/CCi6vG5LkXQZ85yQ6
https://photos.app.goo.gl/ZiLDEpZwjkRbS4vP7
https://photos.app.goo.gl/Lp3ZJc7ubVjMf4jo7
https://photos.app.goo.gl/bHPY4e3B5H7XPTfF9
https://photos.app.goo.gl/3goHy2ny4pdQeq8y5
https://photos.app.goo.gl/Xap2fS2xvmvb9z3z5
https://photos.app.goo.gl/iXHTjV1h8dShhLwA6
https://photos.app.goo.gl/8aP5v6h9BqjNw9zV8
https://photos.app.goo.gl/mAjirjByd91spM8o8
















