за

Тест · Citroen C5 X Hybrid 225 · Премиумот одеднаш станува неважен поим

Citroen C5 X е моделот што сцената долго го очекуваше. Оваа лимузина нелимузина ги менува нештата во класата во којашто се дозволуваат мали отстапки од провереното и во којашто продаваат главно марките од германското премиум трио. Ова е CX на денешницата.

Citroen повторно изненадува повеќе отколку што сцената по традиција очекува да биде изненадена од оваа марка. C5 X е заокружување на цела една генерација модели на француската марка, којашто започна со C4 Cactus во јуни 2014 година и продолжи да напредува со брзина како на CX 25 GTi Turbo. Следеа C3 (пазарен старт во јануари 2017), C3 Aircross (октомври 2017), C5 Aircross (февруари 2019), C4 (септември 2020). Сите до еден, модели покрај коишто заљубениците во марката скрстуваат раце и се смеат задоволно.

Сега C5 X потврдува дека во марката на Андре Ситроен сé функционира беспрекорно, па и класата што е суштинска за имиџот на Citroen. Ова не е едикојси автомобил што се растегнал на пет метри, туку е точно наследник на двете низи од култни модели на марката: На DS-CX-XM и ID-BX-Xantia. За тоа се работеше сето ова време, за Citroen да направи модел што веродостојно ќе ја продолжи низата. И успеа. Сета оваа нова храброст и самоувереност повлекоа од еден модел: Од C4 Cactus. Овој важен модел мора да се спомнува.

Од некогашниот незабележлив C5 од почетокот на векот, и од премногу забележливиот C5, што следеше по него, Citroen денес нуди не една, туку две „петки“. Едната е СУВ-моделот C5 Aircross, другата е овој несекојдневен кросовер, што навидум има едноставна додавка X покрај ознаката C5, а токму за таа додавка X, фановите на марката ќе раскажат долги поглавја. Малку потсетување на тоа што го постигнаа првите две генерации на C5. Првиот „C“ на Citroen од модерно време, поседуваше хидропневматика, HDi, господски шестцилиндарец, богата опрема и напредна техника, меѓутоа од денешно временско растојание е уште повеќе забележливо зошто сцената не му посвети посебно внимание на моделот. C5 I не изгледаше доволно претставително за модел од средната класа.

Втората генерација значително се поправи во тој поглед и сé уште оддава отменост кога ќе се види на улица, меѓутоа времето не беше погодено за модел во средната класа, што доаѓа од марка надвор од светото премиум тројство на Штутгарт-Минхен-Инголштат. На тест-возењето на C5 II во Лисабон, на коешто присуствуваше авторот на овој тест, на покана од Автонова, C5 беше премногу „впечатлив“, затоа што во конструирањето и во возењето прикажуваше повеќе обележја на марките од германското тројство, отколку на Citroen. Тоа е одличен модел, нема сомнеж, но на времето, сцената беше главно расположена 40.000 евра да вложува во триото премиум марки од автонацијата. Толку на завршетокот на 2010-те години чинеше Citroen C5 V6 HDi 240 Biturbo FAP Exclusive Automatic, со трилитарски V6 од Jaguar и најфин автоматик, секако вклучувајќи хидропневматика. Од друга страна, тоа прави C5 II денес да биде една од тајните препораки на пазарот на користени возила.

Така светот дојде до овој C5 X. Од гледиште на дизајнот, овој одлучно осмислен кросовер заслужува да биде одликуван највисоко. На своите 4,8 метри должина, „иксот“ изгледа претставително, отмено, француски. Не е изненадување тоа што автомобилов изгледа така, затоа што уште од C4 Cactus, светот повторно научи да се свртува кога ќе види Citroen.

Тоа долго поглавје што е потребно за да се опфатат сите воспеви и восхитувања, и што C5 X го заслужува, може да биде многу кусо: Автомобилов изгледа фантастично

Citroen докажува дека е марка во којашто се негуваат храброста и смелоста. C5 X претставува верна реализација на барањата на одреден круг купувачи, коишто својот автомобил од средната класа го гледаат различен од масата, но не само во изгледот, туку и во карактерот. Браншата долго е свесна за тој круг купувачи, меѓутоа ретко досега биле понудени модели што вистински излегуваат во пресрет на тие барања. Станува збор за моделските изведби што во имињата носат додавки All Terrain, Alltrack или Allroad. Тоа во основата се комби модели од средната класа, на коишто им е додадена шминка во форма на лакирана пластична заштита на подвозје, проширени прагови, модели што се качени за палец или два повисоко од подлогата и имаат големи и светликави тркала. На крајот, тоа се многу резервирани зафати, што не ги ставаат производителите во ризик, а тоа значи и дека се многу поевтини зафати, отколку што производителите ги наплаќаат. Нормално е што тие „All“ моделски изведби не минаа славно.

C5 X го прави тоа различно. Станува збор за самостојна и драстично оригинална каросериска форма. Во неа се содржани елементи од престижна лимузина, од СУВ, но и од купе, и секако најважното, елементи во коишто фановите ќе препознаат цитати од CX & Co. Колку внимателно е создавана оваа форма, може најдобро да се препознае во задниот спојлер што е одвоен од стаклото, во корист на аеродинамичноста. Тоа се забележува посебно кога автомобилот ќе се погледне од високо.

Автомобилите на Citroen станувале легендарни по тоа што во нив биле применувани иновативни решенија, за возењето да биде подобро од секое гледиште. Тоа значи, Citroen треба во возењето да се познава дека е Citroen. Големиот кросовер не остава да мине долго време за возачот да сети дека седи на повисоко отколку во автомобилите околу. Тоа е воедно и првиот впечаток. Дизајнот е таков, што кога се гледа отстрана, силуетата воопшто не создава впечаток дека C5 X е повисок од стандардните лимузини. Напротив, преовладува впечатокот дека C5 X е долг и елегантен автомобил, мошне широк исто така, и точно тоа го создава шармот на оваа линија.

Клиренсот од дваесетина сантиметри е само за фини излети надвор од асфалтот, можеби до некој ресорт или скапа вила

Големиот Citroen дури и не е драстично повисок од обичните лимузини, туку мери 1.485 милиметри во висина. Во споредба со C5 II, тоа се 34 милиметри повеќе. Дизајнерите толку вешто ја имаат дотерано појавата на овој претставителен автомобил, што човек дури и не помислува дека под возилото останува повеќе слободен простор од вообичаено. Растојанието од подлогата е 194 милиметри. За споредба, СУВ-моделот C5 Aircross располага со 230 милиметри клиренс. Таа екстра слобода секако дека нема да се користи за пробивање по теренот, туку за господско возење по макадам што води до некој ресорт, ресторан, па можеби и луксузна вила.

Следно што се забележува во возењето, покрај седењето на повисоко, тоа е исклучителната ширина на кабината. Неверојатно е дека денешниот C5 X, со своите 1.865 mm, поширок е за дури 95 милиметри од CX, што своевремено се вбројуваше меѓу најшироките крстосувачи. Човек сака да се чувствува комотно во оваа лимузина, со испружени нозе и без мерење дали зглобот досега до врвот на воланот. Тука важат стандарди на Citroen. Тоа особено важи за седиштата. Тие се максимално незабележливи и во тоа е нивната доблест. Чувството е толку природно, што човек не помислува дали тие се премеки или претврди, премногу затворени отстрана или со цврста странична поддршка. Значи, совршени, или блиску до тоа.

Не се погодило случајно седиштата на C5 X да бидат толку „невпечатливи“. Мајсторијата е во дополнителниот слој од 15 mm, но и во еластичите облоги на седиштата. Затоа ергономите на француската марка велат дека тоа се седишта што се дел од програмата Citroën Advanced Comfort. Дополнителен „филм“ во тест-возилото беше електричното повлекување на возачкото седиште нанапред, по седнувањето и давањето контакт.

Citroen C5 X Hybrid 225 е исклучително тивок, затоа што моторот честопати останува неангажиран и отсуствува неговиот звук да ги прикрие звуците од подвозјето, од ветрот, но и од уличниот џагор

По градските улици, најрепрезентативниот модел на марката се движи тивко, како во поглед на звуците од погонот, така и во поглед на подвозјето. Единствено може да се слушне придушено тропање кога ќе се погодат најгрубите дупки и крпеници во асфалтот, што се најверно отсликување на тендерските местенки. Многу внимание е посветено на изолирањето на кабината, за што сведочат ветробранот и задното стакло со дополнителен слој што ги потиснува звуците.

Тој екстра напор за кабината да се изолира е директно поврзан со погонската опција што Citroen ја поставува како врв во понудата во гамата на C5 X. Во кабината мора да биде тивко, затоа што оваа лимузина во нелимузинска форма ќе извози прилично километри чисто на струја, или барем со поддршка од електромоторот, за бензинецот да не го носи сиот товар на свој грб. Тест возилото располага со приклучен хибриден погон.

На 40-минутното видео го прикажуваме полнењето на батеријата во возење преку e-Save и 100% електричната рута по Водно

Погонската спрега во C5 X Hybrid 225 се состои од 1,6-литарски турбо бензинец – тоа патем е моторот EP6FDT (5G06 во Citroen) oд семејството Prince што е развиено заеднички меѓу PSA и BMW – со моќност од 181 КС при 6000/min и вртежен момент од 250 Nm при 1750/min, потоа од електромотор со 81 kW (110 КС) и 320 Nm, класичен автоматски менувач со 8 степени и батерија од 12,4 kWh. Според фабрика, батеријата може да испорачува енергија за 60 km возење чисто на струја, односно 64 km во град. Во чисто електричен режим, електромоторот може самостојно да го движи C5 X до брзина од 135 km/h. Кога работи хибридот, највисоката брзина е 233 km/h, а спринтот трае 7,9 секунди.

Две третини од продажбата отпаѓаат на хибридниот модел, погонот на бензин и струја совршено се совпаѓа со иновацискиот дух на Citroen

Приклучниот хибриден погон е суштински дел од концептот на моделот, односно тој прави C5 X да биде Citroen. Французите нудат и изведба со класичен бензинец со 130 КС, односно 180 КС, меѓутоа интересот главно е за погонот на бензин и струја. Според последната статистика, од септември лани до крајот на јуни годинава, пристигнати се 7.500 нарачки за знаменосецот на марката. Од сите нарачки, 64 проценти или близу две третини отпаѓаат токму на изведбата со приклучен хибриден погон.

Бирачот за режимот на погонот нуди четири опции: Електро, Хибрид, Комфор, Спорт. Мало негодување ќе се појави околу „генеричкиот“ карактер на овој прекинувач, што е ист во секој PSA-модел, и фановите повеќе би сакале ситроеновски прекинувач. Меѓутоа, кога ќе се погледне колку е рамна и мазна конзолата меѓу седиштата, јасно е зошто прекинувачот е толку ненагласен. Од друга страна, сите тие мали стилски излети и нагон за додавање посебност на Citroen во секој детал, во реалниот автомобилски свет чинат многу пари и влијаат врз рентабилноста на моделот. Едно евро заштеда на прекинувач, во моделска серија што ќе се произведе во милион примероци, значи еден милион заштеда. Десет прекинувачи, десет милиони. Затоа денес не е многу умесно да се негодува за такви детали.

Во електричен режим, C5 X ќе вози највообичаено, но на струја, до брзина од 135 километри на час, додека има енергија во батеријата. Во спортскиот режим, електрониката прави да извлече најмногу од заедничката работа на моторот и електормоторот и да понуди екстра моќност. Најголемиот специјалитет на „шевронот“ се послужува кога бирачот ќе се префрли во комфорен режим. Хибридниот модел ексклузивно располага со активно подвозје. Сензори ја следат подлогата и испраќаат информации за тоа до компјутерот, што пресметува како секој амортизер одделно да реагира на нерамнините на патот.

C5 X доликува да биде знаменосец на Citroen

Кога ќе се излезе на автопат и ќе се почувствува делотворноста на сета таа техника, следи и конечното признание: Ова е вистински Citroen што е достоен да го означи врвот на марката. C5 X во поглед на квалитетот на возењето е дораснат на CX, на Xantia Activa, па и на претходниот C5, во неговата верзија со хидропневматска суспензија. Оваа лимузина-нелимузина ќе биде славна (и) по комфорната амортизација по автопат. C5 X над темпо 100 како да се претвора во друг автомобил и непогрешливо создава убеденост дека долгите патувања ќе бидат посебно уживање. Во спортската програма, пак, подвозјето се стегнува и се добива уште една нијанса плус во возната динамика.

Големиов Citroen повеќе е на меката и удобна страна во поглед на амортизацијата, отколку што е на крутата и тркачка страна. Автомобил што амортизира помеко, тешко дека постои во класата. Тоа радува и повторно прераснува во предност на Citroen, откако сцената сака да се релаксира од крутите германски машини што налагаа дека сите треба да амортизираат како нив.

Уште еден екстра момент е задната клупа. Вратите се широки, седнувањето назад е уште поприродно отколку во СУВ, а тоа што посебно плени, тоа е просторот за колена. Во Citroen C5 X, човек со просечна висина навистина може да ги прекрсти нозете и притоа пак да не ги допира седиштата или вратите. Клупата е висока и седечката површина целосно ги потпира бутовите, потпирачот за грб е висок и правилно контуриран. Овој автомобил е директорски автомобил. Комбилимузинскиот заден дел носи уште една предност. Големите површини на прозорците пропуштаат многу светлина во кабината. Тоа исто така е Citroen-обележје.

Багажникот е долг колку багажник на градски модел со соборена клупа

Концептот навистина е безгрешен. По подигнувањето на задниот поклопец се отвора голем простор за товарење, без праг што треба да се совлада, со површина на подот што одговара на просторот во градски автомобил со соборена задна клупа. Во хибридниот модел е малку скусен просторот, од 545 на 485 литри, поради батеријата, но далеку е од тоа некој да забележи дека C5 X Hybrid 225 има помал багажник од моделите со обичен погон.

Француски автомобил без посебен печат во кабината, не е француски автомобил. Citroen C5 X во тој поглед е Grand Palais. Арматурната табла повеќе има стил на современо парче домашен мебел од отмен производител, отколку на хелокоптерски кокпит. Материјалите и боите се француски безгрешни. Впечатлив е мекиот слој со којшто е обложена горната половина од арматурната табла. Материјалите се такви што мамат да се допрат. Над тој своевиден гребен е вградена заоблена лајсна со финиш на стаклена површина, зад којашто се крие амбиенталното осветлување. Долу не се пропушта лајсната што има изглед на благородно дрво.

Како што овалот, односно „капсулата“, става печат на секој дел во C3 или C3 Aircross, така во C5 X се среќава „шевронот“ на сите поголеми површини. Во спомнатиот гребен на арматурната табла е изведен релјеф во којшто само при загледување се воочува дека ситно е изведен знакот на марката. Тој се повторува и на облогата на седиштата, во вратите, како гравура на копчињата за климата, на рачката на менувачот и на командите за радиото.

Потрошувачката е релативна, C5 X Hybrid може со денови да не потроши ниту грам гориво

Потрошувачката на гориво е многу релативен поим кај моделите со приклучен хибриден погон. Кој вози дневно најмногу 20 километри, во град, може три дена да го вози C5 X без да потроши ниту грам гориво. Батеријата во „најлошиот“ случај, при користење обичен приклулок за струја, трае најмногу 7 часови. На полнач од 22 kW, чекањето се сведува на помалку од 2 часа. Доколку батеријата не се полни и се користи чисто хибридниот погон, во реални услови може да се смета на потрошувачка од околу шест литри. Погонот е благодарен при внимателно возење во поглед на енеријата, па кој е расположен, може да постигне и просек од пет литри и помалку. Привлечноста на приклучниот хибриден погон не е толку во заштедата во гориво, туку во различното чувство во возењето и во посебното функционирање на погонот.

Со цена од 53.940 евра на тест-моделот, вклучувајќи промотивен попуст од 2.000 евра, Citroen C5 X секако дека влегува во категоријата на „за тие пари ќе си купам мерцедес“, меѓутоа во овој случај не се работи за „парите“, туку за Citroen. Ова е модел на француската марка што долго време се чекаше и менаџерите го имаа поставено неговиот датум на лансирање уште во времето кога светот првпат се одушевуваше на C4 Cactus.

C5 X им ја додава марката на C3, C3 Aircross, C4 & Co

C3 е одличен модел, C3 Aircross во ништо не заостанува, C4 е меѓу ретките што во овие времиња ја зголемуваат продажбата, C5 Aircross го полни буџетот. Но, тоа се „само“ модели, засебни единки. C5 X им ја додава марката на овие модели, прави Citroen повторно да биде голема марка, во поглед на имиџот. На оваа нелимузинска лимузина ѝ припаѓаше најтешката задача. Сегментот на моделите од средната класа е чувствителен и во основа не дозволува премногу експерименти и стилски излети. Во основа. Citroen со третото колено на C5 направи отстапка од крутите стандарди во класата, точно во подрачјата во коишто се очекува еден Citroen да се разликува од моделите од останатите марки. C5 X не е само дизајн и не само голем автомобил, туку е концепт што е моќен да ги убеди купувачите. Ова е почеток на новата кариера на големите ситроени.

Техничките податоци и главните ставки од опремата на тестираниот модел Citroen C5 X Hybrid 225 Shine може да се погледнат во нашиот онлајн каталог АВТОСАЛОН.МК

Citroen C5 X Hybrid 225 Shine

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sportage доби врвни оцени за безбедност во Америка

Opel Astra GSe на бензин и струја, со 225 КС и фабрички тјунирана