Германскиот добавувач за автомобилските фабрики и еден од светските лидери во браншата, Continental, летоска беше жртва на сајбер напад. Според германските медиуми, хакерите украле податоци од компанијата што котира на берзата и вклучена е во Dax-индексот.
Continental спроведува истрага на случајот „со поддршка од надворешни експерти за сајбер безбедност“, соопштуваат од компанијата. Истрагата се води со „највисок приоритет“ и уште е во тек.
Групата „Lockbit 3.0“ претходно на своите канали на даркнет објави наводен разговор меѓу сајбер-напаѓачите и преговарачи од Continental. Од тој разговор, произлегува дека во нападот што се случи кон крајот на август врз Continental е преземена масивна количина податоци од страна на криминалците.
Од Continental посочуваат дека тогаш го откриле нападот и „се одбраниле од истиот“, како што било наведено во соопштението. Од концернот соопштија и дека напаѓачите не успеале да ги хакираат податоците на серверите на Continental, како и дека не бил побаран откуп.