за

Opel исто како да произвел по едно возило за секој жител на Германија

Голем јубилеј во фабриката на Opel во Ајзенах, во годината кога марката во серија одбележува големи јубилеи: Произведени се 75 милиони возила, речиси по едно возило за секоја Германка и секој Германец.

Од фабриката на Opel во Ајзенах излезе 75-милионитиот примерок со „блиц“ во маската. Славеничкиот примерок е спортскиот Grandland GSe, со врвна опременост,  наменет за врвно возачко уживање.

Многу јубилеи во Opel годинава: 160 години од основањето на марката на браќата Опел, 40 години од првата Corsa и 30 години постоење на фабриката во Ајзенах. Славни се и моделите што имаат излезено од овие погони, а меѓу нив се Opel Kapitän, Rekord, Senator и Omega.

Тоа е убава карма, кога во годината во којашто има многу причини за славење, има уште една дополнителна причина. Opel, од основањето до денес, произвел 75 милиони возила. И моделот што е носител на прославата е погоден, Opel Grandland GSe. Станува збор за примерок од новата спортска подмарка на Opel, којашто се води под ознаката GSe и којашто е нов врв во понудата на германската марка, засега со приклучен хибриден погон, а понатаму и со целосно електричен погон.

Директорот Флориан Хуетл говори: „75 милиони возила Opel – тоа е големо достигнување во историјата на производството на автомобили во Opel. Овој исклучителен број покажува колкава улога има Opel во демократизацијата на технологиите и решенијата за мобилност и ќе има и во иднина. Ние ја дефинираме мобилноста од ново – со јасна цел, до 2028 година да станеме целосно електрична марка во Европа, со автомобили што нудат возачко уживање и одговорност. Нашите нови спортски и електрифицирани модели GSe се уште еден чекор во таа насока“.

Кратенката GSe се однесува на „Grand Sport electric“. Моментно три модели се нудат во оваа спортска и престижна изведба – Opel Astra GSe, комбито Astra Sports Tourer GSe, и најновиот, Opel Grandland GSe. Посебноста на СУВ моделот е во тоа што тој користи електромотор и на задната оска, со што постигнува погон на сите тркала.

Еден роматичарски кадар од тестирањето на Opel Grandland и воедно репортажа до Луке

Grandland GSe користи турбо бензинец од 1,6 литар и два електромотори, постигнувајќи системски 300 КС. Спринтот до темпо сто трае 6,1 секунди, крајната брзина изнесува 235 km/h. Доколку се вози чисто на струја, како максимална брзина во тој случај се дозволува 135 km/h, за батеријата да не се испразни пребрзо.

За да се произведат 75 милиони возила, потребно беше да минат повеќе од 120 години од првиот автомобил Opel. Марката привлекуваше внимание уште во најраните денови, со „докторскиот автомобил“ 4/8 PS од 1909 година, како и со 4/12 PS, со прекар „шумска жаба“, поради необичната светлозелена боја во којашто се лакираше каросеријата.

Германска автомобилска култура, Хер Екхард вози Opel од 1924 година

Тоа што Opel сака да го порача по овој повод е токму демократизацијата. Автомобилите во раните години беа достапни само за најбогатите и највлијателните. Opel е меѓу првите марки што направија автомобилот да стане достапен за поширок круг кушувачи. Истото важи и за напредните технологии, што Риселсхајм настојуваше брзо да ги направи достапни во своите големоволуменски модели.

Првиот милион беше достигнат во 1940 година. Тоа беше Kapitän, со самоносечка каросерија и независно водење на предните тркала. Благодарение на ниската тежина, како резултат од напредната конструкција на каросеријата, овој модел постигнуваше повисоки перформанси, а воедно и пониска потрошувачка.

Вториот милион се случи во 1956 година, исто така Kapitän. Opel тогаш беше прв германски производител, што брзо ја наголеми продукцијата. Славеничкиот модел, наречен „Jubilar“ доби 24-каратна златна превлака на сите хромирани делови на каросеријата.

Милионските интервали се скусуваа сé повеќе. За тоа придонесуваше и напредокот во производствените техники. По 15 години од вториот милион, Opel во фабриката во Риселсхајм го произведе 10-милионитиот автомобил. Нормално, тоа беше Rekord C Caravan. По еден автомобил од дневната продукција се испорачуваше до премиерите на сите германски сојузни покраини, во коишто Opel имаше фабрика: Хесен (Риселсхајм), Северна Рајна – Вестфалија (Бохум) и Рајнланд Пфалц (Кајзерслаутерн).

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Во 1983 година, од фабриката во Риселсхајм излезе 20-милионитиот Opel, а кон завршетокот на деценијата веќе следеше и 25-милионскиот модел на Opel. Славеникот беше Omega A Caravan. Додека Omega A тронува како врвен модел на марката од средината на 1980-те до почетокот на 2000-те години, градскиот модел Corsa и компактната Astra, како наследничка на легендарниот Kadett, постигнуваа милионски „тиражи“.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

По соединувањето на „двете Германии“, од 1991 до 1997 година, само Astra F се произведе во 4,13 милиони примероци. Тоа остана рекорд до денес, како најпродаван модел на Opel во историјата. Честа да биде 50-милионски модел повторно ја имаше Omega, сребрена лимузина од генерацијата B.

New item by Automedia MK / Google Photos

По повод 75-милионитиот автомобил, Opel пак има посебен модел. Grandland GSe претставува спој меѓу нагласено спортско уживање, со фини детали во дизајнот, и ниска емисија на штетни материи, вклучувајќи и можност за возење чисто на струја. За следниот јубилеј е сосем извесно: Тоа сигурно ќе биде целосно електричен автомобил.

Знаменосецот Grandland е вториот модел на Opel со значката GSe

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

renault nissan zastiten znak zaedno

Nissan бара да му се заштити технологијата во преговорите меѓу Renault и Geely

Хакери украле 40 терабајти податоци од Continental