Договорот со американскиот стартап Rivian се става во мирување, Mercedes-Benz Group самостојно ќе произведува големи електрични доставни возила во Полска.
Директорот на Mercedes-Benz Vans, Матијас Гајзен, денес објави ново организирање на производствената мрежа, откако договорот со Rivian за заедничко вложување и производство на големи ванови со електричен погон е одложен на неодредено време.
Mercedes-Benz вложува дополнително да ја задржи својата водечка позиција на пазарот на електрични доставни возила и јавува за нова платформа за своите идни модели и за нова фабрика во којашто тие ќе се произведуваат. „Потпишавме писмо на намери со полската влада и со неколку полски стопански партнери“, соопштува Гајзен.
За изборот на Јавор одлучуваа развиената инфраструктура и помошта од државата. За разлика од останатите фабрики на Mercedes-Benz Vans, во коишто на иста лента се произведуваат доставни возила со мотор со внатрешно согорување и доставни возила со електричен погон, во Полска ќе се произведуваат само доставни возила со чисто електричен погон.
Големите ванови ќе ја користат новата платформа VAN.EA. Тоа што во Полска ќе се произведуваат само ванови со електричен погон, донесува предности во продуктивноста, а со тоа се зголемува нивната конкурентност на пазарот. Трошоците дополнително се смалуваат со фактот што Mercedes веќе произведува мотори во Јавор, па тоа ги смалува трошоците за логистиката и за снабдувањето со енергија, а воедно се користат и бројните локални добавувачи, што ќе испорачуваат компоненти за возилата од новата фабрика. Во Јавор од 2021 година се произведуваат и батерии за електричните модели на Mercedes-Benz.
До конечниот избор за Јавор да биде локација за новата фабрика, менаџментот чека одговор за субвенциите и повластиците што ќе ги даде полската влада.
Mercedes-Benz Vans во септември најави дека ќе изврши промени во својата мрежа од фабрики во Европа, за таа да се проспособи на новите модели со чисто електричен погон што ќе се базираат врз платформата VAN.EA.
Во фабриката во Диселдорф веќе се произведува тековната генерација на Sprinter и eSprinter во фургонска изведба. Од втората половина на 2023 година, таму ќе стартува новата генерација на eSprinter, вклучувајќи ги изведбите со гола шасија за надградби и изведбата на сандачар од големите доставни возила.
View this post on Instagram
Во Лудвигсфелде од 2018 година се произведува отворениот модел од тековната генерација на Sprinter. Стартот на eSprinter во отворена изведба таму е планиран за пролетта 2024. Во оваа фабрика воедно ќе се работат и надградби по посебна нарачка на електричните модели.
Шпанската фабрика во Виториа ги произведува средно големите ванови, односно V-Class, EQV, (e)Vito и (e)Vito Tourer. Од 2025 година, од оваа фабрика ќе излегува и моделот со средна големина, конструиран врз платформата VAN.EA.