за

P1 GTR: Најсилниот и најексклузивен McLaren ќе дебитира во Женева

Новиот суперболид треба да ја оправда ознаката GTR на победникот на 24 часа Леман во 1995 година. P1 GTR ќе биде еден од најекстремните и најексклузивни автомобили во историјата со 1.000 КС и 1,4 kg/КС

Марката со болидите во формула 1 ќе го претстави својот „најавтомобил“ на салонот во Женева во март. McLaren P1 GTR моментно ги вежба тркачките патеки во Европа и на Блискиот Исток.

McLaren ја активираше последната фаза од развојот на својот најмоќен и најексклузивен модел, P1 GTR. Овој болид што претендира за светската титула на „најавтомобил“, моментно ги добива завршните дотерувања на тркачките патеки на Југот на Европа и на Блискиот Исток. Пред производството да стартува кон крајот на годинава и пред да биде лансирана ексклузивната програма за поддршка на возачите на „GTR“, Британците премиерно ќе го претстават автомобилот во конечната форма на салонот во Женева, во март.

Како што тестирањето се приближува кон завршницата, P1 GTR се докажува како најбрз автомобил со „брзинскиот белег“ на McLaren. Со одземање тежина секаде каде што е можно и со оптимизација на хибридниот погон за тркачки патеки, McLaren P1 GTR ќе има за 10 проценти подобар сооднос меѓу тежината и моќноста во споредба со „стандардниот“ P1, што значи дека на еден тон тежина ќе доаѓаат повеќе од 700 КС – или, само нешто повеќе од 1,4 килограм на КС! За ориентација, цивилниот P1 што сé уште смее да се вози како нормален автомобил, забрзува до сто за 2,8 секунди, минува четвртина милја за 9,8 секунди со крајни 245 km/h, вози тристотини километри на час по 16,5 секунди и електрониката го „сопира“ при 350 km/h. Сите овие вредности ќе „паѓаат“ со GTR.

Новата автомобилска икона веќе ги совлада тестирањата на екстремна температура во Бахраин и Катар, со главниот тест возач Крис Гудвин зад воланот. По добивањето на резултатите од овие тестирања беа извршени мали модификации во ладењето и аеродинамиката во споредба со концептниот автомобил од ексклузивниот собир во Пебл Бич, во минатово лето.

Ништо не смее да се препушти на случајот, суперболидот сепак треба да го одбрани името на првиот GTR што победи на 24 часа Леман пред 20 години. За неколку недели ќе страртува и ексклузивната програма за возачи на McLaren P1 GTR, со посета на центарот во Вокинг и проба на еден од најекстремните и најексклузивни автомобили произведени во историјата.

P1 GTR ќе се појави во конечната форма на штандот 1240 во првата хала на 85-от салон на автомобили во Женева.

Сцени од екстремното тестирање на „стандардниот“ P1

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Seat има најголем соларен парк во автоиндустријата

Ова е најлуксузниот салон за автомобили во светот