Сузуки почина на 25-ти декември од малиген лимфом, соопшти компанијата на 27-ми декември.
Индустријалецот ја унапреди компанијата што го носи неговото презиме, од производител на мотоцикли и достапни автомобили од помалите класи, во автомобилска империја со светско име.
Четирите децении под раководство на Сузуки поминаа во брзо напредување на автомобилскиот огранок на пазарите во развој, во масовно проширување на понудата со нови модели, исто како и со голем пробив, а потоа и со пад во САД, како и со соработките со Џенерал Моторс и Фолксваген, што честопати наидуваа на потешкотии.

Долго владеење
Во записите на автомобилската историја, само неколку личности, како Фердинанд Пиех или Хенри Форд, останале толку долго на чело на компанијата, како Сузуки.
Гледајќи потенцијал, каде што другите уште не го препознаваа тоа, Сузуки ги освојуваше пазарите што допрво почнуваа со раст, како Унгарија или Индија, исто како и сегментот на мини-автомобилите во Јапонија, што се единствени во земјата.
Сузуки ја смени компанијата во секој поглед. Кога тој беше назначен за претседател во 1978 година, производителот на автомобили имаше само две фабрики. Во 2015 година, бројот достигна 15 фабрики. Од некогаш 3.820 лица, компанијата денес вработува 57.400 лица. Годишната продукција на автомобили порасна од 248.000 на повеќе од 3 милиони. Моделите на Сузуки се продаваат во 201 држава во светот. Во последната фискална година, Сузуки продаде 3,17 милиони автомобили во светот.

Освојување на индискиот пазар, специјалист за мини
Решавачки чекор на Сузуки беше влезот во Индија во 1982 година и здружувањето со производителот во државна сопственост Марути Удјог. Во 2014 година, Марути Сузуки Индија покриваше 45 проценти од пазарот во Индија. Тој удел во последните години се поднамали на 40 проценти, откако ривалите се впуштија на индискиот пазар.
Стратегијата на Сузуки за напредување со мали чекори, направи јапонската компанија да стане голем играч и на останатите пазари што растат, како Источна Европа или Југоисточна Азија.
Слична визија беа мини-автомобилите во Јапонија, коишто имаат мотори до 660 сантиметри кубни и ограничени димензии, но затоа уживаат големи повластици. Во 1970-те и 1980-те години, на овие возила им припаѓаше околу четвртина од вкупната продажба на автомобили во Јапонија. Во 2010-те, сегментот постигна огромен напредок и денес сочинува 40 проценти од продажбата на домашниот пазар. Сузуки отсекогаш продавал најмногу возила во тој сегмент.

Овие малечки, исклучително штедливи и достапни автомобили со цврст имиџ, се покажаа вистински избор за јапонскиот пазар. Тие произлегоа од опсесијата на Сузуки да ги сведе трошоците на најмала можна мера и потрошувачката да ја донесе на минимум.
Одби да се пензионира
Прославувајќи го 80-от роденден во 2010 година, извршниот директор со дебели веѓи порача дека уште не му е дојдено време да се пензионира. „Јас сум во зенитот на мојот живот,“ кажа тој. „Сега е време да се работи сериозно.“
Продолжувањето со работните обврски беше дел од неговиот личен здравствен план.
„Постојат многу луѓе што патат од алцхајмер, деменција и други заболувања,“ кажа Сузуки. „Во Јапонија, сите тие ги развија симптомите откако се повлекоа во пензија.“
Како претседавач на управниот одбор, Сузуки надживеа двајца претседатели што си заминаа од компанијата, поради слабо здравје. Вториот, Хироши Цуда, се повлече од местото на оперативен менаџер во 2008 година, на свои 63 години. Во тоа време, незаморниот Сузуки презеде уште две функции, па покрај претседавач на управниот одбор, стана претседател, извршен директор и оперативен директор.
Планови за наследниците
Како што минуваа годините, почна да се зборува за неговото пензионирање и за можниот наследник.
За Хиротака Оно, зетот на Сузуки, се веруваше дека ќе го наследи Цуда. Но, тој почина во 2007 година. Познавачите тогаш го насочија вниманието кон Тошикиро Сузуки, најстариот син на Осаму, на тогашни 48 години.
Во 2015 година, тогаш на возраст од 85 години, Осаму Сузуки оцени дека постои потреба да се подмлади менаџерскиот состав. Тој реши подостарените членови на одборот во следните пет години да ги замени со млада крв. Сузуки секако дека имаше главен збор при смената на менаџерскиот тим.
„Оценивме дека е потребно да се подмладиме и дека во тој случај ќе биде најдобро доколку јас си заминам прв,“ кажа Сузуки. „Но, убеден сум дека нема да можам да го сторам тоа.“
Тој честопати кажуваше дека сака да „загине во борба“, не во пензија.
Тошихиро Сузуки стана претседател во јуни 2015 и во следната година го презеде и местото на извршен директор.
Семејни работи
Иако Сузуки Мотор ги има понудено своите акции на берзата во Токио, компанијата остана во семејно владеење. Во март 2015, Осаму Сузуки поседуваше 0,2 процент удел во акциите на компанијата. Но, тој не е роден Сузуки.
Роден како Осаму Мацуда во централната префектура Гифу, тој е зет на фамилијата Сузуки. Во Јапонија не е толку редок обичај, на член на фамилијата што се цени како личност што најмногу е квалификуван да раководи со компанијата, да му се препушти таа чест. Тој го усвои презимето Сузуки и стана дел од фамилијата.
Пред да се ожени со Шоко Сузуки, една од петте внуки на основачот на компанијата Мичио Сузуки (во 1909 година како Сузуки Лум Воркс), Осаму работеше во локална банка. Тој се вработи во семејната компанија во 1958 година, откако таа се преименува во Сузуки Мотор. Амбициозниот нов член на семејството, стана претседател две децении подоцна. Четвртиот претседател на компанијата остана на таа функција 22 години, пред да стане претседавач на управниот одбор беше во 2000 година.
Синот Тошихиро, во период од две години, почнувајќи од 2001 година, беше во функција на координатор на соработката со Џенерал Моторс, којшто тогаш поседуваше 20 проценти од акциите во Сузуки Мотор.
Тошихиро Сузуки во Детроит имаше улога да раководи со размената на технологии меѓу двете компании, меѓу кои спаѓа и возилото со водороден погон со горивни ќелии, што требаше да биде развиено заеднички од Џенерал Моторс и Сузуки.
Пред да замине за Детроит, Тошихиро Сузуки беше директор на фабриката во Ивата, во префектурата Шузиока. Претходното работно место му беше раководење со производството на мини и компактни модели во фабриката на Сузуки во Косаи, исто така во Шизуока.
Поврзување со Џенерал Моторс
Осаму Сузуки секогаш беше свесен за чувствителноста на компанијата, затоа што е помал играч, и поради тоа секогаш бараше еден вид засолниште преку здружување со поголемите компании.
Во 1981 година, на пример, тој помогна Џенерал Моторс да стекне 5,3 проценти удел во акциите на Сузуки Мотор. Во истиот период, ЏМ презеде удел и во Исузу Моторс. Џенерал Моторс беше заштитник на Сузуки подолго од две децении, зголемувајќи го учеството на 20 проценти во 2000 година.
Овој сојуз му овозможи на Сузуки да пушти чекор во Северна Америка, преку КАМИ Аутомотив Инк., заедничка инвестиција со рамноправно учество во изградбата на фабриката во Ингерсол, Онтарио. Таа почна со работа во 1989 година.
Кон завршетокот на 1990-те почна да се наѕира разделувањето на двата партнери.
Откако Џенерал Моторс во 2000 година го зголеми уделот, постоеја надежи дека искуството на Сузуки во малечките автомобили ќе биде искористено за да се освојува кинескиот пазар. Овие планови пропаднаа, затоа што јапонскиот производител претходно им ги имаше дадено своите технологии под лиценца на производителите во Кина.
Менаџерите од САД почнаа да губат интерес за сојузот меѓу Џенерал Моторс и Сузуки, покрај останатите соработки што Детроит ги имаше со Фиат С.п.А, со Фуџи Хеви Индастрис (Субару) и со неколку производители во Кина.

Разочарувањата од Детроит
Осаму Сузуки се разочара од бирократијата на Џенерал Моторс. „Индиската влада е многу деликатна,“ изјави тој за Аутомотив Њуз, опишувајќи ги главоболките на бвизнисот во Индија. „Тие не донесуваат решенија, само одржуваат состаноци. Исти се како Џенерал Моторс.“
Кога ЏМ во 2002 година ги купи капацитетите на банкротираниот Деју Мотор Корп., Детроит го убеди Сузуки да се придружи во новата компанија, што беше именувана ЏМ Деју Ауто & Технолоџи Ко. Сузуки Мотор учествуваше со 14,9 проценти во новата компанија.
Во 2005 година, Сузуки Мотор се пожали дека некои од моделите што ГМ Деју ги произведува во Јужна Кореја и ги продава под логото на Сузуки добиваат слаби оцени за квалитетот од возачките и возачите во САД. Продажбата на Сузуки во САД тогаш го достигна врвот, за веднаш потоа да следи пад.
Откако почна да се распаѓа сојузот, Сузуки му го продаде на ЏМ својот удел во КАМИ. Јапонците единствено ја жртвуваа својата фабрика во Канада, во време кога силниот јен почна да влијае негативно врз извозот на возилата на Сузуки од Јапонија. Сојузот конечно се распадна во светската економска криза во 2008-2009 година. ЏМ ги продаде преостанатите акции во 2008 година, додека се бореше да обезбеди готовина пред сопствениот банкрот во 2009 година.
Спојување со Фолксваген
Не требаше да мине долго време додека Сузуки најде нов заштитник од големата лига. Концернот Фолксваген официјално се јави во 2010 година и купи удел од 19,9 проценти во акциите, со што Германците станаа најголем единечен акционер во Сузуки. Но, на патот пак се појавија пречки.
Главната сопка беше опсесијата на Сузуки да ги држи работите под контрола и да се сочува независноста.
Фолксваген го налути новиот партнер, откако во годишниот извештај им соопшти на сопствените акционери, дека германскиот гигант би можел „значително да влијае врз финансиските и оперативните одлуки“ во Сузуки.
Во извештајот, јапонската компанија беше опишана како „членка“.
Недостигот од доверба ги поткопуваше обидите да се најдат заеднички проекти, иако Сузуки имаше интерес во напредните погонски технологии на ФВ, а Германците фрлија око на искуството на Сузуки со малечките автомобили.
Во есента 2011, Осаму Сузуки јавно прогласи „развод“.
„Сметав дека тие разбраа оти е важно партнерството да биде на рамноправна основа,“ кажа тој, „Доколку се продолжи во ова насока, тоа ќе се претвори во пранги за менаџментот на Сузуки.“
Сузуки бараше Фолксваген да се откаже од акциите во Сузуки. Фолксваген одби. Спорот беше даден на меѓународен суд и соработката се најде во мирување.
Скусувач на трошоци
Фолксваген се надеваше дека ќе ја украде вештината на Сузуки да произведува со ниски трошоци. Но, за тоа не постоеше волшебна формула, туку единствено се темелеше на сопствениот стремеж на Сузуки да штеди максимално.
Осаму Сузуки беше строг микроменаџер и не дозволуваше да се работи површно.
Во лобито на неугледната трикатна зграда на седиштето на Сузуки немаше ниту рецепционери. Место тоа, беше поставен знак што на посетителите им порачуваше сами да се јават во канцеларијата каде што се појдени.
Осаму Сузуки редовно вршеше обиколки во фабриките и самиот изнаоѓаше начини за штедење. Прочуена е неговата наредба да се изведат отвори во покривот во фабриката во Хамамацу, за дневната светлина да пробива во објектот и да се изгаснат светилките.
На менаџерите со години не им се дозволуваше да купат билет за брз воз со директна врска од фабриката во Хамамацу до Токио. Место тоа, фабриката покриваше трошок за карта со три запирања во градовите по пат, затоа што цената е далеку пониска.
Сузуки зад себе ја остави вдовицата Шоко, со којашто има два сина Тошихиро и Масахиро, и ќерка Сумако.
















