Околу моторите со смалена работна зафатнина и турбонатполнење постојат бројни предрасуди за нивната трајност, моќност и потрошувачката, иако т.н. даунсајзинг е воведен како стандард во браншата уште пред повеќе од две децении. Каде на друго место може да се дознае колку има вистина во тие предрасуди, освен на супертестот на германскиот магазин Ауто Билд? Опел Мока со 1,2-литарски турбо бензинец со три цилиндри и 8-степен автоматик, извозе 100.000 километри кај Ауто Билд, по што следеше вообичаеното расклопување до најситен дел.
На денешните автомобили одвај им се познаваат 100.000 километри. Но, секако дека и во таа навидум мала километража може да се случат дефекти. Пример за тоа е Форд Фиеста 1.0 Еко Буст, којашто на супертестот на Ауто Билд во 2020 година, кусо по стотката и непосредно пред завршетокот на тестот, имаше сериозен дефект на моторот. Германските експерти објаснија: „Причина беше откачен клин во затегнувачот на запчестиот ремен“. За општиот квалитет на автомобилот говори и „претходно се појавија проблеми со управувањето и двапати протекуваше системот за ладење.“
Тоа вистински покажува колку се веродостојни супертестовите на Ауто Билд, којшто своевремено имаше и македонско издание. Како фабрички нова Опел Мока од 2021 година, со 1,2-литарски ДИ-мотор и 8-степен автоматски менувач, со врвното ниво на опременост Ултимејт, ги помина 100-те илјади напорни километри на тестот?
Во магазинот во секое време има по неколку автомобили што го минуваат супертестот и се користат од целата редакција во работното секојдневие, со тоа што секој автор и член на редакцијата (повеќе од 40 лица) ги запишува своите добри и лоши впечатоци од автомобилот. „Дауертестот“ трае со години, најмалку две.
Авторите на Ауто Билд имаат неколку мали забелешки околу концептот на возилото, што главно се сведува на „високи прагови“ при седнувањето во кабината во споредба со првата генерација на Мока и „седиштата со масажа во нашето возило на супертест воопшто не се лоши, но „опционалните“ АГР-седишта на старата Мока беа посебно квалитетни.“ Околу седиштата, сепак има поделени ставови во редакцијата.
Добри оцени за турбо-трицилиндарецот и за класичниот автоматски менувач
Во патниот бележник има само добри оцени за „невобичаената комбинација од турбо-трицилиндарец и автоматик со претворач на вртежен момент“. При 3.000 вртежи на германскиот аутобан, Мока вози во 8-от степен со 160 км/ч, што „потсеќа на големите дизели на дебелите СУВ – опуштено!“
Одлични оцени има и за матричните диодни светла, за аудиото и за поедноставениот кокпит, што е „дигитален, но не е премногу разигран и дополнет е со вистински прекинувачи“. Изгледот на црните сјајни површини во кокпитот во Ултимејт е убав, но тие „мора да се одржуваат чисти и чувствителни се на гребаници.“
Забелешки има и за малиот багажник со полица што не трпи тежина и за тоа што постои само еден УСБ-приклучок. Ауто Билд цени дека автомобил што чини 34.000 евра (во 2021 година, во Германија) треба да понуди повеќе од тоа.
[the_ad id=”85764″]
Во истата насока, во бележникот стои дека нема светло на задната клупа, нема преклопливи рачки во таванот и касетата пред совозачкото седиште не е осветлена. На педантните германски колеги им недостигаат и прстени за прицврстување во багажникот. Опел Мока во меѓувреме стартуваше во новото моделско годиште, во коешто многу детали се преработени.
Моторот од 1,2 литар со неговото „забавно трицилиндарско предење“ на целиот тест трошеше 8,2 литри. На стардардната рута на Ауто Билд за споредување на потрошувачката, вредноста е 7,9 литри. Колегите посакуваат и резервоарот да собира повеќе од 44 литри. Мала забелешка и за задоцнетата реакција на копчето за старт и на системот за задржување во лента што презема остри зафати и повеќето возачи редовно го исклучувале при возење.

Поглавјето за запчестиот ремен
Понатаму во текот на тестирањето се појавило и слабо влечење в лево, што се должело на изместување во геометријата на предната оска. Но, главното! „Погонскиот ремен за брегастото вратило, што е потопен во масло и што го подгризна имиџот на Стелантис, издржа,“ пишува Ауто Билд во извештајот од тестот.
Германците сепак беа претпазливи, и по најмало сомневање по проверката во сервисна работилница, го заменија ременот на 61.000 километри, место на пропишаните 100.000 километри.
=> Уште неколку забелешки од галеријата на супертестот: „Манжетната на левата погонска оска е за замена“, „Трите клипови ќе издржат уште долго, сите клипни прстени се движат слободно“, „издувните вентили се чисти, на вшмукувачките вентили има траги од прегорено масло“, „Цилиндарските кошулки се во добра состојба со минимални траги од прегорено масло“ <=
=> Возилото е редовно сервисирано на секои 20.000 километри, во текот на целото тестирање е дополнето само 0,5 литар моторно масло. Нема непредвидени трошоци <=
Авторите на Ауто Билд не оставаат простор за сомнеж
„При расклопувањето по завршетокот на тестот, сите лежишта, турбото, исто како и диференцијалот, не покажуваат позабележливо абење. На моторот и менувачот забележавме мали траги од испарувања од масло (што се безопасни во оваа мера), потоа почеток на корозија на носачот на предната оска, на држачот на браникот и на долната шарка на совозачката врата – и тоа е сé.“
Заклучокот на Ауто Билд
„Сите главни компоненти издржаа, исто и погонот на брегастото вратило со запчест ремен што е потопен во масло – тој сепак мора да се проверува и да се замени порано, како што и ние постапивме. Стелантис ветува дека со фејслифтот во 2025 година се поправени сите забелешки: Од 2023 година, ланец го заменува запчестиот ремен.“
Супертестот на Ауто Билд е објавен на следната врска
https://www.autobild.de/artikel/opel-mokka-dauertest-21054925.html
















