Водородот важи како погонско гориво на иднината. Но, водородот се поврзува со електромотори и со горивни ќелии. Производителите на мотори гледаат шанса и ценат дека е многу поедноставно ако моторите со внатрешно согорување се приспособат за погон на водород.
Новиот поттик за идејата за мотори со внатрешно согорување што ќе работат на водород потекнува од специјалистот за развој на мотори AVL. Од австриската компанија најавија камионски бензински мотор што ќе согорува водород. Моторот од 12,8 литри со директно впрскување и моќност од 467 КС се базира врз мотор што е наменет за работа со метан. AVL нема посочено датум кога моторот би можел да влезе во сериско производство. При согорувањето на водородот во моторот не се создаваат штетни материи и СО2, и во тој поглед нема разлика од системот со горивни ќелии.
Причината за тоа што техниката досега на наиде на поширока примена е во нискиот степен на ефикасност при согорувањето на водородот, како во ото-мотот, така и во горивната ќелија. Поголем проблем е практично непостоечката мрежа од станици што точат водород. Тоа сепак ќе се смени в година, затоа што Германија планира драстично зголемување на бројот на станици на коишто ќе може да се наточи водород.
Користењето водород како погонско гориво може да биде спас за иднината на ото-моторите, барем во мал обем
BMW во 1990-те години имаше голем успех со развојот на ото-мотор со погон на водород, па дури и менаџери од македонскиот увозник за марката учествуваа на тестирањата на 750 hL. Во пролетта во 2000-та година, BMW располагаше со возен парк од 15 водородни автомобили, од моделот што беше означен 750 hL. Дванаесетцилиндарецот работеше во лимузината со којашто Минхен се пофали пред светот како „прв малосериски произведен автомобил со погон на водород. Моќноста изнесуваше 204 КС, спринтот до темпо сто траеше 9,6 секунди. Крајната брзина изнесуваше 226 km/h. Но, потоа во 2009 година, BMW се откажа од понатамошниот развој на овој мотор.
Во градот на BMW, во Минхен, друга компанија моментно се занимава со ото-мотор што согорува водород. Во компанијата Keyou ценат дека ото-моторот што работи на водород е супериорен во споредба со електричниот погон со горивни ќелии во поглед на издржливоста, трајноста, цената за производство, повисоката специфична моќност и помалата потреба од ладење.
Основа за моторот што е развиен од Keyou е 7,8-литарски дизел од Deutz, кој првенствено е конструиран за вградување во автобуси и камиони. Целта била преправката да биде колку е можно поедноставна. Промени секако има во системот за палење, во турбонатполнењето, во вентилите, во системот за ладење и во инјекторите. Во првиот чекор, моторите на Keyou ќе се вградуваат во градски автобуси.
На тој начин би се постигнал голем чекор во насока на превоз без штетна емисија. Реално, емисијата е под 1 грам СО2 на километар, што е незначително и се води како возилото практично да не испушта СО2. Единствено треба да се третираат азотните оксиди во издувот, но тоа се надминува релативно едноставно, со посебни катализаторски системи.