Со стрмни нагорнини и повеќе од 150 свијоци, освојувањето на врвот на 4.300 метри надморска висина е предизвик за секој автомобил. За камион од тешка категорија, уште повеќе. Еден типичен американски камион Kenworth се искачи до врвот без проблеми, па дури и без грам штетни материи. Toyota вгради водороден погон во камионот.
Kenworth, американскиот специјалист за камиони од најтешка категорија, испиша уште едно историско поглавје. Примерок што однадвор личи како класичен Kenworth T680 со дизел мотор, се искачи на врвот на Пајкс Пик без ниту грам штетна емисија. Камионот користеше водороден погон, каков што Toyota веќе долго вградува во своите сериски автомобили.
Најголемиот дел од преработката го заврши инженерскиот тим на Toyota во развојниот и истражувачки центар во Гардена, Калифорнија. Од тимот воедно и потекна идејата за дизел моторот да се замени со водороден погон, каков што се вградува во Mirai, но приспособен за сосем различните услови во камион од најтешка категорија.
Тестирањето на прототипите во Гардена започна уште во 2017 година, со постојано унапредување на конструкцијата и воведување иновации во секој следен прототип. Од Kenworth коментираат за успехот: „Патот до врвот на Пајкс Пик е долг и под постојана нагорнина, така што посебно нé радува што Kenworth T680 со погон од Toyota ги исполни нашите очекувања и се искачи до врвот, постигнувајќи одлични перформанси и одлично однесување во возењето.“
За американскиот производител на камиони, ова претставува уште еден пример за способноста на водородниот погон на Toyota. Целта на оваа соработка секако е Kenworth да понуди камион со водороден погон на Toyota во редовна продажба.
Последниот прототип два дена се тестираше по патот до врвот на Пајкс Пик. Од возењата се добија вредни податоци и заклулчоци, кои ќе се користат за усовршување на техниката, во поглед на издржливоста и ефикасноста. По сите тестирања до врвот, резервоарите за водород уште биле релативно полни.















