Мобилните станици за мерење на загаденоста на воздухот се најдобро решение, кога треба да се утврди емисијата на „сомнителните“ извори, како и да се измерат ефектите по воведувањето на одредени мерки за заштита.
Мобилното мерење на загаденоста на воздухот може да даде многу одговори околу вистинските извори на загадување, како и околу ефектот по воведувањето на одредени мерки. Германскиот центар за аеронаутика и астронаутика изработи такво возило, што дозволува штетните материи, како гареж, азотни оксиди или СО2, да се мерат во реално време. Предизвикот беше сите мерни уреди и сензори да се вградат во обично комбе, конкретно во Volkswagen Crafter.
Оваа подвижна лабораторија ги мери штетните гасови, исто како и емисијата на цврсти честички (PM). Германските научници посебно внимание посветуваат во ултраситните честички (UFP), кои имаат пречник помал од 100 нанометри – тоа значи дека се поситни од десетилјадитиот дел од милиметарот. Тие не може да се измерат со обичната мерна техника и со едноставни сензори. Но, здравенствените проблеми што можат да ги предизвикаат овие честички се мошне сериозни. Техниката во мерното комбе на германските „астронаути“ реагира уште при присуство на 500 нанограми штетни честички на метар кубен воздух.
Со нашето возило ги идентифицираме многу загадените подрачја, значи жариштата, како што се крстосниците, и ги утврдуваме изворите на загадувањето. На тој начин можеме подобро да ги анализираме постоечките податоци за квалитетот на воздухот и статистички да ги потврдиме
Др. Тобијас Шрип, раководител на проектот
Примена во воздушен, патен и воден сообраќај, како и во индустриски процеси
Центарот го става возилото на располагање за јавните институции, кои сакаат да извршат испитувања во врска со автомобилскиот сообраќај, потоа за тестирање на квалитетот на воздухот во градовите, во подрачјата околу аеродромите и за индустриски процеси во коишто се одвива согорување.
Пред секое мерење, центарот за аеро- и астронаутика посебно ги утврдува позициите, рутите и времетраењето на мерењето. Моторот во возилото е дизел со издув според Euro-6d, што значи дека смее да се користи и во еколошки заштитени подрачја. При мерењето, возилото сепак ја користи најчистата енергија, сончевата. Со комбинацијата од батерија, дополнителен алтернатор и соларни ќелии на покривот, возилото може да врши мерења до три часови, без потреба од надворешен извор на енергија.