Заоблена форма и површини што преоѓаат меко една во друга се главна одлика на тркачкиот Mercedes-Benz W 25. Тој е една од првите „сребрени стрели“ и нормално е дека каросеријата му е лакирана сребрено.
Три тркачки автомобили на Mercedes-Benz со аеродинамична каросерија стартуваа на меѓународната трка на патеката Авус во Берлин, на 30-ти мај 1937 година. Техничарите имаа само малку ограничувања и на трката можеа да ги искористат сите свои знаења и ресурси, за да го направат најбрзиот и најдобриот автомобил.
Трите автомобили изгледаа слично, но се разликуваа во техниката. Mercedes W 25 со додавка во името „Stromlinienrennwagen“, што во превод е тркачко возило со аеродинамична каросерија, поседуваше 5,6-литарски мотор со 12 цилиндри и ознака MD 25 DAB. Другите две возила користеа 5,7-литарски осумцилиндарец M 125 F од тогашниот формула болид W 125.
Трите возила завршија победнички. Рудолф Карачиола победи во првата трка, втората трка ја реши Манфред фон Браухич, додека конечен победник во завршната трка беше Херман Ланг.
https://photos.app.goo.gl/zwEebY288anexiy69
Победите во голем дел се должеа на аеродинамичноста. Возилата на правците постигнуваа до 380 km/h. Дури и во тогаш новиот, прочуениот северен свијок на Авус, болидите возеа 370 km/h. За споредба, тогашниот формула болид W 25 со тркала на отворено и со 4,7-литарски осумцилиндарец од 1936 година постигнуваше 300 km/h.
Автомобилот на Фон Браухич се базираше на рекордерскиот W 25 со 12-цилиндарец, што се користеше во 1936 година. Тој беше совршена основа за тогашната „најбрза трка во светот“ на Авус. Таков опис за трката даде Херман Ланг. Каросеријата на W 25 беше променета драстично за трката на Авус.
https://photos.app.goo.gl/QC3aqpVWk1BcwqKMA
На возачите им се гледаше само главата над каросеријата на W 25 за трката на Авус. По седнувањето на возачите, над кокпитот се прицврстуваше метален поклопец, што ги покриваше рамениците и рацете. Како заштита од воздушните струи служеа три мали панели, поставени на поклопецот.
https://photos.app.goo.gl/BxsHNBJPudubCDdp6
Единственото чувство во возењето на тогашните болиди најверно го опишува самиот Херман Ланг: „За правилно да се извози северниот свијок на Авус, свијок каков што не постои на друго место и претставува голем проблем, потребен беше многу тренинг. Прво не можев да го одвојам погледот од линијата што ја прикажува средишната линија на патеката. Подоцна се охрабрив и гледав настрана. Кога ќе погледнев десно, имав единствен впечаток како да ќе се качувам по вертикален ѕид, а кога ќе погледнев лево, ми изгледаше како длабоко под мене да има море од лица, што го исполнуваа внатрешниот дел од свијокот.“
https://photos.app.goo.gl/rpVZG3o7rR7nRHg26
Во тркачкото трио на Авус, инженерите ги применија искуствата што ги стекнаа при поставувањето рекорди во 1936 година. Уште тогаш се работеше во воздушен тунел, којшто се наоѓаше во Фридрихсхафен. Техничарите тогаш опишуваа дека само отпорот на воздух на тркалата што стојат на отворено одзема три четвртини од моќноста на моторот.
https://photos.app.goo.gl/6KatizWE2DWEUsEr6
https://photos.app.goo.gl/rD4y5Jc7ZGu7gmF37
















