за

Mercedes S-Class: Најважните бројки и факти за W 223

За сликите обично важи дека заменуваат илјада зборови. Тоа некогаш важи и за бројките. Преку најважните бројки и најинтересните факти околу новиот Mercedes S-Class, се прикажува вистинската мера на напредокот.

Mercedes S-Class Најважните бројки и факти

Mercedes S-Class, за кого што Штутгарт со задоволство нагласува дека станува збор за најпродаваната луксузна лимузина во светот, од вчера вози во новата генерација со ознака W 223. Во првата објава за овој своевиден патоказ за целата индустрија зборувавме за најважните иновации. Во продолжение се најважните бројки и факти околу „шпитценкласе-мерцедесот“.

Кругот на вртење во верзијата на S-Class со управувана задна оска се скусува до 2 метри. Максималниот агол на свртување на тркалата на задната оска изнесува 10°.

Системот „Hey Mercedes“ разбира природен говор (Natural Language Understanding – NLU) и подржува 27 јазици.

Врвниот систем за озвучување од Burmester работи во 4D Surround и располага со 31 звучници и резонатори (Exciter).

За удобно седење, во совозачкото седиште се вградуваат до 19 мотори (8 за местење, 4 за масажа и 5 за вентилација, еден за слабинскиот дел и еден за поместување на мониторот одзади).

Во новиот S-Class се нудат 10 различни програми за масажа.

Изведбата со приклучен хибриден погон на S-Class ќе располага со електричен досег до 100 километри.

Површината на којашто се прикажува проекцискиот дисплеј (head-up) со унапредена реалност, одговара на монитор со дијагонала од 77 инчи, односно 196 сантиметри.

Зафатнината на багажникот порасна за 20 литри во споредба со претходникот и изнесува 550 литри.

Со отпор на воздух cw 0,221 во најповолната моделска изведба, S-Class се вбројува меѓу возилата со најдобра аеродинамичност. Иако челната површина е зголемена за 200 сантиметри квадратни, отпорот на воздух е понизок отколку кај претходникот.

Ширината во делот на лактите е зголемена за 38 милиметри на возачкото седиште, односно за 23 милиметри на задната клупа. Над главата има 16 милиметри повеќе слободен простор.

Резолуцијата на DIGITAL LIGHT изнесува над 2,6 милиони пиксели.

Процесорската моќност на MBUX (Mercedes-Benz User Experience) е зголемена за 50 проценти во споредба со претходно. Меморискиот опсег изнесува 41.790 MB/s.

Каросеријата може да се подигне до 8 сантиметри при опасност од страничен судир, со помош на подвозјето E-ACTIVE BODY CONTROL, за време од неколку десетинки од секундата.Тоа е нова функција на PRE-SAFE Impuls Side.

Температурата и распределбата на воздухот кај THERMOTRONIC се регулираат со помош на 17 сервомотори. Четиризонската климатизација THERMOTRONIC со дополнителни фунции за задната клупа располага со дури 20 сервомотори. Отворите за воздух се регулираат со електромотори.

Во активното осветлување на кабината има по една светлечка диода на секој 1,6 сантиметар растојание, поставени во светлечка лента. Вкупно има 250 диоди.

Новиот централен дисплеј со OLED има димензии 239,06 mm x 218,8 mm и нуди активна дијагонала од 12,8 инчи (32,5 cm). Површината на дисплејот е за 64% поголема од претходно. Дисплејот пред возачот има димензии 291,6 mm x 109,4 mm и дијагонала од 12,3 инчи (31 cm).

Цевната структура на новиот вид на задна воздушна перница има зафатнина од 16 литри, односно вкупната зафатнина на отворена перница изнесува 70 литри.

Контролните уреди на E-ACTIVE BODY CONTROL ја анализираат возната ситуација 1.000 пати во секунда и ја приспособуваат работата на подвозјето.

Името „S-Klasse“ првпат е користено официјално кај серијата 116 од 1972 година.

Во S-Class се користат компоненти со вкупна тежина од 98 килограми, што се изработени од материјали со коишто се поштедува животната средина. Бројот на делови што содржат рециклиран материјал изнесува 120, што е двојно повеќе од претходно. Дополнителни 40 килограми потекнуваат од обновливи ресурси.

Ознаката на новата серија гласи 223.

Новиот алат што прави микронски отвори во седиштата работи со 16.000 игли.

Верноста на клиентите е исклучително висока кај S-Class. Околу 80% од клиентите на S-Class во Западна Европа повторно се решаваат за автомобил од Mercedes-Benz. Овој удел во САД достигнува над 70 проценти.

Повеќе од една третина од сите произведени лимузини од претходникот (серија 222; деби во 2013 г.) се испорачани во Кина. Тамошните сопственици на S-Class се најмлади, со просек од околу 40 години.

S-Class низ светот се продава првенствено во изведбата со продолжено меѓуоскино растојание. Девет од 10 клиенти се решаваат за долгата изведба на S-Class. Од претходната генерација се испорачани над 500.000 примероци од лимузината.

>>> Mercedes S-Class: Најважните 10 новини кај ѕвездоносецот

Mercedes S-Class Најважните 10 новини кај ѕвездоносецот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Chevrolet-Suburban анкета патувања Америка

Патувањата биле најсреќни моменти за Американците летово

toyota yaris 2021 салон скопје

Новата Toyota Yaris веќе ја пишува 2021 година