за

Mercedes S-Class: Најважните 10 новини кај ѕвездоносецот

Премиерата на новата генерација на најпродаваната луксузна лимузина во светот се одржа денес во 14 часот, откако неколку часови претходно беше свечено пуштена и новата фабрика за Mercedes S-Class, наречена Factory 56.

Деновиве ќе се зборува и чита многу за Mercedes S-Class, сега во генерацијата со ознака W 223. Тоа обично ќе бидат епитети и суперлативи, неповрзани приказни. Бидејќи светот е одлично запознаен што претставува S-Class, имаме нешто покорисно. Во продолжение се десетте најважни новини во W 223.

Во новиот Mercedes S-Class стартува втората генерација на MBUX (Mercedes-Benz User Experience). Тоа е начин на којшто возачот и патниците комуницираат со возилото. Има до пет екрани, дел од нив со технологија OLED. Со притискање копче, возачот вклучува 3D-приказ во дисплејот пред себе. Посебноста е во тоа што се добива длабински ефект, благодарение на Eye-Tracking. Впечатлив е големиот проекциски дисплеј, со унапредена реалност. Стрелките на навигацијата, на пример, точно покажуваат во проекцискиот дисплеј врз улицата во којашто возачот треба да сврти следно. Приказот е воедно анимиран и многу прецизен.

Со помош на камери во таванската конзола и со алгоритми што учат, асистентот за ентериер што е дел од MBUX препознава кога возачот или патниците сакаат да вклучат некоја функција. Камерите го следат правецот на главата, движењата на дланките и на телото. Ако возачот се заврти наназад, асистентот на MBUX автоматски ја спушта завесата за заштита од сонце пред задното стакло.

Активното амбиентално осветлување се вградува со доплата и преку 250 светлечки диоди ги пренесува предупредувањата или препораките од системите за асистенција. Диодите воедно светнуваат при ракување на климата, на пример, како и при извршуваето на функциите преку „Hey Mercedes“.

Најновата генерација на серискиот пакет со системи за асистенција содржи нови и збогатени функции. Пример е интелигентното приспособување на брзинското ограничување. Во дисплејот пред возачот се прикажува дејствувањето на системите за асистенција, на разбирлив начин и по целиот дисплеј.

Задната воздушна перница (доплата кај S-Class со продолжена каросерија) значително ја смалува опасноста од повреда на главата и вратот на патниците назад. Со новата конструкција во форма на цевка, воздушната перница се отвора посебно меко.

Управувањето на задната оска (со доплата) овозможува S-Class во град да се вози како да е A-Class. Аголот на управување на задната оска изнесува до 10 степени. Кругот на вртење се скусува за два метри.

Повеќе од 50 електронски компоненти во новата S-Class добиваат нов софтвер онлајн, over-the-air (OTA). Во нив спаѓа целосниот MBUX систем, дисплејот пред возачот, системите за асистенција, но исто и системите за светла MULTIBEAM LED и DIGITAL LIGHT. Тоа му заштедува време на клиентот, бидејќи не мора да поседува сервисна работилница.

При опасност од странично налетување на друго возило, подвозјето E-ACTIVE BODY CONTROL (со доплата) ја подигнува каросеријата за само десетинка од секундата. Тоа е нова функција на PRE-SAFE Impuls Side. На тој начин значително се намалува напрегањето на телото на патниците, бидејќи енергијата на судирот се насочува кон посебно отпорните структури во долниот дел од возилото.

Од втората половина на следната година, S-Class ќе може во Германија да се вози со новиот автопилотски систем со име DRIVE PILOT (со доплата). Тоа ќе биде можно во случај на густ сообраќај, застој или на одредени делници од аутобанот. Возачот ќе може тоа време да го искористи за одмор или за канцелариска работа.

Револуционерната технологија на светла DIGITAL LIGHT (со доплата) овозможува сосем нови функции, како проектирање на помошни ознаки или предупредувачки знаци врз патот. DIGITAL LIGHT поседува по еден модул во секое светло, со три исклучително силни LED, чијашто светлина се прекршува со помош на 1,3 милиони микроогледала и се насочува. Тоа дава резолуција од 2,6 милиони пиксели.

Пристигаат уште бројни детали за новиот Mercedes S-Class, следете ја Аутомедиа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Mercedes S-Class доби нова фабрика: Отворена е Factory 56

Новиот Mercedes S-Class доби нова фабрика: Отворена е Factory 56

Audi му помага на Porsche да ја удвои продукцијата на Taycan

Audi му помага на Porsche да ја удвои продукцијата на Taycan