за

Новата Toyota Yaris веќе ја пишува 2021 година

Три премиери во низа. Во вторник поведе електричната Skoda, по еден ден следеше S-Class, денешната премиера е Toyota Yaris, домашна и во салонот во Скопје.

toyota yaris 2021 салон скопје

Во салонот на Тојота Авто Центар денес имаше премиера новата генерација на Toyota Yaris. Во време кога неколку модели во класата веќе се нудат со погон на струја, Yaris продолжува со својот хибрид – посимпатичен, поатрактивен и поактуелен од кога било досега. Новините се сеопфатни, изгледот верно го прикажува тоа.

Најважниот нов модел на Тоyота за европскиот пазар, не само за годинава, туку и општо за целата TNGA-генерација, стартува со продажба точно по план и веќе е изложен во салонот на Тојота Авто Центар. Ако претходно се чинеше дека Yaris ќе биде „само“ смалена изведба на суперселерот Corolla и сé ќе биде познато, тоа што ќе ги пречека купувачите во салонот настапува сосем различно. Во оригинално избрана комбинација од виолетово сина каросерија со бел покрив, Yaris покажува динамичен стил, впечатливи и единствени потези во линијата на каросеријата, и што е најважно, оддава впечаток на автомобил што е конструиран и произведен на влезот во третата декада од третиот милениум. Toyota Yaris во својата четврта генерација е дури пред своето време. На изложените примероци, со убава симболика е напишано 2021 година. Тоа е широкоград гест на увозникот, за побрзо да ја надминеме оваа чудна година и да влеземе во следната, да се надеваме подобра година.

Yaris со ваква форма и содржина личи како шаховска игра, во којашто едниот играч, во случајов Toyota, поседува врвно мајсторство, но го пушта противникот да влече потези, чисто колку да му ги гледа грешките. И потоа, кога противникот ќе помисли дека е на неколку потези до победа, следи мат. Тоа важи за хибридниот погон. Додека Французите и Германо-Французите настапуваат со цени од 35.000 евра за нивните електромобили, цената на хибриден Yaris е двојно пониска. „Конкурентите“ практично ѝ направија услуга на Toyota.

Toyota Yaris е најдобриот доказ дека јапонскиот концерн располага со голема резерва од креативен потенцијал во TNGA-стратегијата – моделов не е смалена Corolla, туку е посебен модел со посебна привлечност, со општите квалитети на марката

За техниката и за пристапот при развојот на новата Toyota Yaris досега имаме објавено повеќепати и најдетално. Овојпат им се посветуваме на цените и на опремата.

На располагање стојат четири погонски варијанти. Моделот со хибриден погон доби комплетно нова погонска спрега, а тоа значи апсолутно комплетно: Нов 1,5-литарски мотор, нов електромотор, нова литиум-јон батерија, нова трафо-секција, нова електроника. Системската моќност изнесува 116 КС, нормираната потрошувачка на гориво изнесува 2,8 литри на сто километри. Истиот мотор се вградува и самостојно, без електромотор, со неколку преправки и со моќност од 125 КС. Опција кај овој мотор е менувач CVT, во замена за 6-степениот мануелен менувач. Четвртата погонска варијанта е бензинец од 1,0 литар и моќност од 72 КС, кој е преземен од претходната генерација на Yaris, но има претрпено неколку преправки, заради смалување на емисијата на СО2.

Најважниот податок од комерцијализацијата на секој модел: Основната моделска изведба на генерацијата на Yaris со фабрички код XP210, со мотор 1.0 со 72 КС и со основното ниво на опрема Light, редовно чини 13.490 евра. Во опремата спаѓаат шест воздушни перници – плус воздушна перница што се отвора меѓу возачот и совозачот, заради спречување на удирање на телата при страничен судир, премиерно и единствено во сегментот – клима уред, инфо-забавен систем со дисплеј од 7 инчи на допир, со говорни команди и копчиња на воланот, USB, Bluetooth, поврзување преку Android Auto и Apple CarPlay, патен компјутер, E-Call, трепкачи во ретровизори, електрика на предните прозорци со комфорно затворање и отворање, електрика и греење на ретровизори, лакирани каросериски додатоци и челични тркала со гуми 185/65R15.

Основното ниво на опрема е достапно и за изведбата со хибриден погон – тоа е привлечно за компаниите со големи возни паркови, што сакаат да ја искористат големата заштеда во оперативни тропоци. Секако дека таа комбинација е универзално привлечна

Следниот широкоград потег на Toyota. Покрај моторот 1.0, основното ниво на опрема Light е достапно и во комбинација со хибриден погон. Нема условување (како што тоа го умеат Французите) евергрин-екопогонот да се купува само во комбинација со навигација или евентуално со стаклен покрив. Ете го и ефектот: Најдостапниот полн хибрид на македонскиот пазар чини 17.990 евра.

Моторот 1.5 со 125 КС и 6-степен мануелен менувач, стартува од второто ниво на опрема Fancy. Во споредба со претходното ниво, тука дополнително се добиваат кожа на воланот и на рачката на менувачот, дисплеј од 8 инчи за инфо забавниот систем, заедно со камера за рикверц и електрика за задните прозорци. Цената на оваа моделска изведба изнесува 14.990 евра.

Богатата опременост создава одлична противвредност, особено кога ќе се земат предвид и стандардните системи за асистенција, чијшто обем ќе биде објавен наскоро

Со овој мотор може да се комбинираат уште три различни нивоа на опрема. Првото повисоко ниво е Chic, со автоматски бришачи, магленки, звучно и термоизолиран ветробран, алу-тркала од 15 инчи, греење на предните седишта и 6 звучници. Цената со моторот од 1,5 литар изнесува 15.790 евра.

За илјада евра повеќе следи нивото Chic Extra, со диодни предни светла и магленки, машински обработени алу-тркала со пневматици 195/55R16, амбиентно осветлување, пристап и старт без клуч и дигитален брзиномер. Врвното ниво што може да се добие со 1,5-литарецот е Chic Extra BiTon, со двобојна каросерија. За покривот да биде во бела боја, најдостапната варијанта чини 17.290 евра.

Истиот обем на нивоата на опрема важи и за изведбата на Yaris 1.5 со менувач со постојано променлив преносен однос (CVT), со тоа што доплатата за овој менувач чини точно 1.000 евра.

https://www.instagram.com/p/CErfm7esJV_/

И, Yaris Hybrid. Најпродаваната погонска варијанта кај претходникот дополнително нуди можност за двобојна каросерија во комбинација со нивото на опрема Chic. Во тој случај, цената изнесува 19.790 евра – моделот што е изложен во салонот е токму во оваа изведба.

Ексклузивно за хибридниот Yaris следат уште две нивоа на опрема: Style за 21.790 евра и Premiere Edition за 23.290 евра. Во првиот случај, Yaris се претвора во луксузна лимузина, со греење на волан, комбинација од кожа на седиштата, самозатемнувачки внатрешен ретровизор, безжично полнење на мобилен телефон, двозонски клима уред и проекциски дисплеј.

Ексклузивната серија Premiere Edition достапна и за македонските возачки и возачи

Реткост е ексклузивните воведни серии да се нудат на македонскиот пазар, особено во класата на Toyota Yaris. Тоа што Premiere Edition е достапен во нашата Toyota, најдобро говори за угледот што увозникот го ужива во европската мрежа. Оваа специјална серија се разликува во бројни детали, само неколку од нив: JBL-озвучување, стандардно двобојна каросерија, посебно обработени алу-тркала со пневматици 205/45R17 и дополнително затемнети задни стакла.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes S-Class Најважните бројки и факти

Mercedes S-Class: Најважните бројки и факти за W 223

илон маск во германија

Илон Маск во посета на гига-фабриката во Германија