за

Сé за новиот Toyota Yaris: Технички детали, премиери, хибрид

Сé е подготвено за стартот на новата генерација на „голем мал“, се чека уште Toyota да објави датум кога моделот пристига на македонскиот пазар. Дотогаш, најкомплетно претставување во наш манир.

Сé за новиот Toyota Yaris Технички детали, иновации, хибрид

Конструкторскиот пристап што Toyota го води како TNGA и постигна целосна преобразба на Corolla, RAV4, Camry & Co. во динамична и емотивна смисла, првпат се применува во класата на Yaris. Хибридниот погон од 4-та генерација постигнува 116 КС и реално троши 3,7 литри гориво. Бројните системи за асистенција што се вградуваат стандардно имаат за цел Yaris да биде најбезбеден градски автомобил во светот. Целосно го претставуваме новиот модел.

Развојното начело за 4-та генерација на Toyota Yaris е едноставно, но е голем предизвик да се испочитува: Автомобил што ги исполнува потребите на урбаното живеење, но исто и автомобил што прави да се ужива при возење на отворено и на автопат. Конструкторите создадоа автомобил што лесно се движи низ градскиот метеж и му треба малку простор да сврти, додека во исто време е просторен, комфорен и квалитетно изработен, опремен најмодерно.

Клучната формула што стои зад новиот Yaris е првата примена на конструкторскиот пристап TNGA во градски автомобил. Верзијата на „платформата“ се води како GA-B (Corolla, C-HR се на GA-C, додека RAV4, Camry и др. се на GA-K, итн). Главни одлики се исклучително ниското тежиште (-12 mm) и големата крутост на каросеријата (+37%).

New photo by Automedia MK / Google Photos

Главниот инженер на Yaris, Јасунори Суезава, создаде група од искусни експерти од развојниот, дизајнерскиот и производствениот огранок на Toyota и истата ја нарече The Compact Car Company. Целта беше да се направи уште подобар автомобил и уште повозбудлив нов Yaris, користејќи ги придобивките од новата платформа GA-B и од 4-то колено на хибридниот погон.

Наследството на Yaris

Генерацијата од 1999 година беше прв модел на Toyota со наслов на Европски автомобил на годината. Тој имаше карактер на „голем мал“, со исклучително просторна кабина.

Вториот Yaris беше прв модел во сегментот со 5 ѕвезди на Euro NCAP-TESTPROGRAMM

Третиот Yaris прв воведе хибриден погон во сегментот и пак постави стандарди во безбедноста.

Во дваесетте години, Yaris стана најважен модел на Toyota во Европа. Во 2019 година, тој постигна 224.000 продажби и удел од 7,6% во B-сегментот, со што стана најпродаван модел на Toyota во Европа, со удел од 22% во регионалната продажба на марката.

Производството е во фабриката на Toyota во Франција, близу Валенсиен, каде што концернот вложи 300 милиони евра за усвојување на платформата TNGA. Моторот од 1,5 литар за хибридната верзија и преносниот механизам за него се произведуваат во фабриката на Toyota во Полска.

Yaris се враќа на концептот на „голем мал“, додавајќи му „збиен и агилен“. Главниот инженер Суезава целел автомобилот да прикажува став на атлетичар на стартни блокови. Тоа го објаснува впечатливиот изглед на опашот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Додека сите модели растат, Yaris се скуси – за пет милиметри. Каросеријата е покуса од 4 метри, но меѓускиното растојание порасна за дури 50 милиметри, обезбедувајќи попросторна кабина. Платформата GAB дозволи каросеријата да биде за 40 mm пониска, но и поширока за 50 mm, со трага проширена за 57 милиметри. Предниот каросериски превис е скусен 10 mm, задниот 45 mm.

Основата на предните столбови е повлечена наназад, заради динамика во изгледот, но и заради подобра прегледност. Хаубата е подолга, новите светла користат диодна техника. Кога ќе се пуштат трепкачите, дневните светла се „претвораат“ во трепкачи. Најголемите фабрички бандажи имаат пречник од 17 инчи.

ВНАТРЕШНОСТ

New photo by Automedia MK / Google Photos

Внатре се работело според концептот „помалку е повеќе“. Суезава тука се посветил на возачот да му обезбеди врвна прегледност и концентрација на патот. Инструментите се пониско, предните столбови се поназад, предните седишта се повлечени настрана, за да има повеќе простор меѓу возачот и совозачот (+20 mm). Во Yaris е достапен и проекциски дисплеј со големина од 10 инчи. Воланот е смален, повеќе површини во кокпитот се обложени меко, вклучувајќи ги вратите.

ПРОСТОРНОСТ

New photo by Automedia MK / Google Photos

Предните седишта се повлечени 60 mm наназад (придонесува и за одличниот баланс), додека висината на седење е намалена за 21 милиметри. Воланот е 6 степени повеќе исправен и има нови копчиња. Длабинското местење на воланот е продолжено и сега има 77 mm òд. Багажникот е длабок 700 милиметри и располага со зафатнина од 286 литри.

ПОГОНСКИ ЕДИНИЦИ

Хибридниот погон во новиот Yaris е од 4-та генерација и поштедлив е за 20%, додека со 116 КС е за 16% посилен во споредба со претходникот. Забрзувањето од место до темпо сто е скусено за 15%, на 9,7 секунди.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најважните промени се постигнати во тоа што електромоторот сега може да го движи возилото до брзина од 130 km/h, барем во одредени услови. Yaris Hybrid минува и подолги релации само со погон на струја при возење во град. На тој начин, хибридниот погон уште повеќе се приближува до електричниот погон, но по драстично подостапна цена – и без грижа дали има полнач во близина. Емисијата на СО2 е сведена на 85 g/km во реални услови, додека просечната потрошувачка на гориво изнесува само 3,7 литри.

Инженерите ги следеа забелешките од сегашните возачи: Забрзувањето од 80 до 120 km/h, важно на пример при престигнување, скусено е за 2 секунди и изнесува 8,1 секунди. Воедно и погонот реагира подиректно при ниски брзини, а забрзувањето е порамномерно при возење по крувилест пат, заради поголемо возачко уживање.

Yaris Hybrid профитира од напредокот во четирите клучни компоненти на погонот:

– комплетно нов мотор Hybrid Dynamic Force

– нова литиум-јон батерија

– нов пренос

– нова контролна единица

Нов 1,5-литарски мотор изведен од 2,0-литарецот од Corolla и C-HR

Моторот што Toyota го означува како Hybrid Dynamic Force потекнува од четирицилиндарскиот мотор од 2,0 литри во Toyota Corolla и C-HR, и се води како дел од TNGA-платформата. Разликата е практично во тоа што е „скусен“ еден цилиндар, во манир што со години наназад се практикува масовно во браншата. Моторот е долгооден, со висока компресија 14,0:1 и високобрзинско согорување, заради подобра контрола на температурата и притисокот. Со термичка ефикасност од 40% моторот се вбројува меѓу најефикасните бензинци воопшто.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Вообичаено за хибридниот погон, моторот работи во еткинсонов циклус, односно вшмукувачките вентили остануваат отворени подолго време, одложувајќи ја компресијата. На тој начин се подобруваат ефикасноста и штедливоста, а се смалува моќноста – но, затоа е тука електромоторот да асистира. Моќноста само на моторот изнесува 93 КС, а вртежниот момент од 120 Nm се постигнува при 3.600 вртежи.

Моторот е мошне стишен и при 4.000 вртежи создава исто толкава бучава колку четирицилиндарец на 3.000 вртежи. Преносот вообичаено е e-CVT и го користи напредокот што Toyota го постигна во сиве години кај овој менувач.

ЕЛЕКТРОМОТОРИ

Хибридниот систем во Yaris користи два електромотори/генератори. Едниот е поврзан со предните тркала и во одредени услови сам го движи возилото. Вториот електромотор се користи за стартување на моторот и како генератор за полнење на батеријата.

ЛИТИУМ-ЈОН БАТЕРИЈА

Во новиот Yaris се користи литиум-јон батерија, со напон зголемен од 144 на 177,6 волти. Смален е бројот на ќелии, од 120 на 48. Зголемената енергетска густина овозможи батеријата да биде и помала и полесна (-12 kg). Батеријата сега е вградена под задната клупа, заедно со помошниот акумулатор, без да одзема простор од кабината. Литиум-јон батеријата во голема мера придонесува за подобрените перформанси при возење на струја во град.

ПРЕНОС НА СИЛА

Новата хибридна трансакцијална единица е покомпактна и полесна, со двата електромотори на посебна оска, место еден зад друг. На тој начин пирината на единицата се смали за 37 mm. Погонскиот електромотор постигнува 59 kW (80 КС) и 141 Nm, со максимум на 17.000 вртежи.

КОНТРОЛНА ЕДИНИЦА

Контролната единица подржува струја до 100 ампери и напонот од 177 волти од батеријата го зголемува на 580 волти. Транзисторска контрола во инверторот ја претвора струјата од еднонасочна во наизменична. Ладењето на транзисторите е подобрено. На тој начин е зголемена ефикасноста на целиот систем. Конвертор го претвора напонот од 177 волти во 12 волти за помошните уреди во возилото.

ОСТАНАТИ ПОГОНСКИ ЕДИНИЦИ ВО ГАМАТА

Новиот Yaris е достапен и со 1,5-литарски мотор со мануелен менувач со 6 степени или менувач W-CVT (W – wide range). Тоа е во основа истиот атмосферски мотор како во хибридниот модел, но со зголемена моќност и вртежен момент, односно со 125 КС и вртежен момент од 153 њутнметри. Третата опција е 1,0-литарец со три цилиндри и 72 КС, сличен со моторот во претходникот.

ВОЗНИ СВОЈСТВА

New photo by Automedia MK / Google Photos

Платформата GAB е основа на заначително зголемената возна динамика на Yaris. Кругот на вртење е рекорден во сегментот, со 9,8 метри. „Сакав да ја сменам возната динамика на Yaris, да постигнам доверливо и природно возење. Yaris се вози меко, прецизно и агилно, што прави возењето да биде уживање. Сето тоа го овозможи шасијата TNGA“, открива главниот инженер Суезава. Платформата ќе ја користи и новиот СУВ-модел Yaris Cross.

ВОДЕЊЕ НА ТРКАЛАТА

Предната оска користи класична мекферсон конструкција, со сменета геометрија и со намалено триење. Врвот на амортизерите сега служи како горна точка на вртење. Со промената во геометријата во исто време се намалени и вибрациите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Задната торзиска оска е 80% покрута, со што е смалено наведнувањето на каросеријата во свијоци и подобрена е управливоста. Со тоа се овозможи и примена на помеки пружини, во корист на комфорот.

ОПРЕМЕНОСТ

Toyota очекува 60% од продажбата да отпаѓа на модели со повисока опременост. Сите изведби стандардно поедуваат Toyota Safety Sense, камера за рикверц и електронска паркирна сопирачка. Опција е самостојно запирање кога при излегување во рикверц наидува возило од попречен правец.

Yaris ќе биде единствен модел во сегментот со опција за 10-инчен проекциски дисплеј. Тоа е во согласност со идејата возачот целосно да биде посветен на возењето (hands on the wheel, eyes on the road). Меѓу опремата од премиум сегментот се вбројуваат и озвучување JBL со осум звучници, греење на воланот, амбиентално осветлување.

КОНЕКТИВНОСТ

Поврзувањето со телефон е безжично преку Apple CarPlay и Android Auto, а ракувањето е преку средишниот дисплеј од 8 инчи. До онлајн-услугите може да се пристапи преку сопствената апликација MyT Toyota. Секако дека и безжично полнење не недостига во новиот Yaris, со лежиште со димензија 150 х 80 mm, доволно големо за новите генераци телефони.

БЕЗБЕДНОСТ

Кусо, новиот Yaris е создаден да биде најбезбеден во класата. Тој е прв модел на Toyota со централни воздушни перници, кои се отвораат меѓу возачот и совозачот во случај на страничен судир. Бројни други системи доживуваат премиера во марката преку Yaris. Импресивен е обемот од системи за асистенција: Самостојно запирање при опасност од судир (за возило напред функционира до 180 km/h) со препознавање пешак на пат (ноќе/дење, до 80 km/h), велосипедист (дење), предупредување при скршнување на крстоснива (за велосипед или пешак што наидува), самостојно избегнување пешак или пречка патот, радарски темпомат со функција во цел брзински дијапазон, камера за знаци, следење лента и автоматско долго светло.

ПРВИЧНИ ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ

  1.5 Hybrid
МОТОР  
Тип 3 цилиндтри, во линија
Гориво Бензин
Вентилски механизам DOHC 12 вентили VVT-iE, VVT-i
Моќност (kW/ КС) 67/91
Вртежен момент (Nm) 120
Систем за гориво Впрскување гориво
Зафатнина (cm3) 1490
Пречник x Од (mm) 80.5×97.6
Компресија (:1) 14
   
ХИБРИДЕН СИСТЕМ  
Тип на батерија Литиум јон
Номинален напон (V) 177.6
Системска моќ (kW/КС) 85/116
   
ПОГОНСКИ ЕЛЕКТРОМОТОР  
Тип Синхронен со постојан магнет
Напон (V) 580
Моќност (kW) 59
Вртежен момент (Nm) 141
   
ПРЕНОС  
Тип CVT
Диференцијал (:1) 2.834
   
ПЕРФОРМАНСИ  
Брзина (km/h) 175
0 – 100 km/h (sec) 9.7
   
ПОТРОШУВАЧКА
Просек (WLTP) 3.7
Резервоар (l) 36
ЕМИСИЈА НА CO2 (g/km) (WLTP)  
Просек 85
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Stinger освежување

Kia Stinger сега боде посуптилно

Секое седмо BMW или Mini во Европа вози на струја

Секое седмо BMW или Mini во Европа вози на струја